Денешна дата
24/02/2020

Проскурикова, Светска банка: Македонија сè уште треба да работи, но има светла иднина

Јас мислам дека иднината на Македонија е светла и поврзана со членството во ЕУ и цел на нашата стратегија е поддршка на Македонија за интеграција во ЕУ

Добар ден почитувани, се наоѓаме во канцелариите на Светската банка во Скопје каде наша гостинка за интервју е Татјана Проскурикова, директор на канцеларијата во Скопје.

 

Инбокс 7: Најпрвин би сакала да ве прашам за тековната економска ситуација во Македонија. Колку е всушност сиромашна нашата држава според Светската банка?

Проскурикова: Па, според Светската банка Македонија воопшто не е сиромашна држава. Ние ја сметаме за држава со средни приходи и држава со високо средни приходи. Значи општо кажано, Македонија функционира доста добро. Во регионот на Југоисточна Европа Македонија има околу 4,800 долари национален приход по жител и тоа ја поставува Македонија веднаш зад Србија и Црна Гора, но пред државите како Албанија, Косово и БиХ, значи таа е во средината на подрегионот. Но, се разбира дека Македонија сака да се приклучи кон ЕУ и во споредба со ЕУ Македонија сè уште треба да работи и се приближува во однос на приходите. Во 2002 националниот приход на Македонија по жител беше 25% од просечниот приход во ЕУ и до 2009 тој достигна 36%. Но, како што гледате, сè уште има време да се развива.

 

Нова стратегија

 

 

Инбокс 7: Во однос на јавните трошоци кои нашата Влада ги прави, колку сте задоволни со спроведувањето на советодавните програми кои вие како Светска банка ги нудите на Владата?

Проскурикова: Нашите програми во Македонија се имплементирани навистина добро, што туку склучивме Стратегија за партнерство која заврши летоска и издадовме нов Извештај за евалуација на таа стратегија на нашата веб страница на англиски и македонски јазик и ве поканувам да го прочитате. Заклучокот на нашиот извештај е дека стратегијата е успешна и интервенциите кои ги финансиравме ги исполнуваат целите или ги имаат исполнето целите и во врска со тоа ние сме многу задоволни од нашиот однос. Сега развивме нова стратегија која неодамна беше дискутирана од страна на бордот на почетокот на овој месец и планираме да ја продолжиме нашата соработка со Владата на Македонија.

Инбокс 7: Нашата Влада изјави дека гледа подем во економијата за претстојната година и јас би побарала Ваше мислење колку е ова всушност вистинито и ваше мислење за Македонија во однос на економскиот развој ако се земат предвид сите долгови на нашата Влада?

 

 

Еврозоната може да влијае врз растот на Македонија

 

 

Проскурикова: Ние се согласуваме со Владата дека македонската економија расте, мислиме дека до крајот на годината порастот ќе биде околу 3.3%, а во 2015 проценуваме порастот да биде 3.5% и секако дека има ризици за ова гледиште, особено растот на Еврозоната може да влијае врз растот на Македонија, сепак досега благодарение на големите програми за јавни инвестиции и успехот на странските директни инвестиции во Македонија порастот е прилично голем, затоа мислиме дека државата ќе се развива во блиска иднина.

 

 

Инбокс 7: Во извештајот за Стратегијата за партнерство за 2011-2014 на економскиот развој се гледа како на клучно достигнување за нашата држава. Дали мислите дека спроведувањето на проектите кои нашата Влада постојано ги најавува и промовира ќе обезбедат стабилно социјално живеење за граѓаните на Македонија?

 

Проскурикова: Како што споменав, ние штотуку ја затворивме таа стратегија и таа беше доста успешна и резултираше во поддршка за развојот на македонската економија. Во однос на вашето прашање, вие прашувате дали благосостојбата на луѓето ќе се подобри, значи ова прашање го разгледуваме во два дела. Најпрвин мислиме дека за да се подобри благосостојбата на луѓето, државата треба да се развива и во однос на тоа ние ги поддржуваме програмите на Владата за развој преку конкурентност и всушност ова е првиот столб на нашата нова стратегија, наречен “Раст и конкурентност”. Ние се фокусираме на области кои го поддржуваат развојот на приватен бизнис, стабилна микроекономска средина и инвестирање во инфраструктурата за поддршка на економскиот развој и конкурентност. Исто така веруваме дека растот нема да се реши автоматски бидејќи треба да се вложат повеќе напори со цел истиот да биде поинклузивен и затоа мислиме дека е најважно да се создадат повеќе и подобри работни места за луѓето во Македонија, бидејќи ова е механизмот преку кој луѓето можат да имаат корист од економскиот развој. И ова е вториот столб на нашата стратегија “Вештини и инклузија”. Мислиме дека треба да се фокусираме на подобри вештини со цел образовниот систем да произведува вештини кои се бараат на пазарот на трудот за да луѓето добијат подобри работни места. И квалитетот на јавните услуги треба да се подобри и ние се фокусираме на ранливи групи преку проектите за условен кеш трансфер кои ги имаме со Министерствто за труд и социјална политика, но и преку општинските проекти за инфраструктура се фокусираме на основната инфраструктра ширум земјата.

 

Растот нема да се реши автоматски

 

 

Инбокс 7: Вие штотуку споменавте некои од проектите на кои веќе работите во соработка со Владата, сепак би сакала да ве прашам дали Светската банка има конкретни проекти за спроведување во руралните области на Македонија и дали предвидувате поблиска соработка со нашата Влада во оваа сфера?

 

Проскурикова: Секако.Проектот кој штотуку го споменав за општинската инфрастуктура е заем од 75 милиони долари  од Светската банка и се спроведува веќе подолго време и во тек е одобрување на дополнително финансирање од Европската комисија што ќе отвори посебен прозорец кој ќе биде фокусиран исклучиво на руралните средини и ќе се обезбеди благодарение на финансирањето од ИПА. Ќе се обезбеди  финансирање преку грантови за руралните општини, но и руралните делови од мешаните општини. Треба да се обрати внимание на клучните инфраструктурни потреби и една од работите која би сакала да ја нагласам е дека проектот не само што ја финансира самата инфраструктура, туку и ќе помогне општините да размислат кои се нивните приоритети и да одберат подобри инвестиции.

 

 

Oпштинската инфрастуктура

 

 

Инбокс 7: Според извештајот на Светската банка невработеноста на младите во Македонија е околу 50%, што е многу висок број за една мала држава како нашата. Би сакала да прашам дали Светската банка во Македонија има испланирани конкретни проекти за невработеноста на младите?

 

 

Проскурикова: Секако мислам дека ова е многу голем предизвик не само за Македонија, туку секоја држава во регионот се бори со висока невработеност на младите. Ние се фокусираме на две одредени интервенции во оваа област, но пред да ги споменам да ви кажам дека ние го поддржуваме растот, конкурентноста и инклузијата, и сега наши цели на стратегијата се да обезбедиме повеќе и подобри работни места за сите луѓе во Македонија и тоа секако ги вклучува младите луѓе и на некој начин сè што правиме треба да е во корист на младите. Сепак имаме две специфични интервенции, едната е Проектот за вештини и иновации кој штотуку почна да се спроведува и како што споменав, овој проект ќе се обиде да ги поврзе образовниот систем, универзитетите и стручните училишта со приватните бизниси и потенцијалните работодавци со цел младите луѓе да се обучуваат за вештини кои ги бара пазарот на труд и со тоа да имаат подобри шанси да најдат работа. Како дел од нашиот проект за условен кеш трансфер со Министерството за труд и социјална политика, ние поддржуваме пилот интервенција за вработување на младите, фокусирана на група која е многу ранлива, односно да им се помогне на оние кои примаат социјална помош, кои се ранлива група во Македонија, за премин на пазарот на трудот.

 

 

Иднината на Македонија е поврзана со членството во ЕУ

 

 

Инбокс 7:  Во вашиот одговор веќе споменавте каква иднина ја чека Македонија, сепак, за крај, би Ве замолила за понкретен одговор околу иднината на Македонија?

 

Проскурикова: Јас мислам дека иднината на Македонија е светла и поврзана со членството во ЕУ и цел на нашата стратегија е поддршка на Македонија за интеграција во ЕУ. Во поширока смисла мислам дека иднината на Македонија и нејзиниот одржлив и инклузивен раст треба да се заснова врз акцент на развојот на приватниот сектор. Досега придвижувач на растот на Македонија беше јавното инвестирање и тоа добро ѝ служеше на државата и прилично добро ѝ помогна за време на кризите изминативе години. Но во иднина одржливиот раст ќе треба да се фокусира на создавање подобри услови за приватните бизниси или локалните бизниси да ги искористат странските директни инвестиции кои веќе пристигнаа во Македонија, и преку нивна интеграција да се дојде до промена на глобалното производство.

 

Ви благодариме за одвоеното време.Штотуку проследивте интервју со директорката на канцеларијата во Скопје, Татјана Проскурикова од канцеларијата на Светска банка. Ви благодариме што бевте со нас.

 

 Уредник: Селим Ибраими

bajrami@inbox7.mk