Денешна дата
05/12/2020

Државата штеди на современи ортопедски помагала

Државата сака да заштеди на сметка на квалитетот на помагалата, ортопедските куќи сакаат да заработат, а на средина се пациентите чии тажни човечки судбини се сведени на графи и шифри во компјутерот на некој државен службеник

автор: Сунчица Стојановска – Зоксимовска 

Текстот е изработен како дел од Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија ● Овој проект го спроведува БИРН Македонија, во соработка со  Центарот за граѓански комуникации, Центарот за истражувачко новинарство „СКУП Македонија“, истражувачката емисија „Код“ и дневниот весник „Коха“.

1Dragica i Stefan

Бидејќи Драгица е полнолетна, според Правилникот на ФЗО, таа може да добие нова количка еднаш во пет години. Следната – во 2017 година. На Стефан му следува една количка на три години | Фото: Сунчица Стојановска-Зоксимовска

 

 

Кога влеговме во куќата на семејството Иванови од Неготино, мајката Светлана ја креваше ќерката Драгица во раце и ја смести во сината инвалидска количка среде соба – девојката седна неудобно во количката, а притоа се смее, среќна дека таа нам нешто ни покажува.

Драгица има 19 години, а брат ѝ Стефан десет. Откога се родени се врзани за кревет. Двајцата се болни од церебрална парализа, не можат сами да станат, ниту да одат. Од утро до мрак се зависни од тоа некој да ги крене, да ги нахрани, да ги легне…

Бидејќи Драгица е полнолетна, според Правилникот на ФЗО, таа може да добие нова количка еднаш во пет години. Следната – во 2017 година. На Стефан му следува една количка на три години. Ако се расипат количките, им е обезбеден сервис. Но, ако ги надраснат, што најчесто се случува со деца на таа возраст, процедурата да ги заменат со нови е сложена, па дури и со неопходната документација се случува Фондот да ги одбие пациентите. Поради оваа причина, има пациенти кои сами се откажуваат од помагалото.

Минатата година количката ѝ беше комотна. Годинава едвај седи во неа, ременчињата ја стегаат. И Стефан е во години кога побрзо расте, па и нему помагалото му е мало. Му ставам перници под рацете за да не се повредува од железата. Но мораме да ги возиме во нив, оти други колички сега нема да добијат – вели Светлана.

Ако Иванови беа поимотни, ќе можеа да купат други колички за своите деца – едни мали, електрични и лесни за управување што ги гледале во каталог. Една е 2.500 евра, двете – 5.000 евра. Таквиот износ е незамислив за ова скромно семејство во кое работи само таткото, а мајката 24 часа мора да ги чува болните деца. Да имаа пари, тие можеби ќе купеа акумулатори за електромоторната количка што им ја донирал неготинскиот Црвен крст, која откако ја добиле, стои неупотреблива во дворот.

1elektricnata kolicka nefunkcionalna

Да беа Иванови имотни, ќе купеа акумулатор за донираната количка која неупотребена седи во дворот | Фото: Сунчица Стојановска-Зоксимовска

Двата акумулатори со кои ќе се оспособи количката ќе го чинат околу 30.000 денари. Многу е, вели таткото Трајче и немоќно крева раменици. Соочена со безизлезност, Светлана нежно ѝ зборува на ќерка си: „Ќе проодиш, мамино девојче. Кога ти ќе застанеш на свои нозе, мама веќе за ништо нема да се грижи“.

Покрај инвалидски колички, ова семејство користи и ортопедски чевли за Драгица. Но и тука државата ги ограничува – до лани можеле да земат еден пар годишно. Односно, ако во зима зеле чизми, во лето немаат право на сандали. Минатата година ФЗО прифати дел од барањата на граѓанските организации и здруженијата на пациенти. Беа направени  повеќе измени во Правилникот, меѓу кои и за ортопедските чевли. Од лани, децата до седум години имаат право на два пара чевли во годината. Децата од седум до 18 години, ова помагало ќе можат да го набавуваат на девет месеци.

Валентина, мајка на Катерина(21), која исто така е во количка, признава дека и за количка морала да се снајде на заобиколен начин.

Ако не направевме ништо, Кате и в година ќе седеше во тесната количка. А детето реагира, ја стега во колковите и плаче. Зошто државата нè тера да правиме, да речам малверзации, за да дојдеме до помагало? – вели Валентина, мајка од Велес.

Роза Мојсовска е родена со телесен хендикеп. Таа 38 години живее во заводот „Бања Банско“, единствена установа во Македонија што згрижува лица со телесен инвалидитет. Розе е најпознатата штитеничка на Заводот – таа е уметничката во количка што слика со уста. Вели дека количката што ја има ѝ е донација.

Roze Mojsovska1

Роза Мојсовска: Државата не ми излезе во пресрет, количката што ја имам е донација | Фото: Сунчица Стојановска-Зоксимовска

Таа апелира Фондот да го смени Правилникот и секој да може да добие количка на електричен погон. Во Правилникот има строги ограничувања за таа да се добие. Улога игра и цената – чини околу 2.000 евра и е поскапа од рачните.

Нам количките ни се нозе. Со рачната, некој мора да ме турка. Како мене, така и другите. Со електромоторна, пак, можам сама да се движам. Ете, јас имав среќа, ја имам количката, но и одржувањето чини пари – вели Роза.

Кого и да прашате од луѓето во количка што најмногу им треба, велат – вертикализатор. Тоа е справа што го држи телото исправено. Но, ФЗО тврдат дека досега никој од нив не поднел барање вертикализаторот да биде вклучен во списокот на ортопедски помагала. Нема изгледи ниту дека ќе се олабават критериумите за електромоторните колички.

Согласно со медицинските потреби на осигурениците, ФЗО има точно утврдени критериуми со кои би се овозможило право на електромоторни инвалидски колички да имаат сите осигуреници што имаат потреба од ова помагало – одговорија од Фондот.

Кој ги застапува пациентите?

1P1020373

Веќе три години нема кој да ги штити правата на фондовските осигуреници во Управниот одбор на ФЗО | Фото: БИРН

Веќе три години нема кој да ги штити правата на фондовските осигуреници во Управниот одбор на ФЗО. До 2011 година, свој претставник во одборот имаше Организацијата на потрошувачи. Тоа беше професорот на Правниот факултет, Горан Коевски.

Тој пред три години дал оставка, а оттогаш никој не е именуван на негово место. На веб-страницата на ФЗО уште стои дека претставник е Коевски. Во август годинава прашавме во Владата кога ќе назначат нов претставник на осигурениците. Одговор не добивме, но сепак, истиот месец, владините служби побарале од Организацијата на потрошувачи да предложи член во Управниот одбор на ФЗО.  До сега, Организацијата не дала предлог.

 

 

 

 

Критериум – да се плати најевтино  

tab11new

Во текот на 2013 година вкупните финансиски средства издвоени за помагала се вкупно 462 милиони денари, што во однос на 2012 е пораст за 15%, но зголемените трошоци не значат и зголемен квалитет | Извор: ФЗОМ

 

Фондот од вкупниот буџет троши 2 отсто за помагалата, или, во последните три години, износот од 360 милиони денари годишно се зголемил на 450 милиони денари . Па, сепак, истражувањето на БИРН покажа дека државата штеди на парите што ги издвојува за корисниците на ортопедски помагала, оти зголемените трошоци не значат и понови или посовремени помагала.

„Како референтна цена на помагалото во референтната земја се зема најниската референтна цена на истото помагало во таа земја“, се вели во членот 7 од Правилникот за утврдување цени на ортопедски помагала, со датум од 27.12.2011 година.

Според извор вклучен во бизнисот со помагалата што го консултираше БИРН овој член е практично обврска на државата да оди постојано со најниска можна цена која не може да се промени. Споредувањето се прави со земјите од регионов: Србија, Бугарија, Хрватска и Словенија.

– Ако во Македонија цената е пониска од цените на соодветното помагало во референтните земји, се задржува цената во Македонија. Ако во Србија се појави некоја фирма со еден човек, или фирми кои постојат година-две и после згаснуваат, а понудиле кон српскиот Фонд 30 евра за слушен апарат, автоматски и нашиот Фонд прифаќа 30 евра за тој апарат. Ќе се јави некој човек-фирма во регионот, ќе поработи колку да си ја проба среќата, а неговата цена потоа останува со години и кај нас, со ваков Правилник – вели нашиот соговорник под услови на анонимност.

Тој смета дека пореално ќе биде ако наместо најниската цена во една референтната земја, се земе просечната цена на помагало во сите референтни земји.

Проблемот со цените директно се одразува на луѓето со инвалидитет. Возрасна жена од Скопје е единствена во државата без две раце и една нога. Таа користи електронски протези за кои ФЗО имал референтни цени од околу 12.500 евра за протеза. Потоа ја симнал цената на околу 4.800 евра за подлактна и 5.300 евра надлактна протеза. Само материјалот за протезите чини двојно повеќе. Поради ниските цени определени од Фондот, фирмата „Славеј“ престанала да изработува и некои посложени ортопедски чевли.

tab12new

Бројот на ортопедските помагала во Правилникот на ФЗО не е мал, но проблемите се поради тоа што треба да се воведат нови помагала, да се скрати рокот на користење на дел од постојните и да се користат поквалитетни материјали | Извор: ФЗОМ

Горан Чалоски, директор на „Славеј“, одби да коментира како референтните цени на ФЗО, за помагалата што ги изработуваат, им се одразува на бизнисот.

– Според мене, најголем недостаток на Правилникот е што не се издвоени помагалата што се изработуваат индивидуално од оние што се прават сериски. Трошоците се неспоредливи, а имаме иста цена пред Фондот – вели Чалоски.

Ни другите две поголеми ортопедски куќи не одговорија на нашите прашања за тоа каков е квалитетот на помагалата што ги нудат по определените референтни цени.

 

Ортопедските куќи калкулираат  

Velika Labacevska

Велика Лабачевска: Потребни се измени во 20 до 40 отсто од Правилникот на ФЗО | Фото: Сунчица Стојановска-Зоксимовска

 

ФЗО за здравствено осигурување во моментов има договор со 31 добавувач за дистрибуција на ортопедски и други помагала. Секој корисник има право да избере од каде ќе ги набави.

Ниските цени за помагала што им ги наложува Фондот на ортопедските куќи резултираат со тоа тие да работат со понеквалитетни материјали за да може да им се исплати бизнисот.

Во Правилникот, пак, за дел од помагалата нема пропишано пропозиции од каков материјал треба да се направени или какви технички карактеристики да имаат. На пример, за скршеница на ’рбетен столб има помагало за кое соговорниците велат дека толку го ограничува движењето на корисникот, како тој да е во гипс. Тоа помагало во сите ортопедски куќи е со иста цена. Но, нема пропишано карактеристики за него – само пишува за што треба да служи и за кои дијагнози се дава. Тоа го искористуваат оние што се вклучени во бизнисот, па ако можат да стават поевтин материјал, таков и ставаат – импровизираат со цел да им исплати.

Фирмите што изработуваат и продаваат ортопетски помагала, а кои ги консултираше БИРН, не одговорија на официјалните прашања, но соговорници од бизнисот кои сакаат да останат анонимни велат дека има правила кои се нелогични и дискриминаторски.

– Ако корисникот има пари и бара да доплати за поквалитетно помагало, тоа не смееме да го дозволиме. Доплатата, според законската регулатива, е строго забранета. Тоа се казнува и можеме да ја изгубиме дозволата – вели соговорникот.

Според информациите до кои дојде БИРН, кај нас главно се користат германски материјали за помагала, иако куќите кои изработуваат помагала гледаат да најдат поевтини материјали и да купат од нив.  На пример, протетичарите прават стандардни лајнери (навлаки за чунки, како што се вика местото по ампутација на нога или рака), од сунѓерест материјал, кој е понеквалитетен отколку да се прават од силикон.

Доцент Зоран Божиновски, специјалист-ортопед, за БИРН вели дека помагалата што граѓаните ги добиваат на државен трошок се функционални, но релативно застарени бидејќи како и секоја техника, така и ортопедската постојано се развива, се користат полесни, поцврсти материјали кои  нудат удобност.

Тие постојат во понудата на некои производители на помагала во Македонија, но чинат повеќе од цените кои ги дефинира ФЗО и затоа се продаваат само приватно. Со оглед на платежната моќ на  македонскиот граѓанин, јасно е дека ваквите помагала им се тешко достапни – вели доктор Божиновски за БИРН.   

Примариус доктор Велика Лабачевска, претседателка на Здружение на физијатри, 20 години работи протетика. Таа вели дека бројот на ортопедските помагала во Правилникот на ФЗО не е мал, а проблемите се поради тоа што треба да се воведат нови помагала, да се скрати рокот на користење на дел од постојните и да се користат поквалитетни материјали. Според нејзина проценка, потребни се измени во 20 до 40 отсто од Правилникот на ФЗО

Парите се основна причина поради која Фондот не прави поголеми измени во Правилникот. Но, има и случаи кога лекари неправилно препишуваат помагала и тоа треба да се утврди – вели Лабачевска.

 

Поназад сме од референтните земји

1Hrvatski zavod za zdravstveno osiguranje » Medicinski proizvodi

Хрватскиот правилник има околу 2.000 помагала. Последен пат направиле попис на помагалата на 12.08.2014 година

 

Во Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала нема помагала кои ги има во референтните земји со кои ФЗО прави споредби, а им се потребни и на нашите граѓани.

Хрватска и Србија се две од референтните земји што ги избрал ФЗО, па затоа направивме споредба со нивните Правилници за ортопедски помагала. Хрватскиот правилник има околу 2.000 помагала. Последен пат направиле попис на помагалата на 12.08.2014 година.

Нивната држава не само што плаќа перики за луѓето на кои им требаат, за разлика од кај нас каде тие воопшто не одат на товар на ФЗО, туку има и избор – перики за жени со кратки влакна, три вида перики со долги влакна, два вида перики за мажи и два вида за деца. Кај нас, ако на заболен од рак или од друга болест му паднала косата и му треба перика, може да си ја купи само со пари од свој џеб. Цената на периките во ортопедските куќи е од 3.500 до 13.500 денари. Имаат антидекубитални душеци и перници, хидраулично колено, силиконски лежишта за протези и силиконски облоги за рани. Во Правилникот на Србија  има болнички кревет, кој се дава на 10 години користење за луѓе кои трајно се врзани за кревет поради одредени дијагнози и собна дигалка.

 

Тајна е кој го прави Правилникот

 

Кои се луѓето кои одлучуваат какви помагала ќе одат на државен трошок и колкава цена ќе плаќа државата за нив? До ФЗО испративме прашање за да ги провериме информациите од лекарската фела дека во Комисијата можеби и нема стручни луѓе кои некогаш препишале помагало.  Иако неколку пати побаравме да се објави кој е составот на Комисијата што ја носи оваа одлука, од ФЗО ни одговорија дека тоа е тајна.

– Директорот на Фондот формира Комисија за утврдување на референтни цени, која е составена од осум члена, кои се вработени во Фондот и истата работи врз основа на Правилникот и други законски прописи. Во однос на составот на Комисијата и образованието на нејзините членови, ве информираме дека истото не е информација од јавен карактер – стои во дописот од ФЗО.

Делумни податоци за Комисијата се даваат во билтенот на ФЗО, во август оваа година, каде се вели дека членовите на лекарските комисии во Подрачната служба – Скопје се во редовен работен однос во ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, освен петата лекарска комисија (таа за ортопедските помагала), која е формирана од вработени лица во ФЗО.

Преземено од Призма