Денешна дата
18/02/2020

Некои хиени меѓу новинарите

Во трката за кликови и лајкови ни настрада веста – речиси во сите постирани написи за скандали, шокантни и вознемирувачки објави, деновиве читам само дезинформации и лаги. Ни ги газат основните стандарди на новинарската професија. Неверојатно е колку лесно поминаа преку сите етички принципи и објавија лице на жена што се фрли од шести кат, несреќник што се обеси наспроти Нова Македонија, страотна слика од згмечен автомобил во кој згаснаа пет млади животи. А, читателот? За среќа, тој умее да препознае колку и кому му сече?

Како до смрт прегладнети хиени што демнат мрши – така ми наликуваат сите оние копи пејст он – лајн работилници кои произведуваат сериски „вести“ и им ги нудат како новинарски производ на македонските читатели на социјалните мрежи. Во последниве неколку дена Фејсбук и Твитер беа преплавени со објави за смешни љубовни триаголници, неверства, скршени срца…Претходно не шокираа со објави за самоубиства, за несреќи и тоа без никакви потврди и официјални изјави за настаните. Важно е дека се ловат кликови.

Најстрашно е што ваквите објави се со лажна декларација „новинарски производ“. Во трката кој прв ќе ја украде „ексклузивната вест“ од конкуренцијата и од неа ќе направи варијанта од која на читателот може само коса на глава да му се крене, се газат сите стандарди, критериуми и принципи на етичното, објективно новинарство.

Тука не станува збор ниту за производ од новинари, ниту за проверена информација. Јасно ни е на сите дека е само мамка за кликови и лајкови. И откако, вулгаризираната вест со единствена  употребна вредност  да ја шокира и да ја скандализира јавноста, а не да информира, ќе се постира на социјалните мрежи, се чека на пленот – вештачки набилдан со кликови и лајкови кои апсолутно ќе го кренат графиконот на посетеност, која најчесто без никаква релевантност се толкува дека е читаност на медиумот со која се оди во лов по реклами. Досега не знам дека некој сериозно се зафатил со анализа на кликаноста и читаноста, но извесно е дека ќе мора и он – лајн медиумите и огласувачите да ја разбијата таа фама од стотина и кусур илјади кликови. И впрочем, колку ли ни вреди тој еден клик кога многу пати досега  сум била во ситуација да се срамам од објавениот крш што се нарекува новинарски производ и се нуди како таков производ? Просто е неверојатно колку некој сака лесно да да го заработи лебот газејќи по туѓи судбини, лаејќи по туѓи животи?

Се срамев од напишаното и објавеното и кога пред некоја година кобно заврши еден несреќен живот – човекот решил да си ја одземе душата, се обеси на дрво во паркот наспроти зградата на Нова Македонија. И тогаш некои нови „производители“ во он – лајн просторот ја злоупотребија оваа тешка судбина на нашиот сограѓанин, но беа веднаш осудени од ФБ и Твитер заедницата. Без грам мозок и совест, а со намера да шокираат и истовремено да билдаат кликови ги повикаа своите читатели да го прочитаат нивниот текст, насловен грозоморно:  „Ова е човекот што се обеси на дрво кај Нова Македонија“.

Тој несреќен човек има семејство, има деца, има жена. Има пријатели, соседи. Тој човек имаше свој живот, а хиените дури и со (ФОТО) објавија, само за да добијат клик повеќе од другите. Колку ли ни вреди еден клик колеги? И колку впрочем, вредат сите тие набилдани вештачки кликови и лајкови од нашата ФБ или Твитер публика? И што со сите тие лајкови и кликови добиени на нечии солзи, крв и тага? Така ли ќе си го мериме квалитетот, односно умот?

Се срамев што сум новинар и од репортерското известување на некои во он – лајн просторот кога во тешка несреќа во подрумот на зградата на Пазарната инспекција во Скопје згаснаа пет млади животи. Се срамев што прочитав писание, кое беше продадено како новинарски производ, а од секоја реченица бликаше шок, ужас.

Етичките принципи на новинарската професија мислам дека тогаш беа фрлени најдалеку. Дури и си помислив  – има ли луѓе меѓу нас новинарите? И сега си помислувам – Кои се тие хиени меѓу новинарите што со денови се обидуваа да ќарат безвредни кликови и лајкови на кобниот настан од пред една недела со објава – „Оваа е  жената на познатиот пејач што се фрли од шести кат“?!

 Во непрофесионалното, некадерно известување за овој трагичен настан немаше ниту една официјална потврда од надлежен орган. Се уште стојат линковите на срамот:

Според последните информации можеби не се работи за самоубиство, туку за несреќа на работното место или нешто друго. Жената „животот си го одзела“ скокајќи од шестиот кат во зградата во која работела. Што точно се случило не знае никој, како ни тоа дали на трагедијата и претходел некаков проблем.“

И ова беше понудено како новинарски производ?!

Кога летоска, хрватски новинари го растргнаа Македонецот што погали фока на плажа во Пула, објавуваќи дека ја тепал и ја малтретирал, со денови се водеше дебата за непрофесионалсноста на колегите од Хрватска. На социјалните мрежи излезе на површина и еден тон национализам и примитивизам. И тоа потикнато од класична дезинформација за настан во кој наш сограѓанин погалил фока на плажа, а беше прикажан како насилник кој тепал и малтретирал, па беше протеран од државата. Првата објавена дезинформација за Македонецот – „фокаждер“, повлече уште една класична дезинформација – Македонецот беше протеран од Хрватска не поради настанот на плажата во Пула, туку затоа што не му бил регулиран престојот во земјата. Тогаш и во Македонија, тотално неодговорно ја потпаливме јавноста на јалова дебата предизвикана од вест пренесена на принципот лежи лебу да те јадам (копи пејст). И дури откако подоцна го видовме видеото објавено на Дневник.хр, се обидовме да исправаме нешто што не можеше да се исправи – нашата непрофесионалност и некадерност. А, сакаме одговорно новинарство. Сакаме на читателот да му понудиме точна, проверена,  информација. Сакаме да го информираме или да го шокираме, да го стаписаме ли? Може некој ќе забележи дека претеруваме и дека на сцена е таблоидно новинарство! Барем и тоа да го произведуваат!

И сега – има ли чаре за извлекување од тињата?

Секако, за пофалба е проектот финасиран од УСАИД за зајакнување на македонското новинарство преку издржани рецензии на професионални новинари и проверка на факти. Но, тоа не е доволно!

Но, можеме барем со гласноста со која се бориме да ја кажеме нашата вистина за загушената слобода, за притисоците и автоцензурата што ни ја заробува професијата, да се избориме и за нашите принципи на етично и објективно информирање, кога веќе немаме ни суд, ни совет на честа. Или го имаме – само декларативно во ЗНМ.  Во деведесетите, беше сосема поинаку – имаше и суд и совет. И можеби само по некоја хиена.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот