Денешна дата
26/02/2020

Странските фабрики доаѓаат, но работниците избегаа во странство

Во наредните пет години се најавени над 4.000 работни места во Источна Македонија, а официјално, има помалку од 3.000 невработени во Брегалничкиот регион

Во Брегалничкиот регион, во наредните 5 години се најавени над 4.000 работни места, но на списокот на Агенцијата за вработување до 35 години има под 3.000 невработени. Поради иселувањето и нискиот наталитет проблемот дополнително се продлабочува, а недостиг на работници се чувствува и сега. За да ги пополнат работните места компаниите ги носат вработените и од оддалеченост од 70 километри и тоа секој ден.

Брегалничкиот регион, кој опфаќа 11 општини во Источна Македонија, е еден од најсиромашните во земјава. Овој регион е единствениот кој нема ниту еден милиметар автопат. Возовите се движат со најниска брзина во државата од 25 до 30 километри на час, а пругата не е обновувана од Втората светска војна.

Бомбастичните најави за нови фабрички погони и нови вработувања се во расчекор со фактите кои покажуваат дека иако бројот на невработени е околу 10 илјади, реално работноспособно население, според побарувачката на странските инвеститори е под 3 илјади.

Најавени работни места во Источна Македонија

Компанија

Најавени работни места

Џонсон Контролс-Штип

1.500

Актива –Штип

400

Турска компанија во ТИР зоната –Штип

непознат

Амфенол- Кочани

1.500

Оранжерии за цвеќе –Кочани

200

Рудник Саса- Македонска Каменица

Непознат

Вкупно

3.600

Прв во ударничката владина офанзива во Источна Македонија е Џонсон Контролс со отварањето на втората фабрика за шиење навлаки за автомобили во Штип. Американците во Штип најавија нови 1.500 работни места, иако досега халите на Џонсон Контролс се пополнети околу 70% или околу 1.000 работници.

Покрај Џонсон, фабрика во Штип најави и компанијата Ван Хол. Од Општина Штип, како партнер во оваа инвестиција ја најавија и познатата штипска компанија Актива. Таму планирале да вработат 400 вработени.

Ilco zaharievВо ТИР зоната треба да биде конструирана уште една фабрика за градежни материјали, со регионално седиште. Преговорите се во тек, а постои интерес и од турски фирми за што првичен контакт е остварен преку македонскиот амбасадор во Турција“, вели штипскиот градоначалник Илчо Захариев.

Покрај Штип, во привлекување на странски инвестиции работат и во општина Кочани. Таму инвестиција во автомобилската индустрија најави и компанијата Амфенол, со отварање на нови 1.500 работни места. Дополнителни 200 работни места треба да се отворат и во холандска инвестиција во Кочани за производство на цвеќиња, а нова јама најавува и рудникот Саса од Македонска Каменица.

Сѐ на сѐ, во овој регион се најавуваат околу 4.000 работни места во следниве години, но се поставува прашањето од каде ќе се најдат работници?

Помалку невработени од најавени работни места

Само што проработи фабриката на Џонсон Контролс, најголема странска инвестиција досега во источниот регион според бројот на вработени, веднаш на површина исплива проблемот со недостиг на работна сила.

Вработени во оваа фабрика потенцираат дека најголем дел од работниците се од околните градови.

Не повеќе од 20% од вработените во мојата фабрика сме од Штип, останатите со автобуси се носат од околните градови“, вели вработен од Џонсон Контролс кој сакаше да остане анономен.

Извори во фабриката велат дека работници, со автобуси, секојдневно се носат од околните градови како Кочани, Пробиштип, Радовиш, Свети Николе, па дури и од Кавадарци кој е на околу 70 километри одалечен од Штип.

Клучниот проблем поради кој тешко се наоѓаат работници е тоа што странските инвеститори кои доаѓаат во Источна Македонија преферираат вработени до 35 години, а младите ги нема.

Од Агенцијата за вработување во Штип велат дека од службите во Џонсон Контролс им е потенцирано дека бараат луѓе до 29-30 години и дека политика на компанијата е дека поседуваат дигитализирани машини за кои треба помлади да се обучат да работат со нив. Ваквата препорака не е официјална, но во пракса се спроведува.

