Денешна дата
22/09/2020

Сите во пеколот

Џон Есписито, врвен познавач на Христјанството и Исламот вели – „Добрите луѓе самите чинат добри дела. Лошите луѓе самите чинат лоши дела. Но, за да ги натерате добрите луѓе да чинат лоши дела, потребна е добра верска манипулација“.

Кај нас, за жал делата на религиите продолжуваат да бидат табу-тема, а последиците се огромни. Оти тоа што не се борите денес ќе ве победи утре. По своја природа секоја религија треба да пропагира мир, толеранција, љубов, соживот и праведност. Но, го имаме ли тоа кај нас и што прават религиите за да го има? За жал кај нас верите се окупирани од демонот – вели еден овдешен познавач на верските организации. Злоупотребата на Господа за политички цели стана нова божја заповест. Нашите религии стана подржувачи и помагачи на расипана власт. Злоупотребата на религијата кај нас веќе е претворено во рутина и е претворена во механизам за оправдување на нечесни дела кај водачите, но и за додавање морал на навните неморални дела.

Секој ден гледаме лидери кои имаат потреба јавно да се прикажаат колку се добри верници, морални, праведни и хумани, а нивните дела го зборуваат спротивното. Со тоа тие сакаат да ја сокријат нивната нечесност и безбожност. Не е тајна дека верски водачи неретко аминуваат сатански стихови и дела. Го доведоа Севишниот во позиција да се смета за коалиционен партнер со лошите дела, па и со организираниот криминал. Оти неретко самите се дел од таквата „коалиција“. И сега веќе не се знае дали верските старешини повеќе му служат на подземниот свет или на светот на подземјето. Секој денес знае дека дека овдешните верски заедници наместо да зближуват, тие уште повеќе делат, подбуцнуваат, сеат омраза. Демонстрираат меѓусебна моќ, прикажуваат монопол, негираат, манипулираат до ниво што и ѓаволот им завидува. Го делат Господа на парчиња иако велат дека е еден и единствен. А тоа произведува верски фанатици кои го фаворизираат само „нивниот Бог“..

Милиони луѓе страдаат поради лошото вледеење, а верите молчат. Милиони луѓе живеат во беда поради општиот грабеж и организиран криминал, а тие продолжуваат да молчат. Безброј невини се казнуваат, се газат и малтретираат, а тие продолжуваат да молчат. На луѓето насилно им се одземаат бизнисите, а тиа пак молчат. А и кога не молчат, тие – аминуваат. Тонат луѓе, а се дигаат спомениции, и тоа лажни, а тие продолжуваат да молчат. Овде стана среќа да си споменик, а несреќа да си човек, поглаварите молчат. Штом молчат тоа значи дека ѓаволските дела им се поблиски од божјите. Се растураат семејства, се случуваат самоубиства, се уништиваат човечки судбини, а верските водачи молчат. А зошто треба луѓето да бидат врзани за вас?! Само да го помагаат вашиот луксуз и раскош?!

Останал без здив новинарот од „Политика“ кога видел каков луксуз уживаат нашите верски старешини, и тоа не само повисокиот ешалон. Што повисоко рангиран тоа понизок морал. Таков лукс при беден народ не може да е божје дело. Скапи џипови со затемнети стакла, скапоцени часовници, раскошни канцеларии и станови, високи плати, астрономски хонорари и што не. Изгледа со тоа сакаат да ни докажат дека рајот го имаат и на овоземскиот свет?! Познато е дека зад темниѕе стакла не може да има бели дела. Темнината е омилена боја на демонот.

Логично дека секуларизмот не подразбира прекинување на секаков контакт со власта, напротив, верските организации треба да се грижат за општествениот морал, но претходно треба самите да го поседуваат. Не е божје ако водите антагонизам со другите верски организации или истите ги негирате или ги сатанизирате. Не е божје да поддржувате нелегитимна власт која гази по праведност, по чесност, по искреност, по човечкољубие и по достоинство. Не е божје да поддржувате власт која апси невини луѓе и која затворува политички противници. Која монтира процеси. Која наградува арамии, а казнува чесни. Која прави масовен пустош и криминал, а деградира народ. Во нормалниот свет молчењето на духовниците се смета за многу поголем  грев отколку злоделата на политичарите.

Ако религијата е  оддвоена од државата, тоа не значи дека некој што е посветен на политиката не треба да има верски чувства и да не биде верник, или пак некој верски поглавар да нема политички убедувања и симпатии кон некоја политичка опција. Но, кај нас се работи за нешто друго. Тука е извршена релативна религизација на политиката и апсолутна политизација на религигијата. И тука не може да има грам морал. Што почесто верски поглавари благословуваат јавни работи зад кои се крие голем криминал. Оти многу по профитабилно е да му пеете на ѓаволот отколку да му служите на Господ. При вакви состојби крајната дестинација е пеколот. Првенствено – овоземски. Но, како и да е, луѓето масовно губат доверба во верските заедници, дури и кога се добри верници. Верата не може да се амнестира од постојната катастрофална состојба. Религијата во бројни јужноамерикански диктаторски држави го штитела народот иако самата била изложена на голема опасност. Но божјето пред се. Оти пред са се спасиме од онајземски пекол, треба да се спасиме од „овоземскиов“. Бидејќи ако не го уништиме злото самите, тогаш тоа ќе не уништи нас. Веќе го прави тоа.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk