Денешна дата
01/10/2022

Учениците ги избркаа па сега ќе ги враќаат назад

Иако Министерството за образование и наука (МОН) го измени Конкурсот за упис во јавните средни училишта и одобри намалување на потребните минимум поени, сепак на почетокот на школската година не дозволи да се запишат оние кои имаат помал број поени од предвидените. Откако, поголем број ученици се испишаа од матичните училишта, МОН се премисли и им дозволи да се вратат назад. Неизвесноста се уште трае – во тек се контролни инспекциски надзори на Државниот просветен инспекторат

Збунети директори, наставници, родители, но најмногу збунети ученици го одбележува почетокот на новата учебна година во јавните средни училишта. И по еден месец, тие со сигурност не можат да кажат каде учат и каде ќе ја завршат учебната година.

 

monМОН со преголеми очекувања

 

Дали Министерството за образование ( МОН) погрешно пресметало или неговите очекувања биле преголеми кога во Конкурсот за упис предвидело дека секој ученик што ќе сака да се запише во средно гимназиско образование или во некоја од здравствените струки ќе мора да има минимум шеесет односно седумдесет поени? На оваа дилема се уште нема одговор од надлежните.

„Училиштата кои во двата уписни рока не ги пополниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс, потребно е до 22 август 2014 година да достават до Министерството за образование и наука, барање за добивање согласност за намалување на поените заради пополнување на испразнетите места”, пишува меѓу другото во Конкурсот за упис во јавните средни училишта за учебната 2014/2015 година.

Инбокс 7 контактираше со повеќе училишта, а најкритично е во средното училиште во Богданци. Според податоците на училиштето, по дописот од МОН, од 38 ученици, десетмина морале да бидат испишани и упатени на упис во други училишта.

„На почетокот на школската година добивме допис сите ученици што го немаа потребниот број поени да бидат испишани од училиштето. Четворица од нив заминаа во средното училиште во Гевгелија, еден ученик замина да се школува во Скопје, а другите ги испративме во текстилната насока. И кога децата се испишаа добивме нов допис дека учениците може да се вратат назад. Од десетмина само тројца се вратија”, вели директорката на училиштето Емилија Минева.

Според податоците на МОН пак, во учебната 2014/2015 година во ова средно училиште, во гимназиската насока требало да се запишат 68 ученици што е тројно повеќе од постоечките 28.

mm-brico

Во средното училиште „Методи Митевски-Брицо” го фатиле последниот воз. На само еден ден од испишувањето, до ова училиште стигнало укажувањето дека запишаните ученици може да останат и да продолжат да ја следат наставата.

„Во нашето училиште десетмина не ги исполнуваа условите за упис и уште во август испративме допис до МОН. Десетина дена по почетокот на училишната година од таму не ни дозволија да ги запишеме тие ученици. Но, само на ден пред испишувањето добивме нов допис од Министерството дека учениците може да останат во нашето школо”, вели директорката Билјана Петровска.

Согласно Конкурсот за упис на ученици во јавните средни училишта, во ова училиште годинава требало да се запишат 170 ученици во гимназиската струка.

Во учебната 2012/2013 година осмо одделение завршиле 22.900 ученици, а со Конкурсот на МОН за запишување ученици во 2013/2014 година беа предвидени 34.793 ученички места. Средното образование во Македонија е задолжително од 2008/2009 година.

 

Наместо професорите, за судбината на учениците решаваат политичарите

srednskolci

 

Училиштата да бараат согласност од МОН за намалување на поените за упис во средните училишта е новина која се воведе оваа година. До лани, за тоа одлучуваше наставничкиот совет на самото училиште. Запишувањето на испишаните ученици во други училишта дополнително се комплицираше поради тоа што за формирање на паралелки со утврден број на ученици кој не може да биде помал од 25, а не поголем од 34, одлука мора да донесе Советот на општината.

„Работиме со 28 ученици во две паралелки, но ние за тоа мора да имаме одлука на Советот на општина Богданци кој не функционира”, вели Минева.

M4034S-4208

Општина Богданци

Од општината признаваат дема имаат проблем во функционирањето, но и дека досега не примиле никаква иницијатива за решавање на проблемот.

„Поради немање кворум седниците тешко се одржуваат, но Советот е подготвен да расправа по тоа прашање ако биде ставено на дневен ред на некоја од седниците. Може директорката на училиштето да достави информација за состојбата со учениците и ние ќе ја разгледаме истата”, вели портпаролката на општината, Даринка Минова.

За разлика од нивните врсници од Богданци, гостиварските ученици од средното гимназиско училиште „Гостивар” имале среќа. По увидот што го направил Државниот просветен инспекторат, Советот на општина Гостивар донел одлука дека празните паралелки можат да се пополнат со ученици што се запишале во гимназијата со помалку од 60 поени.

Кај нас има 15 паралелки од кои 10 се на албански наставен јазик, три се на турски и две паралелки се на македонски наставен јазик. Од сите нив, само еден ученик се отпиша, но и онака неговото запишување беше дискутабилно и поради други причини, не само поради бодовите. Ние имавме проблем со испразнети места. Во секоја паралелка ни фалеше по едно до три деца за да биде запазен минимумот од 25 ученици. Но, Советот на општината ни дозволи да ги формираме паралелките”, вели Тафа Амети, професор во ова средно училиште.

 

Високи казни за непослушните

 

Надица Николоска, директорка на Државниот просветен инспекторат вели дека не само во некои, туку инспекторатот извршил надзор во сите 103 средни училишта во Македонија.

nadica nikolovska

Надица Николоска

„Констатирани се неправилности во 38 средни училишта и преземени се законски мерки, донесени се решенија. Доколку некој добил согласност од МОН за намалување на поените потребни за упис во средните училишта, тогаш ние тоа ќе го констатираме” , вели Николоска.

Во Битола пак, наместо Советот на општината, проблемот го реши МОН, со што заврши штрајкот на родителите на учениците на кои што не им беше дозволен упис во средното медицинско училиште „Јован Калаузи”.

„Незадоволните родители поднесоа петиција која ја испративме до Министерството за образование. Ни одговорија позитивно и сите ученици кои наместо шеесет имаа педесет поени беа запишани во фармацевтската, забарско-техничката и физиотерапевтската насока. Оние со 45 поени се запишаа на насоката за очна оптика. Сега наставата тече нормално”, вели Снежана Петровска, од одделението за образование во општина Битола.

Во Кочани 28 ученици се запишале во различни средни училишта, кој како знае и умее откако беа одбиени на конкурсот за упис во средното училиште „Љупчо Сантов”.

Неизвесноста околу уписот на учениците во средните јавни училишта се уште трае, затоа што како што вели Николоска, во тек се контролни инспекциски надзори. Сите оние училишта што запишале ученици со помал број поени, а при тоа не добиле дозвола од МОН, ќе бидат казнети со по 1.500 до 2.500 евра, а одговорните луѓе ги чека казна  од 1.000 до 1.300 евра.

 

 

Критериуми за избор на учениците  во јавните средни училишта.

− среден успех на ученикот од V – VIII одделение;

− среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката);

− дипломи од освоени (I,  II  и III)  места од меѓународни и републички натпревари од (мајчин јазик, странски јазик и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје);

− средна вредност од поени добиени за поведение.

*Извор: Министерство за образование и наука

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk