Денешна дата
19/09/2020

Власта во колапс поради „бомба“

Заев пак ќе фрли „бомба“. Појасни дека поседува докази, после чија презентација во јавноста, премиерот Никола Груевски ќе мора во рок од три дена да поднесе оставка, а Македонија ќе треба да се срами од нив, затоа што се „сензитивни и допираат до меѓуетничките односи“. Скептиците мислат дека пак и таа „бомба“ ќа заврши како петарда. Но, мислам дека не е така. Ова нема да биде ниту бомба, а најмалку петарда, туку ТОП со огромна разорна моќ. Не верувам дека тоа е кажано без зелено светло од големите играчи. Напротив, се ближи моментот кога на режимот ќе му се отсвири крај. Никој не очекуваше дека при наши услови големите афери обелоденети во предизборието ќе предизвикаат радикална промена кај гласачите. Најмалку дека Груевски достоинствено ќе поднесе оставка. Но, тоа беше само предупредување за режимот да отстапи од ќор сокакот. Да ги реши барем најгорливите проблеми што самиот ги создал и да си замине. Но, тешко се сфаќа од позиција на власт. Коалиционите партнери мислеа дека тоа е само фрлање на една обична топка снег и си продолжија по старо. Сега топката снег се тркала, станува се поголема и се заканува да создаде лавина.

Има три причини зошто власта мора да си замине. Првата е стравувањето на клучните светски играчи дека понатамошното толерирање на ваквиот опасен популизам и национализам со опасни уши и опасна уста ќе заврши со внатрешен и регионален конфликт. Факт е дека за да се маскира организираниот криминал, со години тука се игра со чувствата и судбината на луѓето, и тоа создаде голема недоверба, инциденти, тепачки и омраза, кои лесно може да излезат од контрола.

Втората причина е стравот кај странците дека ако се толерира и понатаму ваквата диктатура, тоа може да стане голема закана за целиот регион, оти ако поминат неказнети малите диктатори тоа ќе ги охрабри големите потенцијални регионални диктатори, и целиот регион ќе се претвори во пекол. Затоа режимот мора да колабира. Не е случајно дадена изјавата на американскиот амбасадор Волерс дека не сакаат во Македонија да гледаат Украина. Во таа насока се и бројните изјави на Нуланд, Меркел и многу други – дека состојбата веќе е неиздржлива. Но, пред да колабира, таа ќе мора да го реши името, гранка на која режимот со години удобно седи со нула резултати и огромен пустош, и плус две милјарди евра долг. Интресна е последната изјава на Германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер на конференцијата за Западен Балкан – „Германија притиска да се реши спорот за името меѓу Македонија и Грција“. На Шестата Аспен конференција на шефот на македонската дипломатија Попоски, му било забележано дека власта треба повеќе да се грижи за луѓето отколку за спомениците, оти барајќи антички гробници целата државата ја претворија во масовна гробница. И Дојче Веле коментира дека на конференцијата спорот за името со Грција бил меѓу главните теми на дебатата. А на Грците им била упатена порака дека – „ако сме присилени да најдеме одржливо решение за економската ситуација во Грција, треба да се најде и пат за решавање на другите прашања.“ Се на се, значи разврската се наближува.

Третата причина е од морална природа. Режимот овие години ги прегази сите основно човечки вредности. Неговото понатамошно толерирање сериозно го нарушува основниот морален кредибилитет на Брисел. Да потсетиме на сите извештаи каде што на режимот му се прогледа низ прсти, само да го реши проблемот со името, што самиот го создал. Сега увидоа дека диктатурата многу е забегана. Таа продолжи да владее со страв, со закани и уцени. Истото го прави и денес кога во обична чајџилница УЈП влегува со специјални единици.

Несфатливо е како луѓето се доведоа до таа дереџе да останат индиферентни додека животот на нивните деца материјално и ментало се распаѓа. Нивните блиски се фрлат во бездна а тие од страв не ги ни спречуват. Тоа не е својствен ниту во светот на животните. Индиферентно гледаат како пред очи ги крадат! И не се украде само материјалната екзистанција, туку и физичкото и менталното здравје. Сегашноста и иднината. Рекламираат здрава храна а бројни луѓе се хранат по контејнерите. А нивните деца не знаат што со парите. Дури им е мрско да ги бројат па им наредуваат на нивните другари. Значи, мора на ваквото владеење да му ставиме крај. И самите тие знаат дека нивното владеење веќе нема ниту елементарна смисла. Дури фаќаат позиции на време. Самите притискаат да се реши името милслејќи на својот спас. Барат „рбетот да се свитка“. Сега мегафоните велат дека ние сакаме ама и Грците треба да се притискаат за да го решиме проблемот. Власта се враќа на местото на злосторот. Нема веќе индиферентност. Меѓународната заедница не дава се готово на тацна. „Топот“ е спремен. Треба да заминат тие чии единствен талент е катастрофата.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk