Денешна дата
26/11/2020

Адвокатите ќе брцнат во џебот на граѓаните и при заверка на документи?

Од стотина до стотици илјади евра ќе плаќаат граѓаните услуга кај нотар ако Собранието го усвои предлог-законот, во иднина, секоја заверка на документ, покрај печат од надлежен нотар да има и задолжителен печат од адвокат што сами ќе го изберат. Нотарите велат дека тоа е упад во нивната професија, адвокатите пак, дека сакаат рамноправен однос со нотарите. А, тоа што со ваквите измени ќе се удри по џебот на граѓаните никого не го засега

Адвокатурата е самостојна служба, но за разлика од нотарите, за да бидеш адвокат доволно е да побараш упис во Именикот на Адвокатската комора. Адвокатите за својата работа не одговараат пред ниту една државна институција, туку само пред органите и телата на комората. Нотарите се обврзани сите свои приходи и расходи да ги пријавуваат во Министерството за правда, додека адвокатите своето финансиско работење го пријавуваат само во Адвокатската комора.

 

 

Владата крои законски измени, со кои граѓаните не ќе можат без адвокат буквално ни да мрднат при заверка на документи, што ги зголеми стравувањата како тоа ќе се одрази врз џебот на граѓаните. Деталите на предвидените измени се уште се далеку од очите на јавноста. Не се целосно информирани ниту инволвираните страни и нејасни се многу работи, но едно е извесно-дека задолжителното присуство на адвокат при заверка на документација се планира да се воведе без при тоа да им се остави простор на граѓаните сами да одлучат дали им е неопходна таква услуга за која ќе треба прескапо да плаќаат.

Notar

Предлог измените во Законот за нотаријат кои набрзина беа лансирани во јавноста и загриженоста околу нивното спроведување ја алармираа и Меѓународната унија на нотари со седиште во Рим, која експресно се изјасни против најавените законски измени, кои за ова прашање испратиле писмо до премиерот и министерот за правда.

 

„Инбокс 7“ ги консултираше засегнатите страни со намера да им предочиме повеќе детали на граѓаните и околу висината на давачките, но, и во Нотарската комора и во Адвокатската комора засега немаат конкретни информации за новиот Предлог – закон за нотаријат, кој уште не излезен од Министерството за правда предизвикува реакции и негодувања. И тоа не само поради дополнителните давачки што ќе паднат на грбот на граѓаните, туку и поради воведувањето на новина која, како што велат познавачите на состојбата, не постои во македонскиот правен систем, ниту пак ќе им биде од корист на граѓаните.

 

Пулејкова: Законските измени ќе донесат само конфузија и проблеми

 

Ако во иднина, граѓаните сакаат да купат или да продадат стан, ако купат автомобил вреден над 10.000 евра, ако сакаат да земат кредит, да го поделат имотот на родителите или пак да го подарат, тогаш за да ги заверат документите пред нотар ќе мора задолжително да ангажираат адвокат. Ова е суштината на новите  измени кои што треба да се најдат во Предлог-законот за нотаријат кој се подготвува во Министерството за правда. Истото се однесува и на сите платни налози, како и за евентуалните приговори на истите. Задолжителното присуство на адвокат при заверка на документи пред нотар ќе важи и за сите фирми, но нема да важи за лизинг компаниите, банките, осигурителните друштва како и за Република Македонија, кога се јавува како странка во некоја постапка.

Zorica Pulejkova

Зорица Пулејкова

Ќе се воведе нешто што воопшто не постои во нашиот правен систем, односно задолжително застапување во неспорна постапка, имајќи предвид дека во нашиот правен систем задолжително застапување од адвокат има само во кривичната постапка и тоа за најтешките кривични дела. Ваквите законски измени ќе донесат само конфузија и проблеми. Се работи за нарушување на принципот на волјата на граѓаните сами да одлучуваат дали ќе ангажираат адвокат, вели Зорица Пулејкова, претседателка на Нотарска комора на Македонија.

 

Ќе удрат по џебот на граѓаните

Од Нотарската комора засега не можат да кажат дали и колку ќе се зголемат трошоците за заверка на докумените. И од Адвокатската комора велат дека се уште немаат сознанија дали услугите за заверка на документите ќе поскапат.

nikola dodevski

Никола Додевски

Истата сума ќе треба да се подели на нотарите и на адвокатите. Се би се плаќало кај нотарот, па половина од платената услуга би му се давала на адвокатот”, вели за Инбокс7  Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора, кој е инаку и адвокат на премиерот Никола Груевски.

Adnan Jashari

Аднан Јашари

Министерот за правда, Аднан Јашари вели дека е рано да се зборува за било што.

Засега тоа е само заклучок на Владата. Формирана е работна група која треба да го анализира заклучокот и да даде свое мислење. Потоа Министерството ќе го разгледа мислењето на групата по што ќе може да се изготви предлог-закон за измени на Законот за нотаријат”, вели Јашари.

 

За нотарите скратени џепови, за адвокатите пари без мака

Ако Собранието го усвои предлог-законот за измени на Законот за нотаријат тоа ќе значи дека во иднина, или странките ќе мора да плаќаат двојно повеќе од досега или пак заработувачката на нотарите ќе мора да се скрати на пола.

Евентуалното донесување на овој закон уште повеќе ќе ги искомплицира односите помеѓу нотарите и адвокатите. Ваквото ривалство меѓу професиите произлегува од нивната положба во системот со што се поставува прашањето колку се тие во рамноправна положба во однос на примањата и одговорностите?

Имено, според Законот за нотаријат, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања. Но и покрај тоа нотарите ги бира и ги разрешува министерот за правда. Наспроти ова, и адвокатурата е самостојна служба, но за разлика од нотарите, за да бидеш адвокат доволно е да побараш упис во Именикот на адвокатската комора. Адвокатите за својата работа не одговараат пред ниту една државна институција, туку само пред органите и телата на комората. Друга причина што го продлабочува јазот е токму заработката. Нотарите се обврзани сите свои приходи и расходи да ги пријавуваат во Министерството за правда, додека адвокатите своето финансиско работење го пријавуваат само во Адвокатската комора. Слично е и со осигурувањето од штета. Нотарите се обврзани да се осигураат на најмалку 50.000 евра, а адвокатите на 10.000 евра, освен ако не се здружени во адвокатско друштво. За нив осигурувањето чини 50.000 евра. Она што ги спојува двете јавни служби е тоа што и нотарите и адвокатите заработувачката мора да ја пријават во УЈП а во случај на било каков спор, и едните и другите правдата може да ја бараат пред Управниот суд.

И додека нотарите и адвокатите водат правна битка за што подобро остварување на интересите на својата професија, министерот Јашари смирува.

„Дали има судир на надлежностите помеѓу нотарите и адвокатите ќе видиме дури откако предлог-законот ќе биде ставен на маса”, вели Јашари.

 

Заштита на граѓаните или штитење на сопствениот интерес

 

Додевски вели дека оваа идеја за задолжително присуство на адвокат кај нотар е стара неколку години и се надева на нејзина успешна реализација.

Се надеваме на скорешна реализација на идејата за која се залагаме да биде преточена во законско решение, адвокатите задолжително да учествуваат во постапките пред нотарите кога се работи за двострани правни дела. Уверени сме дека ќе добиеме поддршка од сите, затоа што тоа ќе биде поддршка не само за адвокатите, не само за комората, туку за јакнење на принципот на владеење на правото”, изјави Додевски на одбележувањето на 68 години од постоењето на адвокатурата во Македонија.

Тој за „Инбокс7“ вели дека со ова адвокатите само сакаат да бидат рамноправни со нотарите и тврди дека единствената цел на ваквиот предлог-закон е заштита на граѓаните.

Не може нотарот и да составува правен акт и истиот да го заверува. Нивната работа е само да удрат печат и да го формализираат тој акт. Со тоа што таквите правни акти ќе ги составува и ќе им удира печат и адвокат, странките ќе добијат двојна заштита”, вели Додевски.

Претседателот на Нотарската комора, Пулејкова не се согласува дека задолжителното присуство на адвокатите при заверка на документите ќе биде во корист на граѓаните и фирмите.

Нотарската комора смета дека со ваквите измени граѓаните нема да имаат некои придобивки, бидејќи тие и сега доколку сакаат можат да ангажираат адвокат за сите постапки пред нотарите, но тоа не би требало да биде задолжително. Ако ги исклучиме познатите случаи „Бачило” и „Фиком” кои се случија на почетокот на работењето на нотарите, тие докажаа со своето работење дека обезбедуваат висок степен на правна сигурност, особено во прометот на недвижностите каде што измамите се сведени на минимум како резултат на блиската соработка на нотарите и Агенцијата за катастар на недвижности, вели Пулејкова.

Министерот Јашари пак смирува и вели дека со подготовката на измените на законот ќе се знае дали има судир на надлежностите помеѓу нотарите и адвокатите.

 

Кој ќе им ја плати штетата на граѓаните?

 

Во оваа правна битка помеѓу нотарите и адвокатите, Пулејкова прашува како ќе се делат одговорностите. Дали во случај кога еден граѓанин или фирма се оштетени одговорноста заедно ќе ја делат нотарите и адвокатите како што би ја делеле и нотарската награда или одговорноста ќе биде само на нотарите, а парите ќе се делат на половина.

Со ваквите измени ќе се појават многу спорни моменти во смисла на одговорноста за правната работа, надоместувањето на штета, обврската за пријавување на сомневање за перење на пари, а со оглед на тоа што нотарите мора задолжително да бидат осигурени, а адвокатите не“, вели Пулејкова.

Според Законот за нотаријат, нотарот е должен пред започнувањето со работа да се осигура од одговорност за штета која би можела да биде причинета на трети лица при вршењето на нотарската служба. Најнискиот износ на осигурување изнесува 50.000 евра.

Додевски пак го тврди спротивното и вели дека правилата за осигурување и одговорност се исти и за нотарите и за адвокатите.

Нема ништо спорно во утврдувањето на одговорноста кај адвокатите. Доколку биде предизвикана штета, тогаш странките имаат право да го тужат адвокатот“, вели Додевски.

Според Законот за адвокатура, адвокатот е должен да се осигура од одговорноста за штета која би ја сторил на трети лица со намера при вршење на адвокатската дејност. Најнискиот износ на осигурување изнесува 10.000 евра за адвокат поединец и 50.000 евра ако двајца или повеќе адвокати се здружени во адвокатско друштво. Ниту во Законот за нотаријат, ниту во Законот за адвокатура не постојат конкретно утврдени правила на кој начин се утврдува одговорноста на нотарот или адвокатот ако со својата работа предизвикаат штета кон граѓаните или фирмите ниту пак како би се исплатила штетата доколку истата биде утврдена.

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk