Денешна дата
18/02/2020

Режимот се подготвува за бегство?!

Изгледа дека Груевски веќе нема друг излез освен да са врати таму кај што ја започна својата метеорска политичка кариера, која доведе до катастрофална хаварија и која во историските анали ќе остане како невидено лудило. Тој стартираше како еден технократ, давајќи предност на економскиот развој, но изгледа големата популарност го натера да влезе во некој своевиден филм далеку од реалностa и полн со фантазии. Како да сакал да влезе во историјата, несвесен дека лесно се завршува во биологијата. Кога ја почуствувал силата на национализмот која како една ракета за час те носи на небо, не можел да му одоли на предизвикот и одлучил да јава на бесен коњ наопаку. Сега последиците ги чувствуваме сите, дури и бројните негови подржувачи. Национализмот, популизмот, корупцијата, организираниот криминал и корумпираните медиуми се соединија, со цел да изградат нивна среќа врз нашата колективна несреќа. Антиката служи само како колективна магија за да можат малите луѓе да си се гледат во големината на утринската сенка.

Деновиве се сретнавме со еден мој пријател од времето, еден врвен дипломат од една силна земја кој едно време имал големо влијание врз нашите политички текови, па дури и за изборот на „Вождот“ за лидер на неговата партија. Тогаш мислеше дека овај „неоптеретен млад дечко“ ќе и даде нов дух на веќе доста оптеретената политичка состојба во државата. Сега изгледаше разочаран, дури се присетил кога му спомнував дека тој не е најсреќното решение. По десет години стасавме во друштвото на десетте најсиромашни земји на планетата. Стасавме да бидеме во друштво на петте најтоталитарни држави на светот. Доживеавме партизацијата да ги заменува законите. Игноранцијата, професионализмот. Стасавме до тоа омразата да ја замени толеранцијата, а неправдата – судството. Материјалното и менталното дегенерирање нè има претворено во апатични луѓе, без чувства, без сожалување за тоа што ни се урива пред очите. Сега служиме за пример како изгледа еден примерен светски срам. Деновиве Си-Ен-Ен откри чудо од нас. Дека сме биле единствената земја на светот која има 30 отсто невработени. Но, кога би се имало предвид дека последниве десетина години од Македонија се иселиле околу половина милиони млади, тој процент ќе беше 50 отсто. Нешто невидено во историјата на последниве двеста години во светот!!!

“Вождот” својата метеорска кариера ја изгради со проблемот со името, на кое нè требаше да се смени ниту една буква, потенцирајќи дека никој нè  може да нè принуди да го „свиткаме рбетот“, да ни го „гази достоинството“ и да го „загубиме идентитетот“! А впрочем самите загубивме дваесет години! Десет загубени и уште десет несработени. Регионот кој цели декади беше зад нас сега е далеку испред нас. Македонија од лидер се претвори во безнадежен пациент. А медиумската пропаганда сето тоа убаво го пеглаше. Секако дека таквите медиуми по ниедна цена не можат да се амнестираат од таквата човечка катастрофа.

Сега во некои написи наоѓаме квалификации за „предавството“ на власта за името. Мислам дека власта треба да се остави на раат да си ја заврши доверената задача (претпоставувам за да се спаси од досегашното). Диктаторите по своја природа се кукавици и секое нивно понатамошно заплашување ќе го пролонгира или оневозможува решението. Нивно заминување без да се реши името ќе значеше продолжување на сопствената агонија и кома, оти од таков пиедестал што тие го издигнаа проблемот со името, нема друга политичка сила која може да го реши проблемот без големи колективни трауми. Ние нè треба да ја идентификуваме графата “Nationality” со етничка припадност на еден народ, оти во Обединетите Нации таквата графа служи за прикажување на државјанска припадност на граѓаните, а не етничките заедници. По таа логика, како би се постапувало на пример со Индија која има стотина нации, или со Кина или со многу други земји?! Напротив, режимот треба да се охрабри за решение, оти дури и тогаш кога тука би се работело за некој голем пазар со кој тие би заминале без лични и материјални последици, тие лесно може да се изминираат. И кај јазикот постои двотранскрипциона формулација и во суштина не тангира во идентитетот. Впрочем, ние самите во нашата држава имаме уставна формулација каде што јазикот на една етничка заедница ја сведува на процентуална бројка. Но, животот пак си тече. По изнаоѓењето решение се ќе се врати во нормалата, а проблемите ќе исчезнат сами по себе. Стравот дека ќе се загуби нешто важно е само од психолошка природа, а вистинската загуба е ова што го имаме.

Значи, како што изгледа е дојдено времето кога власта ќе треба да го жнее тоа што го сеела заедно со ѓаволот. Треба да се урива политиката која не знае за одговорност, за морал, совесност, правда или Господ. Треба да се уриваат тие што перманентно добиваа на изборите додека поразени се сите луѓе. Сега ѓаволот тропа на вратата и си го бара својот дел. Должник нè му е само власта туку и сите ние. Сатанизацијата почнува со Сатаната и завршува со него. Лагите во политиката се слатки за едно време ама горки за цел живот. Сега изгледа премиерот и неговите коалициони партнери дејствуваат во паника. Свесни дека се на работ на провалието бараат спас од јажиња кои нè постојат. Бараат да се спасат од самите себе. Да се спасат од стапици што самите ги поставиле. Дојдено е времето кога европската вистина не може повеќе да се замени со античка лага. Дојдено е времето кога живите луѓе не може повеќе да се понижат од мртвите споменици. Се надминал резонот, нормалата, логиката, а ни преостанаа само апсурдот. Овие момчиња што со секакви средства напаѓале жени и деца по патиштата и автобусите, се трагичен епилог на со години водење деструктивна политика од оваа чудна власт, која не сакаше да разбере дека и капка омраза може да отруе цело море разум. Изгледа името беше само една голема лага зад која се криел огромен организиран криминал кој не може да се мери со ниедна сенка.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

 

bilali@inbox7.mk