Денешна дата
22/09/2020

СУБРАТИЈАДА НА МАКЕДОНСКАТА ВЛАСТ

Првиот чин од една боливудската гротеска заврши. Главниот актер е во индиски затвор, а домашните политички глумци влегуваат во фаза на грдо и на недолично манипулирање со јавноста и со сопствената одговорност. Вицепремиерот Ставревски тврди дека пропаѓањето на инвестициите на Субрата „не можело да се предвиди“, иако само пред една година јавно тврдеше дека тие ќе продолжат. Останува енигма како Индиецот ја откри Македонија, што ли правеа увезените македонски министри за странски инвестиции, амбасадорот на државава во Њу Делхи, економските промотори, владиниот тим и министерот за надворешни работи, кои беа во посета на Индија? Зарем не им беше сомнителен платениот престој и говорот на Тони Блер во Скопје, кич-претставата на скопскиот плоштад?

Колку ли напор требаше Владата да ја признае грешката, но барем имаше минимум и лична доблест во одбраната на Ставревски. Тивко, беспомошно и „позеленето“ изгледаше инаку агресивниот министер за финансии во образложението дека Владата се заштитила и ја активирала гаранцијата од 3 милиони евра (долари), што ли е? На првиот финансиер му е јасно дека Македонија не пропаѓа поради толку „ситни“ пари. Затоа и активирањето и наплаќањето на банкарската гаранција е повеќе алиби за театралноста во третманот на Субрата. Но, ниту новинарските курири не се прашуваа(т) која домашна банка на невидено ѝ издала гаранција на „Сахара груп“, зошто скопско-охридските банкари влетаа во оваа владина претстава, зарем не им било сомнително кога еден од светските милјардери, кој во џебовите би требало да има чек од пет милиони евра, да се задолжува во македонските банки со хипотеки од овдешни недвижности? Тоа е уште еден доказ за нивното финансиско-политичко апологетство, брак од интерес. Тие ја прифатија логиката дека сè што доаѓа како притисок од „Илинденска“ мора да се прими како веродостојна приказна. И тие три милиони ќе се прокнижат на конто од 400 милиони евра сомнителни и ненаплатливи кредити, од што 16% отпаѓаат на компаниите.

Мултимилијардерот од Индија, кој е во затвор, изманипулирал население колку цела Македонија. Што би бил бенефитот од неговото економско филантропство ако сè се сведе на споменот за Мајка Тереза? Нема никаков ефект убедувањето од ПР агенцијата на „Сахара Индија Паривар“ дека таа е во „напредна фаза од спроведувањето на своите бизнис планови во Македонија и не постои ни најмал сомнеж за повлекување од кој било од овие проекти“, соопшти компанијата. И тоа е уште едно потценување на логичното размислување на секој македонски граѓанин. Како, на пример, би се реализирал проектот Љубаниште кога Владата воопшто не размислува да го регионализира опасниот пат кон Св. Наум. Ако високиот туризам на Субрата Рој беше приоритет, каква логика има да се гради автопат Кичево-Охрид, кога по него нема да патуваат богатите Кинези, Руси, Израелци, Американци, за кого беше наменет ексклузивниот ресорт на Охридското Езеро.

Прашање беше кога вмровската мегаломанска политика на инвестиции во милијарди, по тајванската на тандемот Георгиевски-Тупурковски, што се реафирмира со Субрата Рој,  ќе доживее политичко-економско фијаско. Беше дочекан како спасител на Македонија, најпрвин со 300 милиони, па 600 милиони во Охрид, па 200-300 милиони евра во Џумајлија, се изнасликаа со Индиецот, му свиреа и му пееја на уво, ја изгледавме кич-претставата на античкиот плоштад, продадоа македонско државјанство на дел од семејството на Индиецот.

На балканските простори, пребежиште од судските процеси доби и екс-тајландскиот премиер Таксин Шинаватара, осуден за измами и за корупција. Пред седум години тој остана во Будва. Со целото семејство се смести во престижната вила на крал Караѓорѓе во Милочеч и доби црногорско државјанство.

Субратизацијата на економско-финансиската политика е врв на нереспектирање на домашните експерти и на критичките медиумски укажувања дека во мизансцената на овој театар се кријат бруталноста во нереспектирањето на сопственоста на МПЦ, евтиното распродавање на земјоделските површини, насилно приватизирани во криминалните бизниси со имотот на „Џумајлија“.

Ова беше најгруб напад врз стручните експертски и скептични анализи, распродажбата на основните ресурси – водата од езерото, до земјата во овчеполието.

„Кога на чело на министерствата има луѓе неуки за земјоделство, кои не знаат какви договори склучуваат, кога нема стручна анализа што е реално, тогаш излегува така. Уште кога се склучи договорот кажав дека тоа е мегаломански проект и дека тоа не може лесно да се реализира“, пишуваше и зборуваше проф. Ананиев.

Македонските екологисти предупредуваат дека некритичката урбанизација и узурпација на Охридското крајбрежје е мафијашки напад врз неговиот заштитен бренд, под закрила на УНЕСКО, но и вовед во девалвација на флората и на фауната во езерото, што влијае врз зачувувањето на исклучителниот квалитет на чистата вода.

Економско-политичката субратизација по скандалот со некритичкото и со апологетското прифаќање на Субрата Рој, ја девалвира веродостојноста и на добрите концепти, преку роуд-шоута да се привлечат странски инвеститори. Но, и тие сè повеќе стануваат расипнички и скапи туристички патувања.Токму ова ги поставува сомнежите за капацитетот на институциите да проценуваат кој и како сака низ Македонија да трансферира или да легализира валкан капитал. Веројатно попарени од циркузанството во престојот и во реториката на гостинот од Индија, владиниот врв се обидува да нè замајува со извозот од една милијарда долари, од компаниите во економските зони. Упорно се премолчува дека истовремено бенифицираниот увоз за нив достигнува и до 90% од вредноста на експортот или 900 милиони долари.

П.С.

Субратизацијата во владиното менаџирање со општествените и со политичките односи има и продолженија; за провладиниот експерт кој неделава тврдеше дека спикерот го крши Уставот при постапката за одземање на мандатите на опозицијата, па потоа го снема од следните ТВ-вести; за убиецот кој е дел од вмровскиот клан во Кавадарци и на кој полицијата не сакала да му го одземе пиштолот; за Цеца повторно во Скопје пред Нова Година; за агресивното медиумско промовирање на српскиот провинционализам и информациите од пречекот на Шешељ, со кого првиот физички контакт на обесчестена Македонија во Прохор Пчињски го имаа вмровските водачи Георгиевски и Змејковски…

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)