Денешна дата
25/10/2020

Турските серии некои ги заковаа пред екраните

Инбокс 7 истражуваше колку македонска програма се емитува на телевизиите во земјава и дојдовме до фрапирачки податоци – се наоѓаме на самото балканско дно. Нема продукциски куќи кои ќе произведуваат домашни серии. На пазарот има премногу телевизии кои не се во состојба да произведат програма, а нивното место го зазема турска филмска продукција, која се емитува дури по 11 часа дневно

Маратонски сапуници го окупираат вниманието на македонскиот гледач пред телевизиските екрани кои (чест на исклучоците) во последниве неколку години се преплавени од турски серии, синхронизирани на македонски јазик. Овие серии буквално ги заковаа луѓето со часови пред телевизорите. Турските серии се во тренд и се на топ листа според сите истражувања на гледаноста, но, ваквата состојба на емитување серии со дискутабилен квалитет и уметничка вредност во земјава трае речиси 20 години. Почна во 90-тите години со емитување на серијата Касандра на Македонската телевизија. Латино-американската продукција беше присутна до пред 10-тина години, кога беше заменета со индиска продукција.

Инбокс 7 истражуваше колку македонска програма се емитува на телевизиите и дојдовме до фрапирачки податоци – се наоѓаме на самото балканско дно. Така, според последните објавени податоци на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, само Сител се придржува до обврската 30 отсто од програмата да биде создадена на македонски јазик, другите национални комерцијални телевизии во одреден момент се соочувале со проблеми да го обезбедат овој процент на програма. Само за споредба, на најгледаната српска телевизија Б92, 65 отсто е учеството на програмата на српски јазик, додека во бугарската Нова ТВ овој сооднос оди до 70 отсто домашна и 30 отсто странска програма.

Во делот на финансиските аспекти, македонските телевизии и не се толку лоши, според процентот од БДП што се издвојува за приватните национални телевизии.

Но, каква е иднината на македонската телевизиска индустрија? До каде е продукцијата на домашни содржини се прашања на кои се обидовме да најдеме одговор во нашата анализа во која ги вклучивме и сознанијата од балканската медиумска индустрија.

 

Серии за „перење“ мозок

Branko-Radovanovic

Бранко Радовановиќ

 

 

Новинарите и поранешни уредници со кои разговаравме велат дека сапуниците се дел од стратегијата на власта во придобивање на широките народни маси. Според Бранко Радовановиќ, член на Советот за радиодифузија, од 24 часа во денот, дури 11 часа се емитуваат турски серии.

aco-kabranov

Ацо Кабранов

Турските серии се изум на Велија Рамковски и не случајно вестите се вметнати во тие серии како пакет. Сакаш или не, мораш да ги гледаш. Во турските серии ги стават и владините реклами. Турските серии и вршат многу добра работа на владејачката структура. На сиромашните граѓани, единствена забава им е телевизорот. Телевизиите се претворени во одлични средства за „перење“ мозок“, вели Ацо Кабранов, поранешен главен и одговорен уредник на А1, Канал 5 и Алфа телевизија.

Тој додава дека спрегата на власта и сопствениците на медиумите ја креира програмската шема на телевизиите и смета дека намерно на македонските гледачи им се туркаат кич серии.

 

 

 

Турските серии – главен приход за медиумите

 

Водечките луѓе во македонските телевизии се согласуваат дека е дискутабилен квалитетот на сапуниците, но велат дека тие се голем извор на приходи. Драган Павловиќ Латас уредник на Сител телевизија потенцира дека овие серии се толку многу гледани што тие ја одредуваат и гледаноста на вестите.

latas

Драган Павловиќ – Латас

Турските серии го уништуваат новинарството, тие ги укинуваат емисиите. Телевизиската публика не гледа македонска програма. Домашната програма не носи приходи“, вели Латас.

Тој додава дека ако продолжи овој тренд, се повеќе новинари ќе останат без работа. Во 2008 година кога почна емитувањето турски серии, во комерцијалните телевизии на национално ниво имаше околу 800 вработени. Во 2014 година овој број се намалил на 576.

На слично мислење е и Бисера Јордановска, директор на Алсат М телевизија.

biserka jordanovska

Бисера Јордановска

Штетите од сапуниците среднорочно и долгорочно можат да бидат големи, но на краток рок, од тие серии храниме фамилии во Македонија, чии членови работат во телевизиите. Во Алсат имаме 100-тина вработени кои земаат плати од приходите кои ги остваруваме. Според истражувањата на пазарот, најгледаните содржини се турските серии. Тие серии мора да ги имаме за да можеме да си ги финансираме останатите емисии кои се од нашата продукција“, вели Јордановска.

Таа додава дека пред четири години се обиделе да произведат и сопствена серија „Хотелот на Михан“, која ја достигнала гледаноста на турските серии, но за нивно чудо, компаниите и маркетинг агенциите не сакале да се рекламираат во таа серија.

Слични очекувања околу гледаноста на македонската продукција имаат и од Канал 5 телевизија. Лидија Богатинова, главна и одговорна уредничка во овој медиум вели дека Канал 5 снима сопствена серија, што е за пофалба и за охрабрување.

Lidija_Bogatinova

Лидија Богатинова

Во тек е пост продукцијата на оваа серија и од почетокот на наредната година почнуваме со емитување на првите епизоди. Канал 5 веќе има вработено актери и сакаме на македонскиот гледач да му понудиме домашни содржини“, вели Богатинова.

Таа додава дека времето на турските серии одминува и дека треба да се преориентираме на сопствена продукција.

Во контекст на ова е и информацијата  што деновиве стигна од Хрватска – на тамошните телевизии, турските серии имале многу мала гледаност и затоа на дел од овие телевизии, сапуниците од Босфорот се повлечени.

 

Домашна продукција од наредната година

 

Македонските телевизии од наредната година ќе имаат обврска да емитуваат пред се програма од домашна продукција. До 2016 година според законот за медиуми од 2013 година, 50 отсто од вкупната програма на националните телевизии мора да биде од домашна продукција, нешто што Србија го направи уште пред неколку години. Според измените на законите, секоја телевизија ќе има обврска, годишно да емитува 20 часа сопствена играна програма, или играна програма од домашна продукција, вели Столе Наумов, новинар и поранешен член на Советот за радиодифузија.

Пример за тоа како се работи на продукција на програма е Бугарија. Таму се вложија пари во добра продукција и сега имаат извонредни серии. Порано беше непоимливо такви филмови да произлезат од таму“, вели Наумов.

И Бисера Јордановска од Алсат ја посочува бугарската продукциска фела како пример за добра организациска поставеност.

Во Бугарија има филмско село каде можат да се снимаат серии, што им ја олеснува работата на продуцентите. Кај нас треба да се бараат дозволи за снимање на јавни места или договори со приватни лица за снимање, што го отежнува целиот процес“, вели Јордановска.

Таа додава дека добра вест е што државата ќе субвенционира дел од трошоците за снимање на овие серии.

Уредник: Стојанка Митреска

Продолжува: Многу телевизии, екраните празни

lefkov@yahoo.com