Денешна дата
17/08/2019

Загадувањето не сопира, секоја година нови 4.500 заболени од рак!

Две третини од годината сме изложени на загадување, а се проценува дека една третина од смртните случаи се од аерозагадување. Министерството за животна средина само констатира загриженост за процесот на набавка на филтри за фабриките со што се очекува да се намали загадувањето

автор: Жаклина Хаџи-Зафирова

Средовечната Вера Тушевска секој ден пазари на малото импровизирано пазарче од каде се протега поглед на некогашниот гигантски индустриски комплекс Железара, каде некогаш се топело руда, а денес, вели, не знаат што се произведува. Во населбата е уште од ’73-та година, но не памети дека некогаш имало толку многу смрдеа како сега.

“Порано имаше дим, но не се чувствуваше смрдеата. Порано се знаеше дека се топи руда во Железара. Сега не се знае ниту кој работи во Железара, ниту што се топи. Единствено што знаеме е дека чувствуваме печење во грлото и очите, кашлање…, раскажува жителката на Железара, каде летоска граѓаните се собраа на протести поради енормното загадување од кругот на комплексот, по што добија уверувања од фабриката “Макстил” дека ќе ја намалат работата на 30 проценти, а дека ќе работат исклучиво навечер. Сепак, Тушевска вели дека не е смирена поради ветувањата. “Чадот и смрдеата почнуваат да се чувствуваат навечер околу 19, 20, некогаш 21 часот. Некогаш кога ќе станам ноќе и ќе погледнам преку прозорец се гледаат облаци. Буквално како атомска бомба да паднала. Не можам да го опишам тоа. Бранови и бранови чад се креваат нагоре. Има моменти кога целата населба е во дим. Сите коментираат за ова, но кога треба да се излезе на улица, сите седат дома, со жалење констатира таа. Се жали дека има различни заболувања, меѓу кое и операција на очите, за што вели дека “сигурно не и е од одење на балет или седење во кафеана”. Но, она што е посебно загрижувачки за Тушевска е порастот на карцином на бели дробови во нејзиното соседство. “За една година во моето соседство четворица починаа од карцином на бели дробови. Мене ми изгледа алармантно. Се јавував во Министерството за животна средина за да го пријавам загадувањето, но знаете ли кој одговор го добив: па, еве и кај нас е загадено. Зарем тоа е одговор?”, вели  Тушевска. Таа ни го покажува огромното брдо од јаловина, за кое вели дека е создадено во последниве две-три години, иако пред тоа таму биле ниви каде се садело бостан и пченица. “Тоа брдо расте и расте. Дали е испитано што содржи јаловиштето? Јас не сакам ниту да критикувам, ниту да фалам, јас сум граѓанин на оваа држава и сакам пристоен живот“, со солзи во очите раскажува Тушевска.

Најголем број заболени од канцер во последните четири години се регистрирани во Скопје, каде само во општината Центар лани има 800 новозаболени во споредба со преклани. Од другите општини, на врв на табелата е Струмица, а потоа следуваат Битола, Велес, Куманово и Тетово

Во Македонија секоја година се појавуваат нови 4.500 случаи на карцином од различен вид, иако светските стручњаци тврдат дека оваа бројка е многу поголема, односно дека се работи за дури 7.000 случаи.

 

Сепак, во моментов, државните институции не водат евиденција дали канцерот го добиваат претежно пациенти кои живеат покрај фабрики и топлани, а кои се сметаат за најголеми загадувачи. Само се водат генерални бројки.

globocan

СКУП-Македонија истражуваше како и во која мерка аерозагадувањето може да се поврзе со појавата на канцери кај населението. Сознанијата се алармантни: Дури две третини од годината сме изложени на загадување, а се проценува дека една третина од смртните случаи се од аерозагадување.Високите концентрации на штетни гасови во последниве години се забележуваат и во летните месеци. А кога на ова ќе се додаде и фактот дека претстои грејната сезона, може само да се претпостави дали ќе ги надминеме рекордните загадувања на воздухот кои ги имавме зимоска.

Летово, Светска банка излезе со поразителни податоци, дека воздухот во Македонија е меѓу најзагадените во Европа,  како и тоа дека загадувањето со години е над европските стандарди. Македонија е на прво место на листата на Банката, кога станува збор за изложеност на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички. Додека, земјата се наоѓа на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух односно ПМ 10 честичките.

Според Светска банка, цврстите честички се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно.

 

„Прераната смртност се појавува од кардиопулмонарни заболувања и рак на белите дробови. Во 2011 година, нивото на загадување од цврсти честички беше примарно одговорно за 485 нови случаи на хроничен бронхитис, 770 болнички приеми и 15.200 итни посети. Со намалување на ПМ10 и ПМ2,5 до европските гранични вредности ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи и многубројни изубени работни денови, со што ќе се реализира заштеда во здравствени трошоци од 151 милиони евра годишно“, се нотира во извештајот на Банката.

zagaduvanje5

Драган Ѓорѓев, експерт по здравствена екологија од Институтот за јавно здравје кој работел на извештајот за Светска банка потенцира дека препораките од Извештајот, кои биле презентирани и на Владата, треба да се сфатат сериозно.

„Концентрациите на аерозагадувaњето се гледа дека во текот на годината се во огромен процент над дозволените лимити. Најголемиот процент на загадување е во Скопје, но и сами гледате дека од година во година и во други градови како Тетово, Кавадарци, често пати Куманово, Битола има загадување. Тоа се градови кои се сериозно загадени“, вели Ѓорѓев. Тој посочува дека во Скопје и во Тетово како клучни градови сега, загадувањето, кое е над дозволената концентрација, на одредени места е 60-70 отсто.

„Фактички, само 20 или 30 отсто од годината имаме концентрации под тие 50 микрограми на честички ПМ 10. Тоа се огромни концентрации. Некаква толеранција е највеќе 20-30 дена да се дозволи годишно да е загадувањето над дозволените концентрации, ама да имате 150, 200 или повеќе денови загадување, тоа се фрапантни бројки. Тоа е страшна пресија на живеење. Во Европа ако постои вакво нешто, веднаш се преземаат мерки за санација“, смета Ѓорѓев. Според неговите проценки, само во Скопје од околу 5000 смртни случаи кои годишно се регистрираат, 1200 се претпоставува дека се од аерозагадување.

Во текот на истражувањето, експертите од Светска банка правеле и таканаречени сценарија, а според кои ако само 5 микрограми се смали загадувањето, годишно ќе се спасат над 120 животи само во Скопје.

zagaduvanje4

СКУП-Македонија побара од Институтот за јавно здравје информации како се движи бројот на заболени од канцер по општини. Според извештајот на оваа установа, најголем број заболени од канцер во последните четири години се регистрирани во Скопје, каде само во општината Центар лани има регистрирано 800 новозаболени годинава во споредба со лани. Потоа следуваат општините Аеродром, Чаир, Ѓорче Петров, Карпош и Гази баба.

Додека, од другите општини, на врв на табелата е Струмица со регистрирани 3491 заболени од канцер, што е за 400 повеќе од преклани. Четиристотини новозаболени за само една година, лани се регистрирани и во Битола и Велес. А, стотина новозаболени се јавуваат и во Куманово и Тетово.

zagaduvanje tabela

Директорот на Клиниката за онкологија во Скопје, д-р Милан Ристески вели дека секоја година во државава се регистрираат 4.500 новозаболени од канцер. Од година во година се зголемува бројот на заболени од рак на бели дробови, а како главни причини тој ги наведува пушењето и загадувањето.

На прашањето дали може да се доведе во корелација појавата на канцери со загадувањето на воздухот, Ристески одговара:

„Секако, посебно во корелација со респираторните. Кога ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките ќе се внесат во организмот, тие не предизвикуваат веднаш канцер. Прво, треба на точно одредено место да предизвикаат мутација. Значи, не постои канцер без мутација. Треба да се случи генетска мутација“ појаснува д-р Ристески. Тој додава дека малигните заболувања настануваат по извесен број години, а ризикот за нивна појава расте и со возраста на луѓето.

Уште грејната сезона не е започната, а деновиве високи концентрации на загадување се регистрирани во Карпош, Гази Баба, Тетово, Велес, Лисиче и Кавадарци. На веб страната (http://airquality.moepp.gov.mk/?page_id=2) на Министерството за животна средина и просторно планирање загадувањето се следи преку  17-те мерни станици, но сите не функционираат. Надлежните не можат со сигурност да кажат кои загадувачи се „заслужни“ за овие високи концентрации. Уверуваат дека уште пред две години е формирана меѓуресорска група за намалување на загадувањето.

„Ние уште пред две години формиравме меѓуресорска група од сите релевантни министерства каде договоривме краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето. Точно ја знаеме состојбата со загадувањето, затоа и преземаме мерки. Порано топланите работеа на мазут и нафта, сега се сите на гас, тоа е огромна мерка за намалување на загадувањето. Набавката на новите автобуси исто така влијаат во делот на сообраќајот. Тука има огромно влијание и сообраќајот, ние се бориме да воведеме повисоки стандарди за увоз на постари возила. Огромно влијание има и градежниот сектор. Дадовме препорака до градежните компании да се мијат тркалата при излегување од градилиштата затоа што сето тоа е еден вид прашина која влијае врз здравјето на граѓаните. Потоа, препорачавме да се користи јавниот превоз“ објаснува Сашо Секуловски, портпарол во Министерството за здравство.

Сепак, експертите во Институтот за јавно здравје се сомневаат во спроведувањето на мерките за намалување на загадувањето кои беа дадени зимоска поради енормното загадување кое беше регистрирано. И додаваат дека мерките би требало да се воведат меѓу две грејни сезони, а не пред непосредниот старт на грејната сезона.

 

 

Кои се најголемите загадувачи?

 

Во текот на изработката на Извештајот на Светска банка, експертите ги утврдиле и загадувачите во индустријата за кои побарале концентрации на издувни гасови од фабриките.

“Направивме проценка кои се најголемите загадувачи, а тоа се РЕК Битола, Осломеј, односно тие што произведуваат енергија, се генерално најголеми загадувачи. На ниво на градови, тоа е процесот на греење, сообраќајот, сега веќе и урбанизацијата, оваа прашина што се крева, и индустријата, зависно од тоа која индустрија каде е лоцирана”, тврди Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје. Според него, честичките не се врзани само со одредена индустрија, туку се дел од издувни гасови кои доаѓаат од согорувањето на горивата кои се користат и во сообраќајот, греењето и од фабриките.

Сепак, како експерт по здравствена екологија тој посочува дека во светот не требаат вакви проценки за да се преземат мерки и да се одлучи за затворање на некој објект.

“На пример, јасно е дека Макстил загадува, дека е ставен во населена зона. Имате индустриски комплекси како што е Макстил, Цементарница Усје, кои се ставени во населена зона што е надвор од сите правилници. Мора да имате голема заштитна зона со зеленило околу тие објекти за да може да се намали аерозагадувањето. Така да нивото на ПМ 10 и ПМ 2.5 честичките, на пример, на нивото на населбата Лисиче е конгломерат од повеќе индустриски комплекси, но со насочено мерење ќе најдете од каде доаѓа загадувањето. Она што исто така треба да се прави, а не се прави редовно е мерењето на емисијата на местото каде што се издувните гасови. Од оние мерења кои се прават во Инспекторатот за животна средина, а кои ги имам како сознание, високи се тие емисии. Не е потребно некое строго поврзување: Тие загадуваат, емисиите им се високи, тие мора да намалат”, дециден е Ѓорѓев.

Тој наведува дека во светот, па и кај нас во Законот за животна средина постои овластување на политичките фактори и по мерка на предострожност да затворат некој објект ако се смета дека тој е потенцијален извор на загадување. “Значи, не мора да докажувате на суд дека тој објект загадува, туку може да се затвори по мерка на предострожност. Загадувачите се знаат, никој не може да спречи некого да се преземат мерки”, вели Ѓорѓев.

Според него, не се преземаат доволно мерки за да се сопре загадувањето. “Исто е и со сообраќајот. Јасно е дека Скопје не може да прими толку возила, а ние ги проширивме улиците.

Наместо да се прави рестрикција на сообраќајот, фокусот да биде на јавниот сообраќај, ние ги викаме возилата да дојдат во Скопје. Понатаму, градежни локалитети. Мерките да се наводнуваат тркалата на возилата од градилиштата, овие мерки не се спроведуваат стриктно. Тука имате голем извор на прашина. “Најтешко се контролира греењето на граѓаните, не се знае кој на што се грее”, додава Ѓорѓев.

 

 

 

Се уште се чека да стартуваат филтрите на „Макстил“ и „Југохром“

 

 

На еден месец пред завршетокот на пролонгираниот рок за набавка на филтри на фабриките „Макстил“ и „Југохром“, се уште нема официјална потврда до каде е процесот за и овие два индустриски капацитети да ја набават потребната А интегрирана дозвола. Како што е познато, тие претходно не го исполнија условот да ги купат филтрите до 1 април годинава, рок до кога  сите индустриски капацитети требаше да ја добијат А интегрираната дозвола. Владата донесе одлука само за овие две фабрики да се пролонгира рокот за набавка на филтрите до крајот на месецов.

Министерот за животна средина, Нурхан Изаири на почетокот на минатиот месец беше во посета на “Југохром“, каде констатираше дека фабриката доцни со реализација на плановите за исполнување на условите за набавка на еколошката дозвола.

Додека, пак, Министерството за животна средина и по четири месеци не ги обелоденува резултатите од мониторингот на загадувањето на инсталациите во “Макстил”, кои според нив, уште во јули се испратени во акредитирана лабораторија. Иако, двата мобилни апарати пет дена го мереа загадувањето во фабриката уште летово, резултатите се уште не се обелоденуваат со изговор дека се вршат споредби на резултатите кои, наводно, се добиени од акредитирана странска лабораторија.

„ Ние сме во постојан контакт со менаџментот на двете компании. Образложението зошто досега не се ставени филтри беше дека инвестициите се големи кај нив. Негде 10-11 милиони евра Макстил треба да одвојат за таканаречена хауба за прифаќање на овие ПМ 10 честички, односно прифаќање на прашината. А, исто се однесува и кај Југохром, кај нив пак проблем беше што сопственоста се префлуваше и постапките стоеја во место“ појаснува Сашо Секуловски, портпарол во Министерството за животна средина и просторно планирање. Железарци, кои летово протестираа поради издувните гасови кои се испуштаа од кругот на Железара, барајќи да сопре загадувањето, се помалку веруваат дека ќе се исполнат ветувањата за ставање на филтрите за да се спречи загадувањето.

“Навечер и наутро не може прозорец да отворите. Се чувствува неподнослива смрдеа, облаци, ништо не се гледа. Кога дишете таков воздух како нема да кашлате. Само никој не сака народот да го слушне во оваа држава. Како тргнала државата со одлагањето за филтрите, од месец до година, може на крај ќе не однесат до Бутел додека да стават филтер”, вели постар жител на населбата Железара кој живее во непосредна близина на индустрискиот комплекс Железара.

Разочарување има и кај невладините организации.

“Конкретните загадувачи Макстил и Југохром не го испочитуваа рокот за усогласување на технологијата со најдобрите достапни техники за намалување на загадувањето до април 2014 година, односно не ги спроведоа сите мерки и активности од оперативните планови со цел намалување на загадувањето. Макстил вети дека исполнување на мерките и спроведување на клучната мерка, изградба на кровна хауба за зафаќање на емисиите, ќе биде најдоцна до декември 2014 година. За жал, освен ветувањето и неколку објави од страна на Министерството за животна средина дека им изрекло казни поради непочитување на крајниот рок (иако никогаш не беа објавени податоци дека Министерството ги казнило), до сега нема податоци дека Макстил работи на изведување на кровната хауба”, вели Александра Бујароска од невладината “Фронт 21/42”, кои го следат загадувањето од индустриските капацитети. За “Југохром”, Бујароска констатира дека ситуацијата со спроведување на мерките е уште покомплицирана. “Операторот нема спроведено голем дел од мерките за намалување на загадувањето и оправдано, со оглед на финансиската состојба, се поставува прашањето дали овој оператор ќе успее воопшто да спроведе мерки за намалување на загадувањето или истиот ќе мора да се затвори” смета Бујароска.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)