Денешна дата
10/12/2022

Морген Бјерегард, Европската федерација на новинари: Страшно е новинарите да се праќаат во затвор

Новинарите работат за вистината и нивните стории секогаш ќе бидат кажани, порачува првиот човек на Европската федерација на новинари (ЕФН), Могенс Блихе Бјерегард. Во интервју за Инбокс7, тој уште вели дека истражувачкото новинарство е еден од начините за борба, за зачувување на достоинството на новинарската професија чија иднина ја гледа во соработката меѓу он -лајн медиумите и социјалните мрежи

Спроведување на кампањи за новинарски права во источна Европа, регрутирање на членство, правна заштита и социјални права за новинарските здруженија и синдикати низ централна и источна Европа е темата на дводневната конференција во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Европската федерација на новинари (ЕФН). По тој повод во неделното интервју на Инбокс7 разговараме со претседателот на ЕФН, Могенс Бјерегард.
Инбокс7: Г-не Бјерегард, имавте можност да слушнете во какви услови работат македонските новинари, но и новинарите од централна и источна Европа. Какви се Вашите први впечатоци?
Бјерегард: За жал, овие работи ги гледаме во многу држави. Гледаме дека новинарството е загрозено. Тоа ми кажува едно, повторно и повторно, дека ние новинарите мора да се бориме за новинарството, да се бориме за слободата на говорот и особено да се бориме за саморегулацијата. Тоа е најважниот начин да обезбедиме добро новинарство, да обезбедиме квалитет. Затоа, треба да се бориме насекаде. Страшно е да се види што се случува тука, да се праќаат новинари во затвор. Сите ние се надеваме дека Кежаровски ќе биде ослободен. Тоа е страшна работа.
Инбокс7: Како да се направи тоа?

Бјерегард: Тоа треба да се прави на повеќе начини. Во земја каква што е Македонија, важно е новинарите да се организираат, да бидат силни. Да бидат силни за да може да влијаат врз политиката, да може да направат разлика и да бидат способни да и кажат на јавноста колку е важно тоа дека новинарството игра клучна улога во демократијата. На европско ниво пак, треба да одиме и да разговараме со Европската унија, со Советот на Европа и да дадеме свој печат на европското законодавство, на европските политики. Да дадеме печат на тоа што го прави Советот на Европа. Сите ние мора да знаеме кои се стандардите, а тоа се слободни медиуми, слободата на говорот, слобода на уредувачката политика. Со сето ова треба да одиме на различни нивоа, на локално, регионално, на европско ниво. Во мојата земја, Данска на пример, се бориме да ги избегнеме неправилностите во Законот за слободно информирање и слободниот пристап до информации. Ние во следните години ќе се бориме за тоа.
Инбокс7: Да проговориме за условите во кои што работат македонските новинари. Слушнавте за случајот со колегата Томислав Кежаровски кој е во куќен притвор, за пресудата од 10.000 илјади евра на штета на магазинот „Фокус” како и за нашиот колега Зоран Божиновски кој се уште е во бегство во Србија. Како да се справиме со овие конкретни проблеми?
Бјерегард: Најпрво треба да се видат сите информации. Добра работа денес е тоа што сите медиуми што постојат, он -лајн медиумите, не можат да ги сокријат информациите. Денес Владата, не може да ги стави на страна или да ги сокрие информациите кога сака да врши притисок врз медиумите и новинарите. Новинарските стории секогаш ќе бидат кажани. Но, прво мора да видиме кои алатки ќе ги користиме. Борбата за вработување е денес, исто така, голем проблем. Без организирање на новинарите и медиумските работници тешко ќе се направат промени бидејќи ова не е само за новинарите, туку за целото општество. Новинарите работат за општеството, за да ја кажат вистината, работат да дадат информации кои се неопходни за развој на демократијата.
Инбокс7: За да се избориме со предизвиците што стојат на патот на новинарството, Вие споменавте нови алатки, нови патишта, нови начини. На што конкретно мислите?
Бјерегард: Мора да го смениме фокусот за тоа какви беа медиумите во минатото со тоа какви треба да бидат медиумите во иднина. Треба да погледнеме како би работеле он -лајн медиумите заедно со социјалните мрежи. Треба да ги погледнеме медиумите од повеќе држави, би можеле да работат заедно. Треба да отвориме фронт и да се бориме за новинарството. Тука не мислам на борба помеѓу печатените и електронските медиуми на локално ниво, туку нешто повеќе од тоа. Има многу работи со кои треба да се соочиме. Но мислам дека треба да сфатиме една работа, а тоа е како социјалните мрежи и онлајн медиумите би работеле заедно. Во многу земји има такви обиди кои за жал некогаш пропаѓаат. Исто така треба да најдеме начин како новинарството да биде дел од иднината.
Инбокс7: Дали можеби истражувачкото новинарство е еден од начините да се справиме со проблемите, да им застанеме на патот на притисоците и да се избориме за достоинството на својата професија?
Бјерегард: Истражувачкото новинарство е многу, многу важно и поддржано од многу меѓународни медиумски организации. Во Данска на пример, од каде што доаѓам јас постојат такви меѓународни медиуми кои го поддржуваат и промовираат истражувачкото новинарство во Југоисточна Европа, Украина, Белорусија. Тоа е уште еден начин на борба и многу важна алатка која не само што ја покажува нашата солидарност, туку и го прави новинарството реалност.
Инбокс7: Кажете ни како ЕФН конкретно може да помогне во остварувањето на социјалните права и правната помош на новинарите?
Бјерегард: Треба да се фокусираме на образованието, на обуки и тренинзи на поискусните новинари. Треба да се фокусираме на дискусии со новинарите и преку нивните локални организации да ги разбереме нивните потреби. Така, да развиеме нови начини за да одговориме на тие нивни потреби.

opetceska@inbox7.mk