Денешна дата
19/09/2020

ДРЖАВЕН ИСПИТ ЗА ВЛАСТА

“Ние сме студенти- не сме клиенти“. Маестрална порака на новата и зрела генерација, која ги започна своите маршеви за академската и човечка слобода. Нивното НЕ ја скрши агресивноста на Власта, многу поавтентично, посилно и поверодостојно од помногубројните партиски митинзи и контра собири. Студентите се легитимираа со став, увереност, дигнитет и искреност. Од колоната луѓе слушнавме изјави на сите македонски кокни и сленгови – од скопскиот, до кавадаречкиот, охридскиот, тетовскиот… дијалект.  Меѓу нив, во првите редови, и Таа, студентката со бурка, зашто младите муслиманки, пред 6-7 години се изборија со неа да ги посетувааат и студиите.

Конфузно изгледаа објаснувањата на Премирот Груевски, што значи дополнителниот екстерен-државен испит? Иако со подголтнување, со искрена и тешка воздишка, самиот побара поширока општествена дебата, надвор од партиските атари, барем за моделот на проверка на знаењата на студентите. Дијалог и дебата?! Дури и да е семантика, во ова општество каде власта е глува да слуша за инаквоста, самото изговарање на овие поими на демократско општество, е голем поен за колоната на ентузијастичките студенти. Ним Груевски, поради динамиката на нормални промени, ќе мора, да им го препушти водењето на државата. По шефот се окуражи и министерот Адеми. Одеднаш стана отворен за соочување со своите “клиенти“. Најпрвин не сакаше да прими делегација од незадоволните студенти, па не ја знаеше адресата за одговор на писмото, па во стилот на вмровската пропаганда се посомнева дека зад нив стојат други намери и политички провокации. Откако им попушти стравот партиските штабови се вратија на реториката за “соросоидноста“ или “сдсмовската“ стимулација на маршот за вистината.

Четирите провладини медиуми не ја регистрираа перфектно организираната поворка. Но затоа го дразнеа гледалиштето со тотали  и ги атрибуираа, на пример, протестите за “Монструм“ или “Вахабистите“ пред Владата?! На моите колеги од МТВ, Сител, на колегите од ТВ Алфа и Канал 5, пред се генерацијата од А1 школата, им препорачувам да ги погледаат во архивите за следењето на студентските протести на Петровски, Милошоски, Пандев, Тодоров, Ѓорчев… и нивниот протестен кампус против образованието на албански јазик. Оваа тогаш компактна и образовна вмровска генерација сега е во цврста коалиција со Албанците и се партнери во менаџирањето на актуелните антистудентски реакции. Обидите актуелните протести на студентите да се етикитираат како партиски послушници се потпени од анкетата на еден Унивезитетски сајт – од вкупно 3.700, кои се јавиле за само два дена, над 93 насто биле против воведувањето на државната проверка на знаењата. Целокупниот систем на екстерни тестови е сомнителен, вклучувајки го основното и средно образование, откако е девалвирана професијата наставник и нивното регрутирање спротивно на педагошките правила и мерниот систем, наспроти партиските препораки.

На Власта, пред очи, им пропаѓа моделот на рурална дисперзија и провинцијализација на високото образование, што ја девалвира смислата на едукацијата и регрутација за пазарот на труд,  научно – истражувачката дејност, импакт – публикуваните статии. Во налетот на злоупотреби на функциите беше и хистеријата на главните соработници на Премиерот, кои лани, на денови пред крајниот рок, масовно ги пријавуваа докторските тези, пред стартот на новиот модел тригодишни додокторски студии. Некритичката акредитација на околу 20-тина приватни универзитети, некој со по одвај 5-6 професори, го девалвира студирањето, стекнувањето супспецијалистички звања и знаења. Каква е смислата на проверката ако се дозволува државен испит за студенти, пред исти професори, колку и да бидат фер тестирањата? Штом е државен испит, не е и Универзитетски? Каква е логиката на дополнително екстерно за лекарите кои по стекнувањето диплома, полагаат  државен испит, по завршените студии по медицина (што е инаку германски модел, но по обем е на ниво на магистратура)? Што со  студентите по информатика кои не ги положиле формалните тестови, но затоа за време на студирањето ги регистрирале своите апликативни и креативни потенцијали со програми што се веќе вградени и се користат? Која соната во Де-дур ќе одсвират музичките академци или можеби нив ќе ги прашуваат дали го знаат Тодор Александров или последниот Претседател на Македонија?

Како да се проверуваат знаењата на студентите ако евалуацијата на македонските универзитети е под стандардите на Шангајското рангирање, каде две години по ред, ниту еден од петте државни кампуси, не е ниту меѓу двеилјадите во светот?

Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да и се спротивставува на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода; и слободата е услов за непослушност. Доколку се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам “не” и неможам да имам храброст за непослушност. Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината, напишал Ерик Фром.

Маршот на студентите Власта ја направи нервозна. Тоа е прв сериозен контраодговор на една нова генерација врз која Владата се обидува да ја тестира издржливоста на својата политика на исклучивост и наметнати решенија. Во последниов месец и бизнисмените креваат глава против нетранспарентните решенија да се примаат на работа инвалидизираните лица, за двојните аршини во оданочување на хонорарците и изземањето на советници, владини консултанти, пратеници, државни службеници…за прекумерното товарење на домашните компании и даночни обврзници кои ја пополнуваат буџетската дупка од привилегираните статуси на компаниите во слободните зони и на тој начин вршат прелевање на домашниот опшествен производ. Шокот со Субрата Рој и обидот Индусот од Македонија да направи голема пералница на пари, ги замрзна, пардон, ги пролонгира и Уставните амандмани со кои треба да се институционализраат слободните финасиски зони, како екс-територија, за што инаку се решава на референдум.

И покрај огромната медиумска самопромоција Владата на Груевски почна да го плаќа данокот на сопствената агресивност врз слободата на мислење, став, со нетранспарентност и преку комплетно дезавуирање на различностите, на добронамерните критики, граѓански и општествени реакции.

Гласачкото тело и се стеснува.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)