Денешна дата
02/12/2020

Студентите протестираа, но никој не ги прими (Видео)

Над илјада студенти, денеска, со свирежи и овации рекоа „не“ на екстерното тестирање. Организирани преку социјалните мрежи, продефилираа од универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ до просториите на Министерството за образование и наука.

Фотогалерија овде

Поддршка добија од дел од универзитетските професори кои решија да не застанат пред камера, туку со своето присуство да ја изразат својата согласност со студентските протести и нивните барања да нема екстерно тестирање во високото образование.

„Доста беше молк!“, „Ова е само почеток“, „Придружи се!“, беа само дел од извиците кон студентите сместени во студенскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, од каде освен скриени погледи од прозорците не дојде друг вид на поддршка. Таму студентите, кои го носеа транспарентот „Образованието гори – СПУКМ се чешла“, го повикаа и лидерот на Студенскиот парламент, Кире Спировски да застане до нив и да не се крие. Откако не добија поддршка од него симболично му оддадоа едноминутно молчење.

Оттаму студентските протести продолжија пред Министерството за образование и наука, а попатно во редовите на демонстрантите зачекорија и студентите од приватниот Европски универзитет. Полициското обезбедување се засили по пристигнувањето на демонстрантите пред институцијата. Токму од осмиот кат, каде е сместено ресорното министерство, прозорците се отворија, но никој не дојде да се сретне со студентите.

Писмото со студентските барања сега е во рацете на надлежната институција. Студентите чекаат одговор и најавуваат нови протести. Тие се разотидоа со пораката дека тука нема за запрат – „Ова е само почеток!“.

stavrova@inbox7.mk