Денешна дата
28/01/2023

ОД ВАШИНГТОН КРЕДИТИ, ОД БРИСЕЛ ХИПОТЕКИ – ГРУЕВСКИ НА ВЛАСТ

Недела на нови „драмолетки“. Само што заврши политичката претстава „Дајнерс“ во барокниот МНТ, во режија на Шеќеринска, власта си го врати владеењето со театарот на апсурдот.

Ден по доаѓањето на извештајот од ЕК, од чии оценки и косата на глава се крева, во Скопје стигна и ебола. Како зараза на медиумскиот простор, со вест од провладин медиум од македонски новинар-дописник на светска агенција, која до вчера беше критикувана од оваа Влада, Македонија експресно стана топ тема. И наместо енигмата да се разреши со два телефонски разговори во Лондон, да се провери каде биле двајцата Британци на патот до Скопје, дали и од што боледувале, како еден странец во домашен хотел, главно за странци, одеднаш три дена го снемува од Скопската чаршија (што ли прават луѓето од ДБК), од екраните обид да се внесе нов страв. Јавноста 48 часа беше бомбардирана со дози на трауми – ту има, ту нема ебола, па сè е изолирано, под блокада, а, сепак, вриеж во Клинички и низ трговскиот центар „Мавровка“. Но, луѓето одамна се вакцинирани од овој тип на манипулации. Сепак, по успешно изведената СВОЗ-операција да се замрзне и последната помисла дека на овој дел од Европа се заробени слободата на мислата, критиката, пазарната конкуренција, навремените информации кој колку и кому му должи, поради идните генерации кои се жиранти на ова галопирачко државно задолжување без покритие?! Видовме и слушавме како е возможно сè да се стави во карантин.

Ни на крај памет помислата да ја увеземе еболата. Но, со цела доза на сарказам и малициозност, баш би се обложил дали ќе има некој од моите колеги, истурени репортески перјаници, кои би известувале од местото на настанот и битката со оваа чума на деценијата? Толку за новинарската експресија. Но тие што се разбираат знаат веднаш, штом министерот за здравство го немаше истопорен пред камерите, ништо од заразата!

Се разбира, еболата ги засенчи и маестралните, непристрасни интерпретирани теории за новата геостратегија, на старите Кисинџер, Бжежински, Хантингтон, Карнеги. И сè е тоа масло на Американците. И се редеа сите нивни помодерни злодела, од Куба, Панамски и Суецки канал, Виетнам, Иран, СФРЈ, Украина, па сè до најновите арапска пролет и Алкаеда до исламскиот калиф… Гвантанамо… Седат, пишуваат и мудруваат нашите медиумски геостратези.

Според нив, на Исток изгрева сонцето на слободата. Русите не се такви никакви, како Американците. Тие не подигнаа Берлински ѕид, не ја задушија Унгарската пролет, кон средината на педесеттите, па деценија потоа чешката слобода на Дубчек и Палах, полската хунта на Јарузелски насочена кон работничкиот гнев и солидарност на Лех Валенса, па сè до поновите интервенции на руските солдатески врз суверен Авганистан, Грузија, Украина… А, Гулак…

И добро е што медиумските и експертските перјаници на антиквизацијата не го даваат името и по цена да бидеме надвор од НАТО и ЕУ, што и така се распаѓаат, како што пишуваат новинарските геостратези. Мора да се налудничави скандинавските земји кои сега го сакаат чадорот на Алијансата, што фаворизираниот Бразил од петорката на БРИКС, сега намигнува, заедно со Мексико кон северно-американската НАФТА?!

Во таков домашен антиевропски и антиамерикански амбиент, за овдешните мејнстрим – јаничари не е важно што речиси 2 милијарди евра, една третина од трговската размена на Македонија со светот, отпаѓа на извоз-увоз само со Германија. И тоа со суфицит од 1,2 милијарди евра. Не е ни битно што разулавеното трошење на заедничкиот буџет на сите граѓани, се пополни со 500 милиони евра од продадената обврзница кај британско-германските банки и западни инвестициски фондови, со риволвинг кредитни аранжмани што се пропагираат како исклучително евтини. Но што е со последните иницијативи за новата медитеранска модерна трансверзала, новиот гасовод ТАП, алтернативата на оспорениот монопол од рускиот Јужен поток?

Зарем повторно се греши во чекори на приоритети? Каква е смислата да се градат внатрешни автопати кои имаат локален карактер, кон Охрид и кон Штип, што нели ќе се даваа на концесии на странци, па дури и за нив беа неисплатливи, зашто низ нив дневно возеле „стотина автобуси, автомобили и камиони“, како што се објаснуваше од високите владини челници? Наспроти поврзувањето со новиот европски коридор, преку Босна, Албанија, кон Софија и кон Истанбул, или брзите пруги кон север и железницата кон Бугарија, наш шести трговски партнер, Македонија се заглавува во долгорочно неисплатливи домашни коридори? Зошто за овие теми нема(ше) стручна дебата, слободно искажан став. За страв кај експертската и кај компетентната јавност, пишуваат европските институции во Брисел.

Неспорен е конечниот владин мини-маршалов план, преку крупни инфраструктурни и капитални инвестиции да се менаџира со предизвиците од тлеечката економско-финансиска криза. Но и во овие услови на стабилно владино мнозинство, можеби и треба да се има политичка храброст, неопходно е да биде и допуштено да се размислува опозициски од власта. Самата ќе зажали кога некомпетентни пратеници јавно ја бранат идејата за слободни финансиски зони, за што молчат универзитетските финансиски експерти? Со дебата и слобода на мисла и идеја, се презема ризикот и се дели одговорноста за решенија што ги засегаат идните поколенија. На пример, во едно од гледиштата изнесено и во Стратегијата на МАНУ за енергетскиот развој до 2025 година, се сугерира брза изградба и заштита на хидро-потенцијалите Чебрен и Галиште. Со малку поголема скромност во приоритетите околу Скопје 2014, рационалноста во гломазната администрација, заштедите од увезената струја, досега ќе се обезбедеа најмалку половина милијарда евра за овие важни енергетски потенцијали, со огромни базени за идниот најскап светски производ – водата. Средствата вложени во таквите капитални објекти би имале квалитет на домашна фискална и на финансиска одржливост на јавниот долг. Плус, со тоа се отвораат шанси за рестартирање на некои домашни капацитети од транзициски руинираните капацитети, кои располагаа со релативно стручна и високо квалитетна работна сила, што сега како евтин труд и обезвреднети објекти се употребливи за изнајмување кај странските инвеститори.

Но што е, тука е. Сè додека од Брисел само стигнуваат опомени за галопирачкото задолжување и одржливоста на јавниот долг на централната власт, а веднаш потоа Светска банка и ММФ доделуваат нови кредити од 157 милиони долари, значи дека е успешна финансиската и политичката матрица на тандемот Груевски – Ставревски. И натаму продолжува практиката на привлекување повластени инвеститори и странски компании. Одличен PR е информацијата дека догодина „Џонсон контролс“ од Македонија ќе извезе една милијарда долари. Но, никој не кажува дека увозот за истата компанија е 95 насто од нејзиниот експорт преку Бунарџик.

„Властите отворија поголем број специјални економски зони во земјата, со цел да се охрабрат странските инвеститори, што, секако, е корисно. Но, кога станува збор за слободните зони, ние не ги гледаме прелевањата од нив врз домашната економија. Треба да се направи повеќе прогрес во бизнис околината за да се зголеми продуктивноста во останатиот дел од економијата“, вели Фил Гарсон од ММФ.

Со позиција или без неа, тие ќе владеат со Македонија додека не почне да се наѕира грчката спирала на непремостливи долгови и тамошната петгодишна стагнација. Што се нашите три милијарди наспроти сто пати поголемите репрограмирања на раскалашените Грци и нивните елити. Но, опасно е да се игра на таа логика во санирањето (простувањето) на дел од долговите во Македонија. Во нашиот случај, таквите потези секогаш одат со притисок од странците – земи или остави!

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)