Денешна дата
14/07/2020

Невидливиот „Филип“ на „Фиком“ запечатува човечки судбини

Скопје има зграда-дух. Вака барем македонските судови го третираат станбено-деловниот објект наречен „Филип“, еден од објектите кои се поврзани со најголемата градежна афера во Македонија „Фиком“, која според неофицијалните проценки тежеше над 12 милиони евра и оштети стотици семејства кои останаа без платените станови

автор: Кристина Озимец

Текстот е изработен како дел од Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија ● Овој проект го спроведува БИРН Македонија, во соработка со  Центарот за граѓански комуникации, Центарот за истражувачко новинарство „СКУП Македонија“, истражувачката емисија „Код“ и дневниот весник „Коха“.

 

Кој било што ќе се прошета кај поранешната фабрика „Треска,“ во центарот на Скопје, ќе се увери дека таму има зграда која остава впечаток дека е во финалната фаза на градење. Изградени се сите катови, на секој кат има тераса, на прозорците се поставени стакла и недостига уште фасадата. Дури и самиот суд констатира дека изведбата на објектот е извршена до таа фаза што се изведени сите катови и покривот, завршени се сите бетонски и ѕидарски работи, освен во подрумот на приземјето. Очигледно е и дека некој ја „чува“ зградата, бидејќи е заградена со ограда од лимови, а на влезот има катанец за да не може да се влезе во неа.

 

Во јавноста е малку познато дека за разлика од другите згради кои се најдоа во аферата „Фиком“, каде што се појавуваше неколкукратна продажба на едни исти станови, тоа не е случај и со објектот „Филип“. Становите немаат двојни сопственици. Но и покрај тоа, десетина измамени станари од оваа зграда веќе осма година бараат да го остварат своето право на сопственост и да ги добијат становите за кои платиле и за кои поседуваат документација. Сепак, во таа намера ги спречуваат одлуките на македонските судови.

 

Правдата никако да стигне за овие луѓе кои со години талкаат по судовите, надевајќи се дека конечно судството ќе реши да застане на страната на оштетените. Тие се прашуваат дали воопшто функционира правниот систем доколку луѓе кои поседуваат документација за купени станови не можат да го остварат своето право на сопственост. Кому ќе му припаднат зградите од „Фиком“ кои според судовите не постојат, иако сите ги гледаме?

2_Dracica_petrusevska

Драгица Петрушевска е една од оние станари кои имаат вложено средства во изградбата на зградата „Филип“ | Фото: К. Озимец

Драгица Петрушевска е една од стaнарите кои пред десет години вложиле средства во изградбата на зградата „Филип“, a која денес се обидува да врзе крај со крај. Животот, како што вели, целосно и се променил откако уплатила 38.000 евра на фирмата „Фиком“ за да купи стан од 57м2.

 

„Поминав низ еден многу тежок период. Наместо да се радуваме и за шест месеци да се вселиме, нашиот живот фати некој сосема друг лош правец, по што целото семејство ни се растури“, вели Петрушевска.

 

Освен што останала без парите, по откривањето на градежната афера таа нема ниту стан за живеење. По големиот стрес што го доживеала кога дознала за измамата, вели дека заболела од рак на дојка, ја изгубила и работата, па во моментот и покрај тоа што не смее да прави големи физички напори, чисти станови и канцеларии за да преживее.

 

Нејзината голгота не завршила со затворањето на Никола Николиќ, газдата на „Фиком“, кој доби десетгодишна затворска казна за измамата во „Фиком“. Само со неговото затворање, државата целосно не ја изврши својата обврска спрема граѓаните кои ниту се обесштетени, ниту ги добија своите станови. Изгубени во судските лавиринти, жртвите на градежната мафија како Петрушевска не можат со години да го остварат своето право на сопственост. Таа е разочарана од државата и од институциите за кои вели дека не ги заштитија граѓаните од аферата која уништи цели семејства.

 

„За жал, како што одевме по судовите научивме многу работи. Дека тука, во оваа афера, за ништо да не се преземе и да биде оставена на милост и немилост толку голема маса луѓе, мора да се вмешани многу големи луѓе, но и луѓе од разни институции. Да беа мали луѓе досега нашиот предмет ќе се средеше. Овие големи луѓе имаат големо влијание и на судските одлуки“, додава таа.

 

Петрушевска заедно со уште десетина станари уплатиле пари за станови во зградата додека таа била во изградба. Иако самите учествувале со пари во изградбата на зградата, тие не можат да добијат ниеден дел од неа. Тие ги тужеа за утврдување на сопственоста „Фиком“, Еуростандард банка и сопствениците на земјиштето каде што е изградена зградата. Но, дел од зградата бараат и сопствениците на земјиштето кои не одговорија на обидот да стапиме во контакт со нив, направен преку нивниот адвокат.

 

Не се признаваат договорите за здружување средства

 

Станарите во „Филип“ имаат договори за здружување на средства за инвестициска градба на станбен простор, каса-прими уплатница за платени пари за купување на стан, како и потврди од компанијата „Фиком“ дека имаат уплатено пари за стан, но судот не им ги признава овие договори затоа што стекнувањето право на сопственост на изграден објект, според судот, не може да се бара сè додека инвеститорот не го пренесе тоа право и тоа не биде запишано во катастарот на недвижности.

 

Според градежните експерти, договорите за здружување на средства функционираат и денес

 

Според градежните експерти, договорите за здружување на средства функционираат и денес. Никола Велковски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанска комора на Македонија, вели дека во делот на градежната регулатива никој не може да го оспори правото на здружување на средства со аргумент дека нема имотен лист.

 

„Не е важно што не се внесени во Катастарот. И да не се внесени, тогаш тие мора да им го дадат правото на парите. Доколку не им го признаваат просторот, тогаш парите мора да им ги признаат. Мора да признаат дека дале пари, имаат документи за тоа“, вели Велковски.

 

Агенцијата за катастар на недвижности, пак, се чини дека топката ја префрла кај судот.

 

„Запишувањето во Катастарот на недвижности се врши врз основа на: закон, правосилни судски одлуки, одлуки за привремена мерка, претходна мерка и други акти за обезбедување на побарувања согласно со закон, одлуки на Владата на Република Македонија, конечни односно правосилни акти на органите на државната власт, на органите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје, правни дела и изјави заверени кај нотар врз основа на кои може да се изврши запишување на правата на недвижностите, чие поднесување е задолжително утврдено со овој или со друг закон. Доколку не се исполнети напреднаведените услови, недвижностите не можат да бидат запишани во катастарот на недвижности“, се вели во одговорот кој го добивме од Катастарот преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кое прашавме зошто овој објект не е внесен во Катастарот на недвижности и дали наскоро се планира негово внесување.

 

Обвинувања за фиктивни хипотеки

1_lena_avramovska

Лена Аврамовска: „Како може Еуростандард банка без наши потписи и за наши купени станови да му даде хипотекa на Николиќ?“ | Фото: К. Озимец

Утврдувањето на сопственоста на зградата „Филип“ го прави уште покомплицирано и инволвираноста на Еуростандард банка во целиот спор. Сопственикот на „Фиком“, Николиќ, ја дал идната градба под хипотека на оваа банка која бара да си ја наплати хипотеката. Управата за извршување на санкции не одговори на нашето барање за средба со Николиќ во затворот во Штип.

 

„Па вие да барате кредит во банка, триста документи ќе ви побараат. Како може Еуростандард банка без наши потписи, за наши купени станови да му даде хипотека на Николиќ“, прашува Лена Аврамовска, која вели дека на Николиќ му дала 15.000 евра за стан во истата зграда.

 

Аврамовска, која работи во Собранието на Град Скопје, ни кажа дека станарите не биле прашани од Николиќ за да ја даде зградата под хипотека и не постои никаков документ со нивни потписи дека одобриле такво нешто.

 

Граѓаните повторно може да бидат измамени

Откако се случи аферата „Фиком“ следеа уште неколку кои наликуваа едни на други, сите тешки по стотици илјади евра. Сепак, според експертите градежната регулатива во Македонија во последните години е подобрена и шансите за купувачите на станови да бидат измамени се помали. Но иако купувачите се позаштитени од измами од претходно, според Никола Велковски од Стопанската комора може да дојде до немоќ инвеститорот да го доврши објектот и повторно да биде извисен купувачот.

 

„Имаме хиперпродукција на станови и многу станови кои не се продадени. Ако почне инвеститор да гради и стаса до некаде, зградата може да има 30 стана а тој да продаде само три и да нема пари да го продолжи објектот. Сега постои замка, од финансиска немоќ објектите да стојат и по десет години. А ако гради со кредит, од старт ќе биде во загуба. Граѓаните повторно можат да извисат од немоќ на инвеститорот, што нема да биде намера, манипулација или криминал, туку од финансиска немоќ, бидејќи може да се случи да нема купувач во фаза на градба“, предупредува Велковски.

 

За заштита на граѓаните од ваквите градежни измами, професорот Кирил Чавдар предлага измени во законите со кои на граѓаните кои купуваат станови во градба ќе им се дозволи право на сопственост на зградата додека таа е во изградба.

 

„Процентуално на износот на неговата уплата граѓанинот да добие сопственост на зградата и како што расте зградата, секој нов стан да припадне на оние што уплатиле средства. Во ваков случај, ако извршителот падне во стечај, тогаш зградата ќе остане во сопственост на оние кои вложиле пари со што тие ќе може да ја доградат и ќе им се даде одредена сигурност“, вели Чавдар.

 

Станарите на „Филип“ сметаат дека Еуростандард банка нема право на сопственост на објектот и тие од Судскиот совет на Република Македонија со претставка побарале поништување на договорите за хипотека склучени помеѓу Еуростандард банка и сопствениците на парцелата каде што е изграден објектот.

 

„Сметаме дека овие договори се фиктивни и склучени надвор од законските норми затоа што побарувањата на банката се пребиени со побарувањата на „Фиком“ што е недозволено со законските прописи. Парите не се исплатени на „Фиком“ и сето тоа е направено со цел некој да се стекне со имотна корист. За ова постои документација, но судовите едноставно не ги уважуваат сите постоечки документи и носат одлуки во корист на Еуростандард банка“, гласи претставката која ја добивме на увид од граѓаните.

 

Станарите на „Филип“ ја ставаат под знак прашалник и работата на судот. Во претставката се вели дека индикативно е што по пресудите во Апелацискиот суд решавал истиот Судски совет на чело со судијката Славица Попчевска. Тие бараат да се преиспита работата на овие судии, особено нивната непристрасност.

 

За претставката, пак, граѓаните добиле известување од Судскиот совет дека предметот е во фаза на подготовка за експедирање до Врховниот суд кој понатаму ќе ја цени законитоста на оспорените одлуки и дали биле сторени пропусти во текот на постапката.

 

Неколку дена пред да се објави ова истражување измамените граѓани добија известување за донесена пресуда од последната судска инстанца во државата, Врховниот суд на Република Македонија, кој исто така не пресуди во нивна корист и соопшти дека пониските судови правилно го примениле материјалното право.

 

Адвокатот на оштетените од „Филип“, Ѕвонко Давидовиќ, вели дека судовите не го признаваат правното постоење на зградата затоа што не е запишана во катастар, иако имаат вештачење кое гласи дека објектот е завршен 70-80%.

 

„Ако не постои објектот, тогаш како е ставена хипотека на тој објект. Како може да не постои? Хипотеката е ставена уште во градба, Николиќ имал полномоштво потпишано од сите сопственици. Бидејќи тој гради, затоа и нема посебно полномоштво за хипотеката. Се сомневам и дека сопствениците на земјиштето воопшто знаеле дека ќе ги става објектите под хипотека. Дадена е хипотека на идни објекти, тие објекти се изградени и сега таа хипотека ќе си ја реализира најверојатно Еуростандард банка и ќе го земе објектот“, вели Давидовиќ и прашува како може тоа да се случи кога објектот не постои.

 

За сите обвинувања на граѓаните, вклучени во овој спор, се обративме до Еуростандард банка, но оттаму не добивме одговор на барањето за средба со претставници од банката, ниту пак на прашањата кои им ги доставивме преку електронска пошта.

 

Велковски од Стопанската комора, пак, потенцира дека ако не постои имотен лист за зградата, тогаш никој не може да биде нејзин сопственик.

 

„Без имотен лист не може да има ниту хипотека. Хипотека се поставува врз основа на имотен лист. Без имотен лист ниту газдите на земјиштето не се сопственици. Бидејќи едните дале земјиште, ама не дале пари. Тие во својот договор имаат наведено јасно што им следува и тие не можат да бидат газди зашто нема документ. Како што тој има договор за заедничка градба дека на пример му следуваат три стана, така и другите имаат договор дека им следува стан“, вели Велковски.

 

Поранешниот судија, професор д-р Кирил Чавдар, вели дека според Законот за договорен залог, хипотека може да биде ставена врз идна ствар и останува да се види како ќе решат судовите.

 

„За жал со `Фиком` се направи една грда слика каде што ниеден правник не може да се снајде и ако не се седне сериозно и да се оформи некакво тело составено од правници за овој случај, сметам дека граѓаните ќе останат извисени“, вели Чавдар.

 

Државата без никаква одговорност кон граѓаните

6a

Зградата „Филип“ – заградена со лимови и катанци | Фото: К. Озимец

Откако жалбата на граѓаните по пресудата до Основен суд Скопје 2 била одбиена како неоснована, тие се жалеле и во Апелацискиот суд. Но Апелација ја потврди пресудата на првостепениот суд дека објектот не е изграден и оти нема добиено употребна дозвола. Како причина за правното непостоење на „Филип“ се наведува тоа што објектот не е запишан во Катастарот на недвижности и не може да биде во промет и да биде предмет на каков било договор.

 

Врховниот суд на Република Македонија исто така процени дека тужбеното барање на тужителите е неосновано.

 

„Ниту склучените договори може да бидат дозволено правно дело кое би било основ за стекнување на право на сопственост согласно со одредбите од Законот за сопственост и други стварни права, ниту пак четвртотужениот може да ги исполни овие договори на начин како што се бара со тужбата, од причина што објектот воопшто не е влезен во стечајната маса, па стечајниот управник не може да пристапи кон заверка на тие договори ниту да пренесува некакво право кое и самиот го нема, уште повеќе што тоа право го немал ни тој со кого тужителите ги склучувале тие договори, се вели во пресудата на Врховниот суд.

3_fikom_filip_300

Зградата „Филип“ | Фото: К. Озимец

Според адвокатот Давидовиќ, луѓето се гневни што државата воопшто не ги заштитила, иако фирмата „Фиком“ легално постоела и добивала дозволи за градба.

 

„Ако државата зема пари за комуналии, ако државата е таа која води Централен регистар и дава решение за некој да биде во правен систем, веројатно и државата има некаква одговорност кон нешто. Луѓето дале пари, факт е дека становите биле најлегално во промет, фирмата постоела, биле платени комуналии и сè било легално и наеднаш никој не стои зад тоа, никој не е виновен, никој не е одговорен, парите кои ги дале ги нема и крај“, вели Давидовиќ.

 

Зградата „Филип“ не е единствена која е во судска каша. Во слична ситуација се и зградите „Николина“, како и „Антигона 1“ и „Антигона 2“, кои се исто така дел од аферата „Фиком“. Како и во случајот со „Филип“, така и за овие згради бил потпишан договор за хипотека со Еуростандард банка. И станарите од овие згради с# уште ја бараат правдата за парите кои ги вложиле за да купат станови.

Лорија Ваневска, поранешниот адвокат на измамените граѓани од зградата „Антигона 1“, која и самата била измамена за 46.000 евра во оваа зграда, вели дека во годините кога се правени договорите со „Фиком“ не постоеле законски прописи со кој инвеститорот можел да пријави некаде дека гради и продава во градба.

5_lorija_vanevska

Нотарката Лорија Ваневска вели дека судии им кажуваат на луѓето: „Откажете се, нема шанси да добиете“ | Фото: К. Озимец

 

„Аеродром, Карпош, Лисиче сите се градени на истиот принцип – здружувате средства, давате пари, тој гради, а кога ќе се заврши, се прави пренос на сопственоста и договор за купопродажба. Не може ниту парите судот да не им ги досудува на луѓето, ниту да не им даде сопственост. Практично излегува дека луѓето ја помогнаа Еуростандард банка за да си дојде до згради. Тоа е нешто невидено, дури имаше и притисок до судии во судница кои им кажуваат на луѓето – откажете се, нема шанси да добиете“, вели Ваневска.

 

Според неофицијалните проценки аферата „Фиком“ тежеше над 12 милиони евра и оштети стотици семејства на кои сопствениците на „Фиком“, Никола Николиќ и неговата сопруга Весна Николиќ им продавале станови. Некои од измамените граѓани починале чекајќи ја правдата од македонските судови, додека останатите имаат сериозни здравствени проблеми. Двајцата сопружници Николиќ во 2007 година беа осудени за кривично дело измама на по десет години затвор и нивното отслужување на казната се наближува.

 

Во меѓувреме, судските трошоци на Драгица Петрушевска и останатите станари од „Филип“ се наталожени и веќе изнесуваат илјадници евра, а кај некои од нив наплатата стигнала и до извршители. И покрај сè, велат дека не се откажуваат од борбата за правдата, за која одамна се помириле дека нема да ја најдат во Македонија и најавуваат тужба во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

Преземено од Призма