Денешна дата
13/11/2019

Говор на омраза – политичарите со специјален речник во предизборието

Политички мотивираниот говор на омраза е зголемен последниве години се потврдува и во испитувањата на јавното мислење. Но забележливо е велат комуниколозите дека таквото обраќање дополнително се потикнува во изборните циклуси

Читаш текст кој ги отсликува речиси истите ставови како твоите за многу актуелни политички случувања. Се согласуваш со авторот околу проблемот за името, или пак за тоа каква треба да биде меѓуетничката политика. Како поддршка на тие ставови тргнуваш да го споделиш текстот на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук. И токму пред да притиснеш на копчето за објавување се предомислуваш. Затоа што знаеш дека дел од твоите виртуелни пријатели веднаш ќе те прогласат за предавник и штетник на македонските национаонални интереси. Напади од кои можеби и не си подготвен да се одбраниш, не затоа што сметаш дека не си во право, туку пред се заради наелектризиранaта атмосфера во која никој не ги слуша аргументите, никој не зборува туку сите викаат.

Во тоа викање многу лесно се лепат етикети, кои се или пак несомено поттикнуваат говор на омраза кој се засили последниве години. Па така може да се прочита или слушне дека некоја личност, етничка, политичка или некоја друга група треба да биде протерана од државата, запалена, да ја снема оти и нанесувала штета.

За ефектите од насилството во говорот лекција може да бидат и случувањата на територијата на поранешна Југославија во раните деведесети години. Во тој период во медиумите најчесто беа пренесувани и подгревани изјавите на политичарите кои можеби не содржеа директно говор на омраза, но несомнено поттикнуваа на него. Сето тоа придонесе, после години крв луѓето се уште да бидат подготвени да наоѓаат оправдувања за сите нешта што ги сторила нивната влада, па дури и за геноцид, оти тие другите беа лошите, кои нив им предизвикуваа зло. Затоа од денешен аспект многу често може да се слушне и дека војната во Југославија, всушност започна во медиумите.

Според некои дефиниции под говор на омраза се подразбира пропагирање, величење или оправдување на злосторството и поттикнување на злосторство кон општествени групи и нивни преставници, а врз основа на раса, боја на кожа, национално и етничко потекло, пол или сексуална ориентација. За говор на омраза се смета и изнесување или пренесување на идеи за супериорност или подреденост на една оптештествена група или на нејзините припадници како и употреба на симболи кои поттикнуваат омраза и ја истакнуваат супериорноста или подреденоста на општествените групи и нивните припадници.

Присуството на говорот на омраза во македонскиот јавен простор го потврди и испитувањето на јавното мислење спроведено во февруари годинава од агенцијата Рејтинг за потребите на Македонскиот институт за медиуми и интернет-страницата Безомразно. Според тоа истражување дури 79,4 отсто од граѓаните забележале говор на омраза меѓу политичарите и поддржувачите на политичките партии во земјата, а над 70 отсто сметаат дека тој се зголемува во последните години.

Во многу случаи говорот на омраза можеби не излегува директно од устата на политичарите, но несомнено креира атмосфера во која се поттикнува таквото обраќање полно со осуда и неразбирање на поинаквите ставови.

Етноцентрична реторика во фокусот

Говорот на омраза или неговото поттикнување од политичарите се зголемува во предизборието и во изборниот период. Само што се обелодени дека предвремени парламетарни избори ќе има, веднаш почна лавината на препукувања пред се меѓу партиските подржувачи.

Овој пат, најзабележителни се повиците насочени кон Македонците или Албанците. Имено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на партиската конвеција за избор на претседател во зовриената атмосфера и иконографија побара да добие најмалку 62 пратеника и претседател за да не можеле после, како што рече, некои математичари да ги уценувале како партија, како коалиција, како македонски народ и нација. Во спротивно, порача Премиерот, кој сега се трка за четврти мандат, други ќе ја кроеле судбината.

Од партискиот портпарол, Бујар Османи на партијата со која раководи Али Ахмети, пак, стигна друга порака. Тој, на својот Фејсбук профил, прогнозирајќи дека овие избори ќе одределе кој ќе се факторизирал повеќе во следната влада, ДУИ или ВМРО, побара поддршка од Aлбанците за добивање на 25 пратеници на ДУИ.