Вработени во компанијата ни потврдија дека најголем дел од работниците се до 35 години, и оти само тие што од порано се вработени се до 40 години.

Затоа, 42 годишниот Илија Петров од Кочани, кој поднел барање за работа во Џонсон контролс не очекува дека ќе биде вработен.

Досега од Џонсон Контролс ме немаат повикано на разговор. Се сомневам дека ќе ме ангажираат заради фактот што сум постар од 35 години, иако имам 15 години искуство во шиење на машина“, се жали Петров.

Број на невработени до 35 години

Град

Невработени до 35 години

Штип

906

Кочани

1.010

Пробиштип

549

Виница

256

Вкупно

2.721

Ниските плати не го запираат исселувањето

Најголем дел од младите луѓе што сакаат и можат да работат, се заминати во европските земји. Тие работат како сезонски работници и не се заинтересирани за работа во овдешните компании за плата од 10.000 денари.

Нема потреба да одам и да работам во Џонсон Контролс за плата од 9.000 или 10.000 денари. Подобро ќе одам во Италија и ќе работам 2 месеци како сезонски работник и ќе донесам 2.000 евра, колку што во Штип ќе заработам за цела година“,вели Стојанче Минов од Виница.

Само од овој град во Италија се имаат иселено неколку илјади млади луѓе, па овој проблем не ги засега само странските компании. Недостатокот од работна сила е проблем и за постојните компании во овој регион.

Стапката на невработеност во Виница е многу мала. Многу луѓе се иселени од градот, што нѐ принуди да носиме работници и од Кочани. Околу 100 луѓе или 25% од вкупниот број на работници во Макпрогрес се од Кочани“, вели Глигор Цветанов, сопственик на најголемата кондиторска компанија во Македонија, Макпрогрес од Виница.

Тој додава дека засега се атрактивни како компанија за привлекување на работници поради редовните плати што ги исплаќаат.

Проблеми со обезбедувањето на работна сила имаат и во рудникот Саса.

Особено е проблематично наоѓањето на квалификувани работници за одредени задачи. За да обезбедеме непречено функционирање на рудникот вработуваме работници од околните градови на Македонска Каменица. Во рудникот имаме 700 вработени, од кои над 400 се рудари. Просечната возраст на овие рудари е околу 40 години. Ова укажува дека за жал немаме многу млади рудари, со кои би имале некоја подолга перспектива“, вели Максим Прохоров, директор за инвестиции во рудникот Саса.

Покрај ова, Прохоров се жали дека тие како рудник со подземен коп имаат и специфичен проблем.

Имаме одреден број на млади кои завршуваат во Средното рударско училиште во Македонска Каменица, но проблем овде е законот кој не дозволува влез во јама на лица помлади од 21 година. Средношколците завршуваат на 18 години и ако не планираат да се школуваат понатаму за тие 3 години додека не наполнат голем дел од младите од Македонска Каменица, Делчево и Виница заминуваат во странство и ретко кој после се враќа да работи во рудникот“, додава Прохоров.

Како до работници?

Една од опциите за пополнување на слободните работни места во Источна Македонија е да се овозможи дел од иселените Македонци да се вратат дома.

Професорот на Економскиот факултет во Скопје, Славе Ристески, смета дека земјава не треба да ги отпишува нашите иселеници кои живеат и работат во околните и во европските земји.

Македонија засега може да ги користи само сопствените внатрешни резерви на работна сила од Италија, Словенија и Црна Гора каде многу наши работат во угостителството, градежништвото итн. Друг извор на работна сила не гледам“, додава тој.

Со сличен став е и сопственикот на „Макпрогрес“ од Виница, Глигор Цветанов.

Мислам дека треба да ги подобриме условите за работа и за живот овде за да можеме да привлечеме што повеќе луѓе да останат овде и да работат во нашите компании“, вели Цветанов.

Но, за да се вратат иселениците во Македонија треба да се надминат проблемите кои ги натерале овие луѓе да си заминат одовде.

За економскиот аналитичар од Штип, Стојче