Денешна дата
30/05/2020

Државата им вели „снајди се па живеј“ на малолетните зависници од дроги

Во Македонија постои комплетно отсуство од специјално дизајнирана програма за малолетни лица за зависности од дроги. Младите зависници кои имаат помалку од 18 години наместо да бидат вклучени во специјални програми за лечење и ресоцијализација, во моментот се оставени да се снаоѓаат и преживуваат

Дваесетгодишниот Кире од населбата Козле е среќен што е жив. Иако како зависник од хероин поминал низ пеколот и продал речиси се што поседува, вели дека тоа што денес е тука да говори за проблемите за него е вистинско чудо.

Започнав на 15 години, најпрво користев други дроги како кокаин и екстази, а потоа прејдов на хероин, иако тоа не е предуслов за да се започне со хероин. Сакав да пробам од што сум слушал дека е дрога која ти дава незаменливо чувство…Не се опишува чувството, но што повеќе се навлекуваш толку повеќе те утепува. Набргу почнав од сегде да барам хероин и да се движам во тие кругови…некогаш имав јас, некогаш некој друг друг, но мораше да се дојде до дрога, нема бегање“, раскажува младиот Кире.

Вели дека воопшто не му паѓало на памет да се откаже од користење дрога, се додека не почнале да секнуваат и последните пари кои ги имал.

Во моментите кога немав пари започнав да ги давам личните предмети на лихвар или пак продадов од дома работи како лаптопот, саатот домашното злато. Кога во крајни моменти немаш ни денар веќе и кога сите извори се пресушени, тогаш се роди желбата да се откажам па започнав со метадон. Не можев да го купам легално зашто бев малолетен па го купував илегално од Тетово и од Гостивар и секогаш се пазев да не користиме иста игла со другите“, додава тој.

Иако откажувањето било многу тешко, со болки по целото тело, неспиење и невидени кошмари и препотувања, сепак тој се соочил со процесот.

Не ти се јаде, неможеш ни да спиеш, ништо не те интересира сакаш само да бидеш сам без никој. Јас имав среќа што имав кој да ме поддржи, имав луѓе околу мене со многу инает кои ми ги сменија погледите за убавините на животот. На крајот се преселив шест месеци на село и се изолирав, по што некако се извлеков“, завршува Кире.

Сепак не сите имаат толку среќа како овој млад човек. Некои од младите зависници немаат семејства кои ќе ги поддржат во процесот на лекување или пак потекнуваат од дисфункционални семејства во кои некои од родителите и самите се зависници од дроги. За нив државата засега нема решение.

Во Македонија постои комплетно отсуство од специјално дизајнирана програма за малолетни лица за зависности од дроги. Младите зависници кои имаат помалку од 18 години наместо да бидат вклучени во специјални програми за лечење и ресоцијализација, во моментот се оставени да се снаоѓаат и преживуваат.

Од граѓанскиот сектор вели дека тоа што државата нема програми за третман на млади зависници е голем проблем. Регистрираните лекови за лечење од зависности како метадон и бупренорфин, може да се земаат од 16 години, но и покрај тоа во последните три години немаат третирано ниту едно младо лице под 18 години со овие два лека. Младите сега повремено се третираат во веќе постоечки институциии, најчесто тоа е Клиниката за неуропсихијатрија, во посебниот оддел за деца и адолесценти, меѓутоа специјализирана програма за третман на млади под 18 години, не постои.

Нема ниту протокол за медицински третман на малолетници и иако според извори во граѓанскиот сектор неодамна е формирана работна група за да го напише овој протокол, тој се уште не е објавен.

Влатко Деков од невладината ХОПС – Опции за здрав живот вели дека само според податоците во однос на бројот на предозирање со опијати, во главно со хероин, од 2001 до 2005 година од вкупно 1436 интервенции при предозирање, 606 или 42,2% се интервенции кај деца, односно на возраст помала од 18 години околу 606 интервенции имало кај малолетни корисници кои се предозирале.

Кога веќе имаме податоци дека постои таква популација, треба да се понуди третман а ние тоа го немаме. Ова е голем проблем бидејќи освен што не постои медицински третман, не постојат ниту програми за ресоцијализација ниту рехабилитација. Кога станува збор за деца, тоа е клучната работа. Ако имаме само медицинска програма, може и до негде да даде резултат, меѓутоа кај голем број од децата, особено децата на улица кои потекнуваат од сиромашни или нефункционални семејства, ние нема да го решиме проблемот само со тоа што ќе му дадеме лек. Треба и другите проблеми да се решаваат зашто кога детето ќе се врати во истата средина тоа повторно ќе почне да употребува дроги”, вели Деков.

Според информациите на ХОПС, малолетните зависници во моментот функционираат буквално според премисата „снајди се, па живеј“. Доколку малолетникот потекнува од семејство кое е пофункционално или пак има повеќе финансиски средства, се снаоѓаат. Проблемот станува многу поголем кај децата кои потекнуваат од семејства кои се посиромашни, или пак оние кои немаат семејства а треба да се лекуваат.

Најважно е да се отворат програми и медицински и социјални, да се регистрира лекот за колку што е можно помала возраст и тие програми кои ќе се отворат да не овозможуваат мешање помеѓу малолетните и возрасните. Тоа се клучните работи кои треба да се сфатат, нормално и да се донесе протокол за третман, за да има официјален документ според кој ќе се водат. Мора да се работи паралелно и таа програма мора да ја вклучи социјалната компонента. Ако родителите се причина за детето да користи дрога, тогаш треба да се работи со родителите, па дури и да им се одземе старателството доколку тие се клучната причина. Конкретни програми нема, тоа се само ад хок акции кога ќе се јави некој случај и тогаш се крева малку галама и тука завршува целата работа“, вели Влатко Деков.

Според граѓанските организации министерствата за труд и социјална политика и министерството за здравство се оние кои треба да ги изработат ваквите програми, но и постојано да соработуваат во нивното спроведување.

Иако испративме прашања до Mинистерството за труд и социјална политика и Mинистерството за здравство за тоа што прават на овој план и дали се планира отварање на ваквите специјализирани програми за лечење, до објавувањето на овој текст не добивме одговори.

Докторот Дарко Костовски кој е координатор на Центарот за третман на зависности во болницата „8-ми септември“ вели дека третманот на малолетници и адолесценти зависници во државата е несоодветен во однос на димензијата на проблемот на злоупотреба на дроги.

Институциите кои во рамки на здравствениот систем ја третираат оваа популација, не се дизјанирани и тренирани за проблемот. Клиниката за педијатрија никогаш не лекувала и не третира зависности, Клиниката за психијатрија има одделение за детска психијатрија но таму персоналот е презафатен со психијатриските случаи и не третираат зависности, во психијатриската болница Бардовци не може да ги третираат бидејќи според законот тие не смеат да третираат малолетни лица. Исто така и метадонот не е достапен за малолетници и не смеат да прават преглед на малолетници“, вели Костовски и додава дека стигматизирачкиот став кон овие лица и непотребното морализирање не одалечува од решавање на проблемот.

Според него, постои генерализирана општествена немоќ на општеството да најде соодветен координиран одговор за третман на малолетните зависници од дроги.

Социологот Нелко Стојановски вели дека најдобро е да се работи воопшто да не дојде до зависности од дроги кај младите.

Сепак имаме се повеќе зависности, на се помала возраст, голем дел од нив почнуваат со полесни дроги а потоа преминуваат на потешки. Училиштето, семејството, полицијата, мора да се алармираат и да се зајакне контролата. Општетството и државата не се помириле со тоа дека постојат и малолетни зависници. Треба да се размислува на тоа да се вклучи и науката и државата во изработка на план за превенција од дроги и за ресоцијализација на младите зависници“, смета Стојановски.

Од 1999 година до крајот на 2012 година ХОПС има контактирано со вкупно 3410 лица кои употребуваат дроги. Од нив 2291 се машки, а 256 женски, додека за 863 лица нема податок за пол ниту за возраст во времето кога се евидентирани во ХППС. Заклучно со 2012 година во базата на податоци се евидентирани вкупно 43 лица кои во времето на првиот контакт биле под 18 години. Според извештаите на ХОПС, во 2012 година контактирани се 9 различни малолетни корисници на дроги на возраст од 5-17 години и тоа пет женски и четири машки. Во текот на 2012 едно лице починало. Според видот на дрогата што ја користат, 3 употребуваат лепило, 6 редовно употребуваат хероин, а повремено користат лепило, метадон и бензодијазепини.

 

Дете инјектира дрога од осум години!

Дете кое сега има тринаесет години за прв пат е сретнатo oд тимoт на ХOПС на 8-гoдишна возраст, кога веќе почнало со инјектирање дрога, а претходно инхалирало лепило и солвенти. Тоа е без родителска грижа и било сместено во Јавната установа за деца и младинци „25-ти Мај“ Скопје. Од мај 2011 година детето било сместено на Клиниката за педијатрија во Скопје, по прием поради предозирање со дрога. Детето на оваа клиника било третирано од зависност од дроги и други болести произлезени од употреба на дрога. Во август 2011 година, поради компликации предизвикани од подолга употреба на дроги и инјектирање, детето е преместено во специјализираната Клиника за ортопедија во Охрид. По неколку дена, без хируршка интервенција, токму поради непостоењето на специјализирана институција за третман, нега и рехабилитација на деца корисници на дроги, меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје го сместило во приватната геријатриска институција Сју Рајдер во Скопје. Од Клиниката за педијатрија било посочено дека детето има потреба од хируршки зафат на ногата, но Клиниката за ортопедија одбива да го прими. Ова е само еден од случаите каде директно се гледа проблемот со децата што употребуваат дроги и немањето соодветна терапија за нивниот третман, како и програми за нега, рехабилитација и ресоцијализација по медицинскиот третман. Детето е отпуштено од болница во мај 2012 година и е доверено на грижа на подалечни роднини кои за тоа добиваат надоместок, а како резултат на несоодветната нега, детето има отежнато движење во количка. Според последните информации на ХОПС, неодамна детето се вратило кај својата мајка и повторно започнало да употребува хероин.

Уредник: Тамара Чаусидис