264512_10151692029929363_1766808124_nИгор Мицевски од Високата школа за новинарство и односи со јавноста вели дека во последните три години тие спровеле серија истражувања кои се однесуваат, меѓу другото, на етнонационализмот, политиката и говорот на омраза низ медиумите.

Наодите покажаа дека нетолерантните дискурси се шират засилено околу изборните процеси, но не исклучиво во тие услови. Но секако, неговата засилена присутност во медиумите има врска со партиското позиционирање за определени прашања“, вели Мицевски.

И професорот на Штуловиот Универзитет, Сефер Тахири вели дека говорот на омраза се интензивира во текот на изборите.

Етноцентристичката реторика е во функција на се поголемата политичко-партиска мобилизација на граѓаните, кои не се мотивираат ниту со име, интеграција, економија или социјална политика, туку со испробаниот рецепт, а тој е бранење на етнички интереси или повикување на колективистичко организирање, без да се почитуваат индивидуалните права“, вели Тахири.

Речиси истиот ден со објавувањето на двојните избори тргнаа и препукувањата на социјалните мрежи, па загреаните припадници на двата етнички табори тргнаа во жестока вербална меѓусебна пресметка, со термини што изразуваат нескриена омраза.

Овие коментари најчесто доаѓаат од луѓе што не се познати во јавниот живот, но нивните профили на социјалната мрежа обично се зачинети со фотографии со партиска иконографија.

Според комуникологот, Марко Трошановски говорот на политичарите само ги мобилизира радикалните партиски структури а ги отфрла останатите граѓани.

Етнички поларизана дебата во политиката создава етнички поделени граѓани. Дополнително што овој говор создава перцепција дека коалицијата на двата етнички најголеми блокови не функционира граѓански и единствено туку етнички и поделено.. Говорот на омраза создава спирала на етничка омраза и поделеност и се проширува и на останатите нивоа во општеството и повторно ја затвора политичката агнеда во етнички рамки“, вели Трошановски.

 

Закопување на политичките елити во сопствени ровови

 

Речиси секои изборни циклуси претставуваат нови поттикнувања за насилството и омраза. Па така во кампањата за предвремените парламентрани избори во 2011 година Груевски неколку пати го нарече тогашниот лидер Црвенковски Грк, поголем од Самарас а попознат од Зорба поентирајќи дека Македонија имала и поголеми штетници од Бранко но ги преживеала.

Во 2008 година пак лидерот на ДПА Мендух Тачи од собраниската говорница најави „касапаана“ на изборите. Иако после се обидуваше да се дообјасни на што мислел, на теренот се слууваа работи што соодвествуваа со таа негова најава. Изборите поминаа со вооружени инциденти и беа оценети како недемократски.

Говорот на омраза трае подолго време и ескалира во секој предизборен период. Тој ги закопува политичките елити во етнички ровови од кои после не може да излезат исто како што грчката негативна пропаганда го закопа грчките елити и ги направи ригидни за какво било решение за името“, вели Трошановски.

seferИ Тахири потсетува дека повиците за етничка мобилизација од страна политичките партии беа интензивни на минатите локални избори.

Сигурно дека од првите настапи на лидерите и претставниците на политичките партии може да се насети приоритетот што го има етничкиот дискурс, борба на етноцентристите од двете страни“, вели Тахири.

Ако изборите, за кои сите соговорници се согласни дека ги засилуваат етничките поделби, се поставува прашањето дали потикнување на говорот на омраза остава посериозни траги?

Мицевски смета дека иако во Македонија не е направено социолошко истражување што ќе ги испита долгорочните ефекти на медиумското покривање и ширењето омраза, има работи кои можат да се видат со голо око.

Ако манифестацијата на омраза макар и вербална ви е дел од системот и е поттикната од оние кои ја имаат моќта тогаш таа станува и норма на однесување. Во оваа смисла говорот на омраза, манифестацијата на ксенофобија, екстремен етноцентризам, етно-стереотипизација итн. создаваат конфликтно триење меѓу општествените групи (особено меѓу етно-групите) и се темпиран инцидент – инцидент кој чека да се случи“, вели Мицевски.

Тахири прогнозира дека во случајот со Македонија ваквата практика ќе доведе до зголемување на нивото на етничка нетолеранција во општеството.

Нетолеранција и така е на високо ниво, благодарение на медиумите и политиката, која во отсуство на вистински алтернативи за иднината секогаш на народот односно избирачите ги третира според принципите и категориите на психологијата на толпата“, оценува професорот.

dimeska@inbox7.mk