Денешна дата
02/12/2020

БОЈКОТОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА: КАКВА КРИЗА НÈ ОЧЕКУВА?

По исцрпување на процедурите за одземање на мандатите извесно е дека ќе бидат распишани парцијални избори за испразнетите пратенички места, велат експертите. Но, тогаш ќе влеземе во уште потешка политичка криза, објаснува професорот Кадриу, „бидејќи опозицијата, како што најавува, нема да излезе на тие избори и ќе се најдеме во една крајно загрижувачка ситуација, тоа е еднопартиски систем, а опозицијата ќе биде елиминирана од политичката сцена“. Шеќеринска цврста на ставот- без преговори кои ќе обезбедат услови за одржување фер и демократски избори не се враќаме во Собранието. Првиот собраниски спикер Андов, пак смета дека е противуставно групно да им се одземат мандатите на пратениците од политички причини

Во парламентот се пребројуваат отсуствата на пратениците, како и на оние од опозицијата, кои одамна ги депонираа оставките, а сега спикерот Трајко Велјановски како „неоправдано отсутни“ ќе ги санкционира, односно ќе им бидат одземени мандатите поради отсуство од работа. Констатирањето на недоаѓањето на пратениците на седници на ваков начин претставува констатирање на политичка одговорност, сметаат експертите. Дел од нив објаснуваат дека варијантата на групно одземање на мандатите е туѓа за Уставот.

Според заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, ова одолговлекување е само притисок кој се прави од страна на власта врз опозицијата. Таа е децидна дека нема предомислувања кај ниту еден пратеник на СДСМ за враќање назад.

Radmila Sekerinska

Радмила Шеќеринска (фото: СДСМ)

 

Без преговори кои ќе значат сериозна примена и обезбедување на услови за фер и демократски избори не се враќаме во Собранието. Ова одолговлекување е само притисок кој се прави од страна на власта врз опозицијата. Немаше потреба шест месеци да чекаат, оставките се поднесени“, вели Шеќеринска.

 

Нејасно е зошто Велјановски го одбра овој начин да го реши проблемот со нас пратениците кога оставките се депонирани во Собранието одамна. Јас не сакам во моето CV да имам податок дека сум била разрешена. Сепак, друго е кога поднесуваш оставка. Оттука, ова е уште еден обид на власта да не виктимизира нас пратениците на СДСМ“, изјавува за „Инбокс7“, Лидија Димова, пратеник во оставка на СДСМ.

Lidija Dimova

Лидија Димова: Во овие шест месеци ако во нешто сум сигурна, тоа е дека гласачите на опозицијата сигурно не сакаат ние да ги претставуваме во ваков парламент

 

На прашањето дали некои пратеници ќе се вратат во Собранието, Димова е децидна дека таа нема да се врати. „Мене ми се чини несериозно после 6 месеци да се решиш и да влезеш во Собранието особено зашто сега го немаш изговорот дека граѓаните гласале за вие да ги претставувате. Во овие шест месеци ако во нешто сум сигурна, тоа е дека гласачите на опозицијата сигурно не сакаат ние да ги претставуваме во ваков парламент. И за тоа немам никаква дилема. Лично, не верувам дека некој ќе се врати, зашто вистината е поинаква од онаа за која известуваат медиумите по секој наш Извршен одбор“, вели Димова.

 

Таа смета дека СДСМ доследно ќе ја спроведува своја стратегија за дејствување меѓу граѓаните. „Нас фактите ни зборуваат дека поради контролираната медиумска сцена, граѓаните најчесто се погрешно информирани, а оттука и донесуваат ставови врз погрешни (изманипулирани намерно) докази… Нашата цел е да поминеме повеќе време меѓу нив и да поразговараме за безбројните заблуди што ги создава власта“, децидна е Димова.

 

Според потпретседателот на СДСМ, Фросина Ременски можните индивидуални враќања на пратениците на опозицијата во парламентот се медиумски спинови.

Frosina Remenski

Фросина Ременски: Велјановски признава дека пратениците од опозицијата се оправдано отсутни

 

Опозицијата останува на поднесените оставки Трајко Велјановски е сè уште претседател на Собранието кој не закажа седница по оставките, туку решија да чекаат шест месеци, а можеше комотно да се заврши таа работа. Ние не сме загрижени за ситуацијата, дијалогот зависи од власта нашите пет точки се јасни ова се државнички теми. Во основа има и други постапки според собранискиот деловник. Со не закажувањето на седница по оставките, што можеше уште летото да го направи, Велјановски признава дека пратениците од опозицијата се оправдано отсутни“, вели за „Инбокс7“, Ременски.

 

Како што е познато, СДСМ на маса за преговори со власта ја стави точката за формирање на техничка влада, предлог кој премиерот Груевски го отфрли, останатите четири барања за политички дијалог се: регулирање на медиумскиот простор, одвојување на партијата од државата, спроведување на попис на населението и нов избирачки список.

Некои пратеници од опозицијата кои се на ставот дека бојкотот треба да прекине, сепак решија да почекаат што содржи „бомбата“ од аргументи и докази на лидерот на СДСМ Зоран Заев, за која тој рече дека ќе резултира со оставка на премиерот Никола Груевски.

Делување на опозицијата надвор од законодавниот дом е штетно, изостанува силна критика за носење на подобри закони, сметаат парламентарците.

„На овој начин ќе слабеат малите политички субјекти кои што се во опозицијата. Ние сме исто еден таков субјект со своја специфична програма и профил. Голема штета е“, изјави неодамна во интервју за Инбокс7, претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска. Според неа опозиционерите еден по еден ќе почнат да се враќаат, „нема логика веќе долгото опстојување на нешто што не дава резултат. Во политиката е потребно да испорачаш резултат, да имаш своја агенда и да ја реализираш својата програма. Ако си надвор од институциите ти не можеш да реализираш програма“. Таа повикува да се седне на маса и да се разговара, бидејќи според неа сите услови кои што се реалистични и логични може да се издоговараат и може да се најде решение.

 

МАКЕДОНИЈА ИМА ПОЛИТИЧКА КРИЗА НА ДЕМОКРАТИЈАТА

 

СДСМ останува на ставот дека продолжува со бојкот на Собранието, кој не е исклучено да се прошири и на општинските совети и на градоначалници.

Да, сè е во игра. Доколку се процени дека во некоја фаза треба да се бојкотираат и општините и советите, и тоа ќе се направи“, вели Лидија Димова, пратеник во оставка од СДСМ. На прашањето на „Инбокс 7“, дали ваквото дејствување е целисходно, таа вели дека се гледаат резултатите и покрај „негативниот“ рејтинг на СДСМ.

Граѓаните, сега за првпат се во состојба да го видат владеењето на ДПМНЕ. Сега не можат да ја обвинуваат опозицијата за ништо! Уставните измени, плаќањето придонеси за хонорарците надвор од владините организации, зголемените трошоци за фирмите со купувањето фискални апарати од „одобрени“ добавувачи, таканаречените Кембриџ учебници итн. се прашања кои граѓаните си ги поставуваат, а одговорите ќе треба да ги бараат САМО кај власта… Се разбира, ние сме свесни дека ова е потешкиот пат на дејствување, но реално ништо друго не ни останува. Собраниската говорница и не е некој канал за обраќање кон граѓанството во држава во која има контролирани медиуми“, вели Димова.

За бојкот на локално ниво потпретседателката Ременска вели дека СДСМ работи врз основа на четири стратегии, кои потези ќе се преземат во иднина понатаму ќе се размислува. На прашањето како ќе се најде излезот од оваа политичка криза Ременски вели дека ВМРО – ДПМНЕ го употребува терминот „политичка криза“, но според неа, во Македонија има политичка криза на демократијата и решението се состои во петте точки за дијалог кои ги постави СДСМ. „Власта не може да воспостави функционирање на институциите, а тие имаат потреба да покажат спремност дека сакаат да го решат проблемот во Собранието и воспоставување на функционирањето на институциите. Свесни сме за критиките кои беа наведени во извештајот на ЕУ, подготвени сме за преговори доколку власта тоа го прифати“, објаснува Ременска .

 

НЕМА ПРАВИЛА- ТУКУ МНОГУ МУДРУВАЊА

 

Додека собраниската процедура за одземање на мандатите се одолговлекува, крајниот рок кога треба да се демонстрира демократска зрелост пред Брисел, односно одржувањето на декемврискиот Самит на ЕУ е сè поблиску.

Собранискиот спикер Трајко Велјановски не закажа седница за констатирање на депонираните оставки на опозицијата. Наместо тоа, после шест месеци ја отвори процедурата за одземање на мандатите. Додека опозицијата констатира дека ова е дополнителен притисок врз нив, јавноста ја пресмета платата на 31 оправдано или неоправдано отсутен пратеник, односно исплатени 314.000 евра плус апанажата за пратениците од претходниот состав.

Osman Kadriu

Осман Кадриу

 

Според професорот по Уставно право, Осман Кадриу, поднесувањето на оставките е лично право и демократска одлука и за тоа нема политичка одговорност. „Сега по 6 месеци Собранието заседава за одземање на мандатите, констатирањето на недоаѓањето на пратениците на седници на ваков начин претставува констатирање на поличка одговорност, а тоа е санкција.  Собранието не постапи по нивното барање за констатирање на  оставките, затоа во вториот случај не може да се примени „неоправдано отсутни“, бидејќи одговорноста е пратениците кои се во Собранието“, вели за „Инбокс 7“, Кадриу.

 

За одземање на мандатите гласаат членовите на Комисијата за мандатно – имунитетни прашања потребно е двотретинско мнозинство, но без гласовите на ДУИ и ДПА кои сè уште не кажале дали ќе гласаат за одземање на мандатите, ВМРО – ДПМНЕ го нема потребното мнозинство.

Инаку, Собранието во своето над дваесетгодишното делување бележи одземење само на два мандати- на покојниот почесен претседател на ДПА – Арбен Џафери и на екс пратеникот Хисни Шаќири. Додека пак членовите на комисијата своевремено гласаа против одземање на мандатите на Владо Бучковски и Џезаир Шаќири.

Спикерот Велјановски, како и неговиот заменик Милошоски не одговорија на телефонските повици на „Инбокс 7“ за да објаснат што ќе се случи доколку на собраниската комисија владеачката ВМРО-ДПМНЕ не обезбеди мнозинство за одземање на мандатите.

Првиот собраниски спикер на македонскиот Парламент, Стојан Андов за „Инбокс 7“, изјавува дека плурална Македонија не познава ваков случај. Според него, ваквата варијанта за групно одземање на мандатите на пратениците е туѓа на уставното решение. „Невозможно е да се одземат мандатите на група пратеници од политички причини, тоа е предвидено да се направи со двотретинско мнозинство поради недисциплина, недоаѓање на седници, бркање приватни бизниси и слично “, објаснува Андов и додава дека уставното решение не е ориентирано кон група пратеници, туку кон поединци.

Stojan Andov intervju slika - za top

Стојан Андов: Плурална Македонија не познава ваков случај

 

Македонија е во политичка криза, вели Андов, и тука нема правила, туку многу мудрувања.

 

Според процедурата на ДИК по исцрпувањето на изборната листата на другите кандидати на опозицијата и нивното можно не прифаќање на пратеничките мандати  ќе бидат распишани парцијални избори само за испразнетите пратенички места.

 

Тогаш ќе влеземе во уште потешка политичка криза, вели Кадриу, бидејќи опозицијата како што најавува нема да излезе на тие избори и ќе се најдеме во една крајно загрижувачка ситуација еднопартиски систем, а опозицијата ќе биде елиминирана од политичката сцена“.

stavrova@inbox7.mk