Денешна дата
05/12/2020

Новинарите и адвокатите бараат ослободување на Кежаровски

Единствената можна пресуда е ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, порачаа од „Иницијативниот одбор за спас на новинарот Кежаровски

Томислав Кежаровски е осуден за нешто што претставува основа на нашето делување како новинари, изјави денеска Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) по почетокот на разгледувањето на жалбите на осудените во случајот „Ликвидација”.

Kezo apelacija nadvor

„Очекуваме единствена можна пресуда, а тоа е ослободување на Кежаровски. Исто така очекуваме судот да му го укине куќниот притвор”, рече Чаусидис. 

Додека новинарите мирно ја изразуваа својата поддршка пред судот, внатре во судницата на Апелацискиот суд Скопје, адвокатите на осудените биеја правна битка за да докажат дека осумтемина осудени не се виновни.

Kezo Apelacija (1)

Филип Медарски, адвокат на новинарот Кежаровски, при образложението на жалбата за досудената затворска казна, рече дека тоа е исклучителен удар на слободата на изразување.

 

„Постојано зборуваме за загрозен сведок, а никаде нема пишан акт со кој што е добиен овој статус. Ова решение не е изведено и образложено во пресудата. Го молам судот да ги прочита спорните текстови на Кежаровски за да се види дали идентитетот на сведокот навистина бил загрозен. Доколку бил откриен неговиот идентитет, зошто тогаш сведокот „Бреза” подоцна добил статус на заштитен сведок”, праша Медарски.

 

Покрај Кежаровски, на денешната расправа беа разгледувани жалбите на уште седуммина други судии, обвинители, адвокати и бизнисмени исто така осудени на затворски казни за кривичните дела, одавање на идентитет на заштитен сведок, посредување при поткуп, злоупотреба на службената положба.

 

Поддршка пристигнува од сите страни

 

 

И после година и половина од апсењето на новинарот Кежаровски, не стивнуваат реакциите на домашната и на светската јавност.

Вчера, Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и Европската федерација на новинари (EFJ) излегоа со заедничко соопштение во кое меѓу другото, пишува дека „македонските власти мора да се осигураат дека сите апсурдни обвиненија против новинарот Томислав Кежаровски ќе бидат повлечени, така што правдата и слободата на изразување ќе преовладаат”.

 

Томислав Кежаровски е неправедно казнет за вршење на својата професија и заштита на своите извори. Бараме правдата да се потврди и Кежаровски да може да оди подалеку од овој кошмар како слободен човек”, вели претседателот на Федерацијата Џим Бумела, кој го посети новинарот во неговиот дом во март годинава.

 

ЕФЈ направи и кратко видео кое ја покажува меѓународната солидарност за Кежаровски.

Solidarity with Kezarovski from EFJ on Vimeo.

На крајот од месецот, заедничка делегација на европската и на интернационалната федерација ќе се сретнат со Андреј Лепавцов, амбасадорот на Македонија во Европската унија, за да разговараат за случајот „Кежаровски”, но и пошироко за повредите на слободата на медиумите во земјава.

Исто така вчера, на празникот на македонската револуционерна борба, „Иницијативниот одбор за спас на новинарот Томислав Кежаровски” положи цвеќе во близина на Музејот на македонската борба за да одбележи една година откако полицијата не им дозволи на новинарите да протестираат пред музејот и да побараат ослободување на својот колега.

„Една година подоцна повторно сме тука да потсетиме дека нашиот колега Кежаровски е сѐ уште во притвор. Сакаме да истакнеме дека борбата за слобода и човековите права сѐ уште продолжува и знаеме дека на овој ден, на основањето на историската ВМРО идејата, мислата и агендата беше борба за слобода и човечки правдини, но за жал денешната власт не ги почитува тие идеали на ВМРО. Ги повикуваме судиите да судат според законот и правата, да се откажат од политичкиот притисок и да покажат храброст и професионалност и да донесат праведна одлука и да го ослободат нашиот колега”, порача новинарот Зоран Димитровски.

 На 21 октомври 2013 година, кривичниот суд Скопје 1 го осуди новинарот Томислав Кежаровски на 4.5 години казна затвор за, како што образложи судот, откривање на идентитет на заштитен сведок во истражувачки текстови објавени во 2008 година во весникот „Репортер 92“.

Новинарот беше притворен во мај минатата година и помина речи си шест месеци во затворот во Шутка. Од лани во ноември месец, тој е во домашен притвор. По разгледувањето на жалбите на осумтемина осудени, Апелацискиот суд Скопје ќе треба да одлучи дали ќе ги потврди првостепените казни, дали ќе ги намали или зголеми или пак случајот ќе го врати на повторно судење во Основниот суд Скопје 1. 

 

Македонија во друштво со Пакистан, Конго и Бангладеш

 

 

Јордан, Русија, Бангладеш, Кувајт, Македонија, Пакистан и Република Конго, се земјите кои што во 2013 година имале новинари во затвор, објави Меѓународниот комитет за заштита на новинари (ЦПЈ) со седиште во Њујорк во последниот извештај на крајот од 2013 година.

 

„Во 2013 година, 211 новинари се наоѓале во затворите ширум светот. Оваа бројка  е помала во однос на минатата година кога беа затворени 232 новинари, но сепак останува на историски високо ниво. Убиени се 52 новинари што е за една третина помалку од 2012 одина, иако уште 30 се водат како исчезнати во војните во Сирија, во која пак се убиени 21 новинар.Шест новинари се убиени во Египет, пет во Пакистан, четири во Сомалија, три во Бразил и исто толку во Ирак, додека во Мали и Русија се убиени по двајца новинари”, пишува во извештајот на ЦПЈ.

 

Инаку, Турција со 40 затворени новинари во 2013 година, втора година по ред го носи епитетот, земја – рекордер во светот. По неа следат Иран и Кина, бидејќи во затворите во тие земји се наоѓаат повеќе од половина од вкупниот број на затворени новинари ширум светот. Во Виетнам минатата година имало 18 новинари зад решетки за разлика од 2012 година кога тој број изнесувал 14. По нив следат, Еритреја, Сирија, Азербејџан, Етиопија, Египет, Узбекистан и САД. На листата се најде и Македонија со еден затворен новинар.

 

 

Хашкиот трибунал со најмногу осудени за издавање заштитен сведок

 

 

Со исклучок на пресудите на Хашкиот трибунал, во Европа речиси и да нема судски процес што се водел против новинари затоа што го откриле идентитетот на заштитен сведок во случаи во кои се гонат и судат обвинети за тешки кривични дела и организиран криминал.

Според податоците од судот, во последните дваесет години за ова кривично дело се осудени четворица хрватски новинари. Двајца од нив се осудени со по 15.000 евра казна затоа што јавно го објавиле сведочењето од затворена седница на судот на заштитениот сведок во случајот со хрватскиот генерал Тихомир Блашкиќ. Со казна затвор од три месеци и парична казна од 10.000 евра е осуден уште еден хрватски новинар кој на својата веб-страница објавил список на сведоци, меѓу кои и тие што биле заштитени исто така во случајот „Блашкиќ“.

За објавување на името на заштитениот сведок во случајот „Харадинај“, со парична казна од 7.000 евра е казнет новинарот на косовскиот весник „Хаџи“, кој известувал за судењата на трибуналот.

Сепак, како најкарактеристичен меѓу мноштвото е случајот на хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ, кој во 2005 година е осуден од Хашкиот трибунал поради непочитување на судот. Според образложението, Маргетиќ, заедно со Маркица Ребиќ, Стјепан Шешељ и Ивица Маријачиќ, откриле дека поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ е заштитениот сведок во случајот со хрватскиот генерал Тихомир Блашкиќ. Маргетиќ беше осуден на парична казна од 20.000 евра. Маргетиќ е осуден од Хашкиот трибунал и во 2006 година, кога тогашната обвинителка Карла дел Понте подигна обвинение против него за повторно откривање на идентитетот на заштитени сведоци на обвинителството. Тогаш Маргетиќ беше осуден на три месеци затвор и парична казна од 10.000 евра.

Надвор од Европа пак, судот во Каиро, во јуни годинава осуди шестмина новинари за, како што оцениле судиите, искривување на информации и соработка со забранетата организација „Муслиманско братство“.

Австралијанецот Питер Гресте, Махмад Фадел Фами, египетско – канадскиот новинар и продуцент Бахтер Мухамад од телевизијата „Ал Џезеира“ на англиски јазик беа осудени на по седум години затвор. Други тројца новинари, за слично обвинување добија затворски казни од десет години. Претходно, египетските власти го ослободија Абдула Елшамиј, уште еден новинар на „Ал Џезеира“ кој работи на програмата на арапски јазик.

Пред еден месец, членови на Исламската држава Ирак и Леванте (ИСИЛ) прикажаа видео порака на која беше снимен фоторепортерот Џон Хант, киднапиран во ноември 2012 година, како следен на списокот за ликвидирање по погубувањето на американските новинари, Џејмс Филм и Стивен Сoтлоф.

 

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk