Денешна дата
26/11/2020

Луцифер лустрира

Зборот „лустрација“ потекнува од латински (Ilusterata – осветлување). Со ова е поврза и поимот „Луцифер“ некакво подземно суштество што го носело фенерот по ходниците на пеколот (lucem ferra – светлоноша), и кое било директно подредено на Сатаната. Во делото ”Dictionnaire Infermal” (1862), Луцифер се смета за крал на пеколот, а Dante Aligheri – Луцифер го опишува како ѓавол што лежел во дното на пеколот и кој во устата ги држел лошите луѓе. Лустрацијата кај старите римјани значела прочистување на луѓе пред да влезат во светилиштата. Тоа правило било прикачено на Трајанскиот столб во 113 година пред Христа.

Денес лустрацијата оправдано се идентификува со инквизиција на невини луѓе, оти често светлува мрачни сили, првенствено поради реваншизам и морална дискредитација на противниците. По уривањето на Берлинскиот ѕид, лустрацијата на бившите соработници на тајните служби како прекршители на нечии човекови права, се наметнувала како некаква потреба за морално прочистување. Повеќе држави донесувале свои закони, но резултатите воглавно биле промашени, оти тоа најчесто служело за газење по невини луѓе, така што процесот претрпел сериозни критики од Стразбург. Со Резолуцијата 1096 на Советот на Европа, на Хрватска и беше упатена остра критика, укажувајќи и дека лустрацијата треба да служи само за да спречува таквите поранешни соработници да бидат членови на владата, на парламентот, да работат во сегашните тајни служби, да бидат членови на управни одбори во државните фирми, судии, новинари, уредници и носители на јавни функции во локалната власт. Бројни критики и ние добиваме. Во некои држави процесот бил тотално запиран, оти морално, полошо е да осудите еден невин човек отколу да ослободите стотина виновни. Овај процес заврши успешно само во Источна Германија, каде што законот се спроведувал принципиелно.

Но, кај нас се случуваат чуда. Некој судија во 2010 година има добиено решение од Комисијата дека не бил соработник на службите. Две години подоцна, истата Комисија го укинува сопственото решение за несоработка, и го прогласува за кодош. Чудо невидено!!! Фрчкоски е лустриран како наредбодавец, за откривање на странски шпиуни (дел од нив веројатно биле членови на сегашните партии на власт), но тогаш објективните услови го наложувале тоа. Дури, дел од работите биле започнати пред него од претходни министри кои денес се проглесани за „историски“ личности. Драстичен е и примерот на Милчин кој во 2000 година добива документ дека бил следен од поранешниот режим од политички и идеолошки причини. Дури се наведува дека бил следен и прислушкуван од тогашните тајни служби, но Комисијата во 2011 го прогласува за соработник на службите! Исто така, тогаш бројни Албанци се казнуваат со затвор поради идеолошки причини, а ги немаме никаде нивните кодоши.

Во релевантни кругови се смета дека лустрацијата кај нас е претворена во инстумент за политичка дискредитација, реваншизам и лов на вештерки. Оти ако не му ја бакнете раката на овај режим, тој ќе ви ја пресече главата. Има сериозни индикации дека бројни владини функционери имаат дебели досиеја, но влакно не им фали. Власта има потреба да сее страв, па затоа листата за отстрел ја проширува со академци, професори, аналитичари, новинари, уредници, попови и оџи, адвокати, судии, медијатори итн. Тој процес треба комплетно да се ревидира и претрпи законски измени во поглед на кривичната одговорност на службите кои ги злоупотребуваат, кријат, фалсификуваат или некомплетно ги доставуваат документите. Тука не треба да се исклучубва ниту одговорноста на судиите. Впрочем и постојниот закон драстично се гази ако се прогалсува за соработник без потпишан документ за таа цел кој е главен услов на постојниот закон.

Нас одредбите на Европската конвенција за човекови права не обврзуваат директно и ниеден закон не може да биде спротивен на неговото слово и дух. Поради нејзиното газење, не само што трпиме голема политичка штета, туку тек следи дебел материјален надомест за невините.

Друга причина е кредибилитетот на постојната власт за да врши лустрација. Таа во сржта е криминогена, дискриминаторска и дискредиторска. Комунистите барем си имале некаков идеал и верувале во нешто. А овие веруваат само во црните пари. Погрешни луѓе нè учат за вистински лекции. И не се знае дали повеќе нè третираат како граѓани или како пациенти. Поголема мистерија е зошто власта упорно продолжува да лустрира поранешни функционери, а ништо не прави за сегашните. Лустрираат и мртви за да не се кандидираат на оној свет! Поголемо прекршување на човекови права и газење по достоинството од сега, никогаш порано немало. Пред наши очи сè се укинува. Од закон до држава. Можно е и нас сите да не укинат. А ние се претворивме во луѓе што се слушаат ама ич не гледаат. И конечно, народ што има ваква власт не треба да се грижи за својата иднина. Оти воопшто нема да ја има. Од нечии болни амбиции сите тивко умираме.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk