Денешна дата
21/10/2021

Македонија со најлоши услови за родилките во регионов (обновено)

Породилното отсуство во Македонија е девет месеци, во сите други земји од поранешна Југославија тоа трае 12 месеци. Во земјава родилките земаат најниски надоместоци за породилни отсуства, а исплатата доцни по два месеца. Со новиот модел на исплата, пак, македонската администрација индирекно признава дека е неспособна да ги плаќа породилните отсуства, коментираат економисти

Забелешка: Набрзо по објавувањето на овој текст, реагираше ФЗОМ со демант на напишаното до Редакцијата на Инбокс7. Покрај демантот ФЗОМ и се извини на спомната родилка поради доцнењето на исплатата, но напомена дека од страна на родилката или нејзиниот работодавач два месеца не биле поднесени документи за породилно отсуство.

Рекакцијата на ФЗОМ ја објавуваме во целост, веднаш по под текстот.

 

Во Македонија има најригорозни услови за родилките во споредба со другите земји во регионот, односно пред се со условите што ги нудат државите од поранешна Југославија. До ова сознание дојдовме по анализа на податоците за   должината на породилното отсуство, за висината на надоместоците и за нивната редовна исплата. Родилките во земјава чекаат и по два месеца за исплата на парите за породилното:

Марина Димитрова се породила пред 50 дена. Досега нема примено ниту еден денар од државата.

Работам шест години без прекин. Според законот ми следува надоместок за породилно отсуство, но за жал и по 50 дена откако се породив немам земено ниту денар“, вели Димитрова.

Со слични проблеми се соочува и 30 годишната Мирјана од Штип.

Се породив лани во декември. Првиот породилен надоместок го добив дури во февруари. На 5 ноември, го добив и последниот (деветиот) надоместок, иако требаше уште во септември на сметка да ми легнат парите“, вели Мирјана.

Секаде во регионот државите повеќе се грижат за младите мајки. Марија Костиќ од Ниш, Србија, има едногодишен син и вели дека породилното отсуство  и стигнува навреме.

Иста е состојбата и во Црна Гора. Таму породилното отсуство се исплаќа на три месеци, но редовно стигнува вели 34-годишната Бојана од Подгорца.

 

Кој го плаќа породилното отсуство?

maja-parnagieva

Маја Парнаџиева Змејковска

Големи бранувања во јавноста имаше деновиве кога директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнаџиева Змејковска, најави дека породилните отсуства кои досега ги плаќаше државата ќе бидат префрлени на фирмите. Тоа значи дека компаниите и институциите ќе ги плаќаат надоместоците на мајките, а подоцна ќе поднесуваат барања за рефундација на парите од Фондот за здравствено осигурување.

Економистите коментираат дека оваа мерка ќе отвори многу други проблеми:

Goran Stojanovski

Горан Стојановски

Со префрлањето на породилните надоместоци на фирмите, државата ќе му зададе дополнителен удар на стопанството од една страна, а од друга страна таа индирекно признава дека нејзината администрација не е способна да ги исплати парите на родилките навреме“, вели Горан Стојановски, економски аналитичар.

Тој додава дека државата треба да застане зад ранливите категории на населението, како родилките и пензионерите. И додека за пензионерите има низа поволности, родилките со мали деца сега ќе бидат на товар на фирмите.

Неспособната администрација е рак рана за македонското општество, коментираат бизнисмените.

Државата сега на родилките им доцни со исплата по два или три месеци, кога ќе дојде да ни плаќа нам ќе доцни по 20, како што должеше пари при за поврат на ДДВ“, вели бизнисмен од источна Македонија кој не сака јавно да зборува.

Тој додава дека трошоците со секое родено дете во фирмата ќе се зголемат за 200%. Од една страна на родилката ќе треба да исплатат полна плата, а од друга страна треба да ангажираат нов вработен на нејзино место.

Негодување има и кај Стопанските комори. Тие иако реагирале кај Владата дека ова мерка не е добра, сепак од државата си го туркаат проектот „Побрза исплата на породилни надоместоци и боледувања“.

Реагираат и невладините организации кои нагласуваат дека овој модел е дискриминаторски и ќе има лоши последици врз девојките и жените кои немаат раѓано деца.

Што вели словенечкиот модел?

Директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнаџиева-Змејкова изјави дека внимателно работеле на подготвување на овој проект со кој ќе се овозможи побрза исплата на боледувањата.

Словенечкото искуство го земавме со големо внимание поради големото задоволство на осигурениците, а воедно го доразработивме и прилагодивме на македонски услови. Примерот на  Словенија е исплатата на надоместоците привремено да ја вршат фирмата, а во краток рок ФЗО  ги надомести фирмата во целост“, изјави Парнаџиева-Змејкова.

За Инбокс 7, Весна Задравец, новинарка во Словенечката радио телевизија, појасни дека словенечкиот модел на породилни боледувања не вклучува рефундација на пари.

Vesna Zadravec

Весна Задравец

Породилното боледување во Словенија трае 12 месеци. Првите три месеци ги плаќа фирмата, од каде е осигуреничката, додека останатите 9 месеци ги исплаќа Министерството за труд“, вели Задравец.

Сличен модел како што најавува Фондот за здравствено осигурување спровела и Црна Гора. Но, освен дека им се зголемени трошоците на фирмите и дека им доцнат со исплатата, други коментари на овој модел од таму немаме.

 

Породилното во Македонија најкратко

 

Породилното отсуство во Македонија и во Бугарија е најкратко. Македонските родилки имаат девет месеци, а речиси во сите соседни земји породилното отсуство е 12 месеци.

Мајките во Македонија имаат право да останат дома и по деветте месеци, но без никаков надомест од државата.

„Користев породилно отсуство од 12 месеци. Тоа ми заврши на денот кога требаше да го прославам првиот роденден на детето. Веднаш после породилното отсуство го зедов и годишниот одмор, и така успеав со ќеркичката да поминам 13 месеци, кога сум и најпотребна“, вели Маја Петровиќ, од Белград.

Слична е состојбата и во Црна Гора, вели Бојана.

Интересен е случајот со Босна и Херцеговина. Таму има различни правила и закони за породилното отсуство, но најчесто породилното отсуство трае 12 месеци. Така е и во Република Српска. Доколку мајката има близнаци, или има повеќе од две деца и следува породилно отсуство од 18 месеци.

Уредник: Стојанка Митреска

 

РЕАКЦИЈА И ДЕМАНТ

 

На  текстот “МАКЕДОНИЈА СО НАЈЛОШИ УСЛОВИ ЗА РОДИЛКИТЕ ВО РЕГИОНОВ“ објавен на веб порталот инбокс7 на 13.11.2014 година од новинарот Горан Лефков

Почитувани, најостро демантираме дел од истакнатите податоци во врска со должината на платеното породилно отсуство во Македонија и регионов. Крајно тенденциозно новинарот сака да ја претстави Македонија како земја со најлоши права и најниска исплата на полето на породилното отсуство. За јавноста да биде целосно информирана во следнава табела ќе Ви ја претставиме вистинската состојба за должината и висината на надомест за породилното отсуство. Сами оценете дали сме најлоши или припаѓаме во групата на земји со најголема покриеност на породилното отсуство.

Земја број на недели процент на компензација
Хрватска 58 100% до 6 месеци, потоа паушал
Црна Гора 52 100%
БиХ 52 50% – 80%
Албанија 52 80%
Македонија 39 100%
Норвешка 35 85%
Бугарија 32 90%
Полска 26 100%
Србија 20 100%
Данска 18 100%
Финска 18 70%
Грција 17 100%
Канада 17 55%
Франција 16 100%
Холандија 16 100%
Шпанија 16 100%
Словенија 15 100%
Германија 14 100%
Шведска 14 80%
Велика Британија 14 80%
Извор: ILO 2014, Maternity and paternity at work, Law and practice across the world

 

Дополнително сакаме да и се извиниме на осигуреничката М.Д. за која цели 61 ден од породувањето никој не поднел документи за исплата на надоместок во ФЗОМ. Не сакаме да посочиме со прст дали вината е на работодавачот или на самиот осигуреник, но сметаме дека коректно од нејзина страна би било да каже дека воопшто работодавачот или осигуреникот цели два месеци не поднеле барање за исплата на породилно, а не вината да ја бара во нас кога ние за 46 дена по поднесувањето на документите сме направиле 3 исплати на надоместок на плата во висина од 100% на платата која што ја земала во фирмата. Тоа значи на секои 15 дена по една месечна плата со цел да се анулира каснењето на поднесување на документи од страна на фирмата или осигуреникот.

 

Со Почит,

ФЗОМ

lefkov@yahoo.com