Денешна дата
10/12/2022

ЕКСТЕРНО НА ФАКУЛТЕТ: ОД БОЛОЊА ВИА СКОПЈЕ ДО КОПЕНХАГЕН

Неиздржан и избрзан е предлогот на Министерството за образование и наука за воведување на државен испит во високото образование, коментираат професорите. Огромно мнозинство студенти го отфрлија предлогот на МОН за екстерно тестирање на факултетите. Министерот Абдулаќим Адеми најави дека нема да се оценуваат професорите, но тие прашуваат кој е попаметен од универзитетските професори па ќе врши верификација на знаењето односнo на испитите на универзитетите

Не стивнуваат реакциите од академската јавност дека предлогот на МОН за екстерно тестирање на факултетите, кое би се спроведувало во втора и во четврта година од студиите, е противзаконски и противуставен. Додека МОН ја убедува јавноста дека екстерното на факултет е само идеја, за која допрва ќе се дебатира со студентите и професорите, во јавноста излезе допис дека е веќе договорен данскиот модел.

 

Невладината МОФ направи анализа и ги таргетираше сите слабости на овој предлог почнувајќи од против уставни и против законски, кои се косат со ЕКТС па се до финансиските штети кои ќе ги трпат студентите. Надлежните излегоа со ветување дека понуденото решение нема го загрози Болонскиот систем, ниту пак ќе ја повреди автономијата на факултетот.

 

Јас не знам кој е попаметен од универзитетските професори па ќе врши верификација на знаењето, односнo на испитите на универзитетот. Еве на пример, за предметот Римско право, од сите 22 правни факултети заедно со дисперзираните низ цела Македонија, единствено Правниот факултет во Скопје има Римско право, па се поставува прашањето кој ќе ги оценува по овој предмет студентите кога ние тука имаме двајца наставници. Кој ќе биде квантумот на прашањата и кој е тој испитен центар кој ќе изврши верификација на знаењето на студентите кои ќе дојдат до четврта година“, прашува деканот на Правниот факултет на УКИМ, Борче Давитковски.

nazmi maliki

Назми Малиќи

 

Продеканот на Факултет за политички науки и меѓународни односи на ФОН Универзитет – Скопје, Назми Малиќи во изјава за Инбокс7, оценува дека овој процес е многу избрзан, бидејќи сè уште не ги знаеме резултатите од екстерното во средното образование, а ќе воведуваме во високото образование.

 

„Екстерното не е голема придобивка за подобрување на квалитот на образованието. Овој процес е многу избрзан“, вели Малиќи кој објаснува дека европските модели на образование треба да бидат пример за Македонија.

 

„Образовните процеси во ЕУ се следат во континуитет, како контролата, така и насочувањето на учениците уште од основно до средно образование. Оттука образовниот систем треба да има континуитет и да не се натрупува бројот на студентите само во еден смер. Во исто време имаме празни средни училишта. МОН треба со тоа да се занимава. Што значи тоа државен испит на факултет, потребни се информации од МОН и што ќе значи тоа за независноста на универзитетот?“, прашува Малиќи.

Тој е на ставот дека универзитетските професори не може никој да ги тестира, бидејќи на тој начин се повредуваат многу загарантирани права. За тоа не би ни седнал на маса да разговарам, вели Малиќи и додава дека МОН може да спроведе друг систем на контрола на знаењето како евалуациите кои и сега постојат.

Јас имам еден предлог во процесот на внатрешната евалуација- би прифатил студентите да не полагаат кај истиот професор кај којшто го слушаат испитот, тие едноставно нема да го познаваат професорот кога ќе дојдат на испит…“, предлага овој универзитетски професор.

Деканот на Правниот факултет на УКИМ, Борче Давитковски исто така го отфрла овој предлог на МОН како комплетно не издржан, бидејќи веќе постои систем на внатрешна и надворешна евалуација, кој не се коси со уставно загарантираната автономија на универзитетот.

Според мене тоа е противзаконско и противуставно ако се има в предвид дека постоечкиот Закон за високо образование според кој може да се изврши екстерна проверка на знаењата на веќе постоечките студенти. Имено, постои Одбор за акредитација и евалуација, порано беа два различни органи сега е еден каде што членуваат 21 универзитески професор од сите јавни и приватни универзитети кои што ги евалуираат нашите програми, односно ги акредитираат. Исто така имаат должност на секои 3 години да извршат евалуација. Можат во секое време да дојдат да извршат проверка и да видат дали и на кој начин ние спроведуваме испити, да извршат проверка на знаењата на студентите и т.н. Втор начин којшто е исто така согласно законот, ние сме должни да правиме внатрешна евалуација. Ние на Правниот факултет секој семестар правиме евалуација, бидејќи секој семестар според Болоња сите предмети се семестрални. Значи резултатите од тоа што нè оценуваат студентите што ја оценуваат и нашата администрација ги објавуваме на нашата веб страна. Исто така и годишниот извештај го праќаме на Ректорат којшто е составен дел на годишниот извештај од страна на Универзитетот“, вели во изјава за Инбокс7, професорот Давитковски.

Тој објаснува дека пред три години УКИМ бил евалуиран преку надворешна меѓународна евалуација. „Тогаш како урнек беше земен Правниот факултет, кога дојдоја експерти од Холандија, Норвешка и од Шведска, универзитетски професори кои поминаа тука 3-4 месеци и не евалуираа: комплет- програми, начин на испитување, литература сè. Тоа се механизмите кои веќе законот ги почитува коишто се во рамките на автономијата и кадешто академската заедница е вклучена во начинот на спроведување на образовниот процес“, дециден е Давитковски.

 

Деканот на Правниот факултет во Скопје истакнува дека Одборот за акредитација доколку на некој факултет констатирал неправилности можел да го санкционира па и да му ја одземе акредитацијата.

 

И ние сме за тоа да има вистински диплома, навистина оној којшто заслужил да дипломира но не на овој начин. Постојат многу други начини каде што Одборот за акредитација и евалуација на некои кои што им дале условно речено акредитација, а ако евалуација е негативна едноставно можат во секое време да ги затворат да им се одземе акредитацијата. Тоа е многу побезболен, побрз и полегален начин отколку сите студенти во исто кош да ги ставаме и едноставно едно тело – мамутско кое што ќе оценува дали некој е способен да студира или не е способен“, објаснува Давитковски за Инбокс7.

branko sarkanjac

Бранислав Саркањац

 

Професорот од Филозофскиот факултет при УКИМ, Бранислав Саркањац, кој е член на Одборот за акредитација и евлуација уште од неговото формирање 2011 година, не сакаше да го коментира начинот на делување на одборот, само кратко одговори дека тоа е многу широка тема.

 

 

 

СТУДЕНТИТЕ РЕКОА „НЕ“ ЗА ТЕСТИРАЊЕТО, АДЕМИ ГИ СЕДНА НА МАСА

 

Според министерот Абдулаќим Адеми целта не е да се затвораат универзитети, туку да се унапреди квалитетот на образованието со примена на искуствата од други земји.

Универзитетските професори сметаат дека е неопходна јавна дебата како и консултации со универзитетите за да се слушнат сите аргументи, како што всушност и најави заменик министерот за образование Спиро Ристовски.

ademi i rektor akademiska godina

Абдулаким Адеми

Адеми и неговиот заменик Ристовски по средбата со студенските лидери објавија дека заеднички став на првите луѓе на студентските организации бил дека „поддржуваат дебата и активно вклучување на сите засегнати страни во реализирање на идејата за државен испит, а особено на академската заедница, со единствена цел, тоа да биде во корист на студентите“.

 

Сепак, веднаш по објавувањето на идејата за полагање државни испити во втора и четврта година од студиите, огромно мнозинство студентите револтирано го отфрлија овој предлог. Како што покажаа резултатите од анкетата спроведена од  Факултети.мк  за неполни 48 часа по објавувањето, бројот на студенти кои не се согласуваат со оваа одлука е значително поголем од оние кои ја поддржуваат. Поточно, од вкупно 3.703 само 277 (7%) читатели сметаат дека полагањето државен испит во текот на студиите е праведно, додека останатите 3.426 (93%) се против и не ја прифаќаат идејата.

На најавите од Министерството за образование реагираше и Младинскиот образовен форум, од каде велат дека екстерното нема да го подобри квалитетот на високото образование. Воведувањето на државниот испит  е во конфликт со уставно загарантираните норми, со член 44 и 46 од Уставот на РМ, односно правото на образование и загарантираната автономија на универзитетите, велат од МОФ.

Со измените на Законот за високо образование од 2011-та година се предвидува надворешна евалуација во процесот на проценка на знаења на студентите во прв и втор циклус студии. Евидентно е дека моделот предложен од страна на МОН не соодветствува со она што е предвидено во член 113 од Законот за високо образование, пред сè во делот на ограничување на правото на студии за студентите, се вели во анализата на МОФ.

 

БОЛОЊА ПРОИЗВЕДЕ МНОГУ МАГИСТРИ

 

После 11 години од воведувањето на Болоњскиот начин на студирање рапидно расте бројот на магистри и диктори, а нискиот квалитет на високот образованието е последица и на диспарзираните студии, како и на дел од приватните универзитети, велат професорите. Според нив најапсурдно е што владата како предлагач на оваа мерка самата придонесе кон омасовување на студиите токму преку воведувањето на дисперзираните факултети.

Убедувајќи ја јавноста во неопходноста на тестирањето со цел да се подобри квалитетот на високото образование министерот Адеми дециден – доколку произлезе дека причини за намалување на квалитетот   на високото образование се дисперзираните студии, можно е да се укинат иако тој не се согласува дека немаат квалитет.

Според Малиќи, Болоња е сроведлива во Австрија и Германија, бидејќи кај нив постои континуитет кој се градел со години наназад, а ние треба да воведеме стандардизација на основното и средното образование, едноставно кај нас тој континуитет е пресечен, смета професорот на ФОН. Мобилноста на студентите не се спроведува бидејќи се соочени со не постоење на унификација на предметите во Универзитетите во странство каде сакаат да го продолжат студирањето.

 

Болоњскиот систем по примерот на некои германски универзитети, подразбира подвижност и на студентите и на професорите. На нашите фалуктети се затрупавме со изборни предмети, многу испити се направија едносеместрални, обврзувачка е редовност на студентите, а падна квалитетот на знаењето. Јас сметам дека за општествените науки на целиот Балкан е паднат квалитетот. Треба да се учи повеќе. Добро е што се мотивираат многу луѓе да студираат, но ЕКТС не функционира ако студентот не добие знаење“, оценува Бранислав Саркањац, универзитетскиот професор на Филозофскиот факултет на УКИМ.

vaska bojadzi

Васка Бојаџи (фото МОФ)

 

Студентскиот правобранител на УКИМ, Васка Бојаџи смета дека воведувањето на државни испити за студентите се коси со ЕКТС.

 

Со воведувањето државни испити со кои би се оценувало стекнатото знаење од цели 2 академски години, прво би се оневозможиле поволностите кои студентите ги добија со ЕКТС системот. Во никој случај не смее да им биде ускратено правото на студентите да го полагаат испитот во неколку последователни испитни сесии, што би се случило доколку таквиот државен испит се полага по завршувањето на втората академска година од студиите. Проблематично е и прашањето за бројот на државни испити кои би требало да ги полагаат студентите чии студиски програми траат три или пет години“, објаснува Бојаџи во својот напис за Академик.

Последниве години околу 90 отсто од средношколците заминуваат на факултет. Со Болоњскиот сисем на студирање, дополнително расте и бројот на магистри, а вработувањето се уште останува огромен проблем за сите високообразовани млади луѓе.

 

Од вкупното активно население од 957.790 лица, невработени се 270.325, објави Државниот завод за статистика пред еден месец. Она што загрижува е што и понатаму имаме висока стапка на невработеност кај младата популација, се зголемува невработеноста кај жените и кај оние со високо образование (невработеност кај најмладите лица на возраст меѓу 15 и 24 години е и највисока, 55,2 отсто. По нив се оние на возраст меѓу 25 и 49 години каде што невработеноста изнесува 27,2 процента).

 

Како недостатоци на Болоњскиот систем често се посочуваат двете одреби, според кои некогашните четиригодишни студии се изедначени со степенот магистер и по тригодишното завршување на додипломските студии се добива сертификат наместо диплома. Болоњскиот процес со системот 3+2 (или интегрираните студии 4+1) е воведен за да им обезбеди на студентите по три години бечелор диплома со која тие се подготвени за вработување. Но најчесто студентите ги продолжуваа студиите и голем број од нив завршуваат магистерски студии.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2013 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.664 лица со што во споредба со 2012 године, бројот се зголемил за 6.1%. Статистиката од предходната 2012 година, зголемување на бројот на магистрите за 21,2% во споредба со 2011.

 

Рекорд од 87.3% зголемување на борјот на лицата кои станале магистри е забележан во 2011 споредбено со предходната 2010 година. И во 2009 година статистиката бележи зголемување за 56.3% во споредба со 2008 година.

На сличен начин се зголемувал и бројот на доктори на науки, само за илустрација според податоците на ДЗС, во 2013 година, звањето доктор на науки го стекнале 219 лица што претставува зголемување за 50% во споредба со 2012 година. (линк доктори на науки

 

ШАНГАЈСКА ЛИСТА НА ВИСОКООБРАЗОВНИ ИНСТИТУЦИИ

 

Квалитетот на високо образовните институции во Македонија се определува и според нивниот ранг на Шангајската листа. Министерството за образование очекува рангирањето да ја зголеми конкуренцијата и да го подобри квалитетот на високообразовните институции. Скопскиот универзитет Св Кирил и Методиј и оваа година е прв на ранг листата што ја направи центарот за светска класа на Шангајскиот Џио Тонг Универзитет од Кина по барање на Министерството за образование. Во конкуренција на 20 домашни универзитети и високи школи, од пет најдобро пласирани на листата дури четири се државни. Единствен државен универзитет надвор од најдобрата петорка е државниот универзитет во Тетово, кој за разлика од предходната академкса 2012 сега отпадна на 9 место. Последен на националното рангирање на високообразовните установи во Македонија е „Евробалкан“, кој минатата година од институт прерасна во универзитет.

rang-lista

На светската листа од 500 најдобри универзитети првите места редовно ги држат американски и британски високо образовни институции како Харвард, Стенфор, Кембриџ ниту еден македонски универзитетот досега не се нашо на оваа престижна листа, а министерството за образование испраќа само стипендисти од Македонија.

 

ДАНСКИОТ МОДЕЛ – ИДЕЈА ИЛИ РЕАЛИЗАЦИЈА

 

Опозиционите партии воведувањето на екстерното за факултетите го нарекоа најнов хир на власта.

Јасно е дека и овој парцијален обид на Владата ќе остане неуспешен, поради предлабоките и суштински грешки во изминатите осум години и потврдува дека Владата нема концепт во образованието. Екстерното тестирање на факултетите е признанието на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за колапсот на концептот според кој образованието е „магацин“ за одлагање на пристапот на младите до пазарот на трудот. Eрозијата на образовниот систем започна со задолжителното средно образование, неселективно „субвенционираното“ високо образование на државните универзитети и континуираното девалвирање на постдипломските и докторските студии“, порачаа од Либералната партија.

 

По објавата на дописот – владин заклучок донесен годинава во јули, кој го објави СДСМ, екстерното ќе се спроведува според данскиот модел, а Министерството за образование без конкретен одговор на прашањата на Инбокс7.

 

Според опозицијата проектот за екстерно тестирање на студентите е во фаза на реализација и веќе се имплементира, а Одборот за акредитација и евалуација е задолжен за негово спроведување.

studenti

Станува збор за допис од министерот за образование до Интеруниверзитетската конференција со којшто се известуваат универзитетите дека мора да се реализира Заклучокот на Владата. Министерството од факултетите бара да се изберат клучни предмети без коишто не може да се заврши конкретен факултет и тие да се една четвртина од вкупниот број на предмети, објави СДСМ. Потенцирајќи дека Министерството бара факултетите да распишат оглас за избор на надворешни евалуатори, кои ќе спроведат екстерна евалуација на знаењето на студентите.

Објаснувањето кое следеше од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше дека идејата е да се направи голема база на прашања, врз основа на наставната програма по предметите кои самиот универзитет ги пријавил во телото за акредитација како наставна содржина, од кои прашања дел ќе им се паднат на студентите при полагање на испитот.

 

Министерот Адеми само објасни дека целта на екстерното тестирање е студентите да ги заслужат своите дипломи, за професорите, рече, ќе нема екстерно тестирање, бидејќи тие поминуваат преку ригорозни филтри и се профилираат со исполнување соодветни критериуми.

111-George Ivanov

Ѓорѓе Иванов

 

Македонското високо образование и Македонија како држава мора да се соочи со европските критериуми, изјави неодамна претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов. „Како се приближуваме кон Европа, така треба да применуваме европски стандарди и вредности. Нашето образование е дел од европскиот образовен простор и мора со сите тие критериуми ние како држава да се соочуваме“, ја изрази својата поддршка и Иванов.

stavrova@inbox7.mk