Денешна дата
19/09/2020

УСТАВНА ТУЖБА ЗА ВЕЉАНОВСКИ

Опозицијата не се враќа во парлементот. Таквото дерогирање на институциите е континуиран антидемократскиот синдром на македонската демократија во последните две децениии. Повремено или трајно сите актуелни партии имаа свои спектакуларни одсуства од законодавниот дом.  Потоа, со покајание се враќаа, а некои завршуваа со политички дебакл на следните избори. Но, по правило владејачките партии и нивните водства беа губитници и завршуваат на буништето на истрошени и декласирани политичари.

Приватизацијата на Црвенковски остана бреме за него и тогашните владејачки соцјалдемократи, што Георгиевски, по ризичниот бојкот од 94-та го искористи за освојување на својата Премиерска улога. Неговата алчност  ја амнестира токму  сдсмовската власт.  Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе го носи товарот на дебаклот во евроатланските интеграции и новиот модел на создавање клептократија хранета со прекумерната буџетска потрошувачка. И таа цена ќе мора да ја плати, без притоа опозицијата да му биде алиби за погрешно менаџираните политики. Но, ако се продолжи со меѓусебното премолчување на криминалните активности, тогаш историјата се враќа како фарса. Затоа Груевски и Заев мора да излезат на отворена сцена. За да не биде Македонска банка замена за Глобус.

Лидерската суета на Груевски е нагласена и преку  мајоритетна положба, од ништо и никого неконтролирана, најмалку од Парламентот и од партискиот врв. Поради неа Македонија е внесена во една нова фаза на политичко-економска драматичност. Се создаваат долгови за една цела следна генереција. Преку ноќ се менува законодавниот амбиент, министрите не се слуги на целиот народ туку додворувачи на паланечката логика. Се кројат социјални мерки со едноставна формула – дај за да гласам, добивате за да бидете лојални.

И без исклучивите и ултимативни барања на Заев, Владата ќе биде принудена да реализира Попис, зашто без него ниедна економско – демографско – социјална политика не е валидна. Од бафтана е, велат во Маџир маало, да го воведам скопскиот сленг.  Потоа  е обврската на ДИК и МВР да го ревидираат и ажурираат Избирачкиот список, да го ограничи користењето на буџетските ресурси во изборните нерегуларности.  На раководството на МТВ  би требало да му  допушти да биде предводник во медиумската демократизација и партиската избалансираност, со еднакво право на претставување на проблемите и информациите за Албанците на Првиот канал и на Македонците на Вториот етнички. Ова за Јавниот сервис е неповторлива шанса, во услови на програмски неинвентивните три провладини ТВ канали, избербатени со турцизацијата, особено со најновиот бран на српската естрада која веќе не сакаат ни во Белград. Толку е стеснет изборот на подбуцнувачите на владините политики, застапувани низ ставовите на перманентно ескпонираните 3-4 помлади, но искусни со партиските превртливи промени на табори, што само по себе зборува за крах на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата не може да регрутира посвежи, поавтентични и слободоумни експерти за медиумски настапи. Ако не се појават нови фаци, атрофијата на партијата е започната, зашто нема ни база, ниту мотиви за нови регрутации.

Реформи тропаат на Илинденска, со Заев или без СДСМ. На опозицијата допрва и треба партиска иновација за да не се фрагментираат,  пред се соцјалдемократите. Тие и натаму играат на замор на материјалот кај вмровците, отколку на комплетна (само)промоција. Оттука мобилизацијата на незадоволните од владеењето на Груевски сè уште базира на ефтината и потрошена реторика – кога ќе соопштеле што имале и Премиерот сам ќе паднел?!

Бедно делува парламентот, празен демократски и реторичен. За буџетската политика нема дебата, Уставните амандмани се кројат без опонентски гледишта. Кога за критиките од ЕУ кон Власта во Скопје виновна е опозицијата, штом нема провокација во пратеничкото соочување, па дури и Премиерот е молчелив, демократската страст во Македонија одмана е кастрирана.

Како “глас на народот” владејачките пратеници ја продолжуваат рурализацијата на политичкото соочување со Владата. Но, сега избраниците, кон селото гледаат главно од терасите на  своите скопски дачи. Беше предивливо дека парламентарците, кој и натаму се без сопствен политички интегритет, ќе ги промовираат само своите вмровски средби сред село. Каква парламентарна лакрдија и кај опозиционерките? Една се грижеше за грипот на нејзиниот доктор во Прилеп каде пациенти има, но нема лекари, оператори, опрема  и парно. Друга,пак, протерана од СДСМ, со конфузијата пред изборот на прашањата, се реши за “најважното“ – кога ќе им се исплати надоместокот на членовите на избирачките списоци?  Од нив се засрами и премиерот Груевски, кој со својот шарм – не сум од тука и за тука – одбегна да одговори за преговорите со опозицијата. И не треба, таа нека си ги рашетува своите 5000 екипи.

Нема кој да праша за официјален став зошто еколошката криза ќе се решава со пар-непар возење, откако оваа Влада дозволи увоз на најмалку 60 илјади крш-возила од европско-бугарските пазари и ги доведе домашните дилери во серија банкротства. Или, зошто Југохром не се затвора? Дали поради притисокот од Москва или губењето на изборите во тој крај? Или, како наеднаш сите наредни најавени инвестиции се зголемија во стотици милиони евра, кога за ист број на новоотворени работни места кај странците досега се трошеа од 5 – 25 милиони евра?  Од какви мотиви не е реализирана идејата за слободен пазар за увоз на струја? Чиј монопол се чува или е тоа компензација за коалицискиот партнер…?

Аномијата на институциите е комплетна. Македонија одвнатре е сè поразјарена и поразнебитена. Таа е недостиг на правила за општествена регулација. Потоа следува криза на моралот, се растураат инстиуциите, општествените вредности не се комлепентарни со некои усвоени меѓунардни стандарди и обичајни правила. Фрацускиот социолог Емил Дуиркем пишува:

Аномијата е недостиг или суспензија и неефикасност на општествените норми, прописи, закони, и вредности што придонесува за дезорганизација и дестабилизација на општеството и државата. Состојбата на аномија доаѓа во општества на транзиција, кога луѓето се дезориентирани во барањата на подносливи форми на однесувања. Поранешните норми не важат, новите не се почитуваат.

Во Македонија парламентарната демократија е суспендирана и приватизирана. Во законодавниот дом има пратеници, нема говорници. И тие што се истренираа, во овие осум години, немаат провокација за соочување. Со кого и за што? Парламентот е коректив, контролор на извршната власт. Само во држави со инвалидизирана демократија може 30 насто од законите и измените да се носат по скратена постапка, за “еден ден” да се изгласаат над сто закони?

Спикерот е продолжена рака на Премиерот. Не дава дамка да падне врз неговата личност, по цена да манипулира со Деловникот и Уставот. Загриженоста за политичката криза требаше да ја манифестира кога допушти Парлементот  да биде бојно поле против опозцицијата и новинарите. Одамна е измина времето кога Вељановски требаше да им ги верификува оставките на апстинентите. Веднаш и неповратно. Доколку и натаму ја одбегнува одлуката тогаш Спикерот ќе се соочи со првата Уставна тужба, по усвојувањата на амандаманите.

Уставна жалба се поднесува од физичко или правно лице, изјавена против поединечен акт или дејствие на…носител на јавни овластувања со кои се повредуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот…  

Нема поголемо кршење на индивидуалниот слободен избор и волја на граѓаните(пратеници) во тaктизирањето да се усвојат писмените оставки на опозицијата. Но, потоа ќе се владее без респект кон различномислечките. Нема поширока дерогација за слободата на став и мислење.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)