Денешна дата
22/09/2020

КОЈ ЌЕ РЕШИ ЗА ИМЕТО – ТЕХНИЧКА ВЛАДА?!

Весник, што деновиве не е сместен во редовите на медиумите на СДСМ според критериумите на провладин неделник, во минатата неделна анализа, како да најавува дел од сценариото за враќање на опозицијата во Парламентот. На крајот од написот во Вечер, се тврди дека СДСМ ќе влезе во законодавниот дом со „интерпелација за Влада“. И толку. Продолжението би се очекувало по кулуарско-кафеанските лобирања дека со апстиненцијата од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и сите други против доверба за кабинетот на Груевски, па преку морски комбинации, би се стигнало до техничка или до експертска влада.

Никој нема да ви потврди дали тоа би бил резултат од последните конспиративни средби на партиските врвови на власта и на опозицијата, тет-а-тет или со посредништво на претставникот на ЕУ. Но индикативна e последната изјава на вицелидерот Шеќеринска: „Ниту бараме ниту прифаќаме заедничко владеење со Груевски. Целта ни е да ја промениме погубната политика, а не да ја аминуваме или споделуваме“. СДСМ бара техничка Влада само за фер избори, а ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со овој модел. Но, зошто тогаш интерпелација за Груевски, за влез на сè поатрофираната опозициска композиција, покрај сегашната неверојатна популарност и огромна разлика од 1 наспроти 3 доминација на ВМРО-ДПМНЕ во споредба со СДСМ, според двете последни неарбитрарни анкети? За какво алиби е потребен СДСМ во Парламентот? Има ли логика „државотворната“ партија да биде поселанчена во време на значајни геостратешки поместувања? Колку таму се перципираат идеите за нова регионална поврзаност, без оглед дали е стариот АЛМАКОС…?

Уште и непрочитан последниот Извештај на ЕК, со приоритети што на властите во Скопје им се сугерирани за решавање до декември, вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, од Брисел прогнозираше дека и на следниот самит на Унијата „Македонија нема да добие препорака за започнување преговори“. Нерешавањето на спорот со Грција би бил иницијалната каписла Македонија да биде единствената што би го загубила статусот на кандидат за членство во семејството на Унијата?

Техничка или експертска или концентрациска или голема коалициска Влада!  Чудно рефреширани модели за еднократно политичко сојузништво откако провладините духови се разбрануваа по информациите дека посредникот Метју Нимиц подготвува нова компромисна формула за решавање на спорот околу името. Тајмингот на доставувањето веројатно ќе се совпадне со историската посета на албанскиот Премиер Рама на Белград и очекуваната возвратна посета на српскиот Вучиќ на Тирана. Германската канцеларка, со посебен гест, го издвои албанскиот Премиер на регионалниот самит во Берлин. На двапати Меркел била активен посредник за возобновениот дијалог Белград-Тирана, последниот веднаш по посетата на рускиот Претседател на Србија. Не е исклучено српско-албанските самити да се осмислени и да водат кон конечно затворање на големо државните аспирации на Балканот. Со договор за признавање на постојните и непроменливост на границите во регионот, се архивираат идеите за Голема Албанија и Србија. Спогодбата меѓу Скопје и Атина, со вградување европска и цивилизациска одредба во Уставот на Македонија дека нема територијални претензии кон Грција, може да биде одличен институционален и практичен модел за минимум респект во балканското добрососедство.

Зад кулисите на рововската германска дипломатија, се наѕираат мотивите на Вашингтон и на Берлин кои не би си дозволиле луксуз на неконтролирана руска пенетрација зад европската геостратешка тројка Унгарија-Романија-Бугарија. Ако се затвораат големодржавните проекти на Балканот, не може да биде изолиран и спорот околу името. Ако компромис е кога сите се незадоволни од решението, како што Меркел го дефинира своето посредничко учество, тогаш за Владата на Груевски, во постојниот доминантен парламентарен и политички легитимитет, доаѓаат сериозни искушенија, да се менаџира и со преговорите, но уште повеќе со резулатите за решенијата околу името што ќе треба да ги имплементира. Дали затоа опозицијата ќе биде принудена да се врати во Парламентот?

Како да се сподели одговорноста за решение за спорот за името, без демагошки организиран референдум, ако претходната спогодба со Грција е направена со легитимитетот и ризикот на власта на СДСМ, во услови на апстиненција на опозициските сили на ВМРО-ДПМНЕ. Но, токму неговите подоцнежни влади немаа проблем да ја дозволат огромната економско-финансиска пенетрација на Грција во македонската економија. Тандемот Георгиевски-Груевски досега формално не го оспори или не го суспендира седумгодишното траење на Спогодбата од 95 година. Дури ни по Хашката пресуда, што го потврди нејзиното флагрантно нарушување, како непочитување на меѓународниот правен поредок, Владата која една декада (ќе)владее со Македонија, не се одважи (не)формално да ја суспендира нејзината вкупна валидност, на пример, со барање за прием во ОН под уставното име?! Тоа е, сепак, индикација дека Владата е подготвена за компромис околу името со Грција.

Со неверојатна динамичност и лобирања, Груевски успева Македонија да ја направи атрактивна дестинација за странските инвеститори. Без оглед на сомнителните и на нетранспарентните политики на повластици за мултинационалните брендови, што паѓаат на товар на сите домашни даночни обврзници, политиката на отворени врати за инвестиции во малата Македонија е одличен потег на искористеност на времето за чекање во предворјето на ЕУ. Во наредните седум до десет години овој модел, на преселба на дел од капацитетите од Запад во Македонија, е успешен и допуштен зашто е релативно безначаен за економските текови во Германија, САД, во Велика Британија. Сепак, во догледно време нивните мултинационални врвови ќе го слушнат аберот од своите домицилни власти дека е потребно и нивното лобирање за политички притисок врз Владата во Скопје, која може да врши дебаланс на стратешките интереси во регионот. А токму тие ги имаат расположливите информации какви се „диловите“ правени со претставниците на актуелните македонски власти.

Зошто толку возбуда и притисок опозицијата да влезе во Парламентот, а не и да се создадат политички и формални услови за нејзино делотворно дејствување? Заев, за Груевски, е недораснат противник, но ВМРО-ДПМНЕ без опозиција оди во сопствена самопропаст, без оглед уште колку долго ќе владее.

Спорот за името ќе му остане голем товар, без оглед дали неговите мејнстрим фронтмени ќе ги бараат предавниците на македонската кауза во сите што заговараат интеграција, а не изолација. Можеби и затоа се бара техничка-експертска-коалициска влада. За да се сподели одговорноста и да не се наруши имиџот на домашните квазипатриоти.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)