Денешна дата
25/10/2020

Многу телевизии, екранот празен

Во Македонија на секој 400.000 жители има по една национална телевизија што е премногу. Во другите земји во регионот национална телевизија има на 2 мииони жители

Политичките гарнитури и нивните тенденции за  целосна контрола врз медиумите поради остварување на што поголемо политичко влијание се главните виновници за континуираното уништувањето на телевизиската индустрија во Македонија, сметаат познавачите на телевизискиот бизнис во земјава.

viktor grozdanov

Виктор Грозданов

 

 

Власта на СДСМ, за да не се договара со Сител и А1, им дозволи да емитуваат сигнал на целата територија на уште три телевизии во 2004 година, Канал 5, Телма и Алсат М. Кога, на власт, пак, дојде ВМРО-ДПМНЕ, почнаа да трошат енормни пари во А1 и Сител. Кога видоа дека А1 веќе им бега од контрола почнаа да трошат пари во Канал 5“, вели Виктор Грозданов, поранешен директор на Асоцијација на приватни електронски медиуми на Македонија.

Анализата на Инбокс 7 изнесе на виделина уште еден проблем – имаме премногу национални комерцијални телевизии, кои се пренесуваат терестрално (преку репетитори).

 

 

Ацо Кабранов, поранешен главен и одговорен уредник во А1, Канал 5 и Алфа ТВ смета дека во сегашниве услови нема простор за телевизија на комерцијални основи во Македонија.

„Во Македонија има простор само за две комерцијални телевизии плус јавниот сервис“, вели Кабранов.

Тој предлага неколку чекори за решавање на проблемите во телевизиската индустрија кај нас.

aco-kabranov

Ацо Кабранов

Излез од ваквата состојба е да ги нема воопшто тие телевизии. Идејата на сопствениците на телевизиите, не им била да направат комерцијален производ, туку да да ја користат телевизијата за да се пазарат со било која власт. Власта сама да си ги реди вестите во нив. Затоа не можете да ги исправите Сител или Канал 5. Ќе замине оваа власт, ќе дојде друга, газдите на телевизиите веднаш ќе се прешалтаат. Ќе имате од ВМРО-овска, СДСМ-овска телевизија. И што има разлика во тоа?“, вели Кабранов.

Рекламниот колач е премал 

За квалитетот на телевизиската програма пресуден е пазарот на реклами. Македонија во однос на другите земји во соседството стои многу лошо. Имаме многу телевизии, а од друга страна, рекламниот колач е многу помал во однос на другите земји во регионот.

 

 

Прва на оваа листа е Бугарија со најмногу пари по телевизија. Имаат сопствена продукција, а во последно време произведуваат и многу добри и скапи филмови.

Димитар Сеизов, косопственик на продукциската куќа „Мунлајт“, вели дека квалитетот на бугарската продукција е подигнат пред се со добар развоен план и пари.

dimiatr seizov

Димитар Сеизов

Бугарија замина многу напред во продукцијата на филмови. Тие имаат добра појдовна точка. Имаат филмски град кој е најголем на Балканот. Ќе ни треба неколку години сериозна работа и вложувања, за да можеме да снимиме серија од калибарот на бугарската што се емитуваше и во Македонија „Стаклен дом“, вели Сеизов.

Тој додава дека и во земјава има предиспозиции за производство на добри серии само треба да се вложи во продукцијата:

Серија од дваесетина главни актери и триесетина споредни, би чинела околу 10.000 евра по епизода. Една серија со двајца глумци и изнајмување стан, како што во минатото се снимаа кај нас, би чинела околу 3.500 евра по серија. На пример, турската серија „Лисјата“ може кај нас да се сними и со  15.000 евра по серија, што подоцна може и да се продаде, а не само да ја користиме да пополниме програма. Главната поента е да се заработи на серијата. Кај серии како турските на пример со 100 продолженија, може цената да се симне за 40 отсто бидејќи ќе се користи истата сценографија и истата екипа“,велат познавачите на филмскиот бизнис кај нас.

 

Како до подобар квалитет?

 

Македонските телевизии се единствените во регионот кои имаат по стотина вработени. Сите останати се со многу повеќе професионален кадар.

Половина од овој кадар е технички кадар, дел останува како администрација и маркетинг, а бројот на новинари се сведува на 30-40 по телевизија. Најмногу новинари според извештаите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги има Телма.

Според Сеизов, лошата финансиска состојба и лошата поставеност на телевизиите „произведува“ и неквалитетен кадар.

Сум работел по телевизии и знам дека немаме квалитетен кадар. Да ги собереме сите што се квалитетни, дали една телевизија ќе направиме како што треба“, вели Сеизов.

За Ацо Кабранов, висината на платите на вработените е само уште еден показател дека работите во телевизиите не се добри.

Во А1, вели Кабранов, млад новинар почнуваше со плата од 400 евра па нагоре, додека новинар со десетина години искуство примал и по 800 евра плата.

Велија Рамковски знаеше дека мора добро да ги плати новинарите за да има квалитетен и независен материјал. Инаку, доколку не ги платите новинарите како што треба постои опасност тие да бидат поткупливи и зависни  финансиски. Тогаш немате квалитетно новинарство“, додава Кабранов.

Уредник: Стојанка Митреска

Утре: Македонските телевизии неатрактивни за странските магнати

lefkov@yahoo.com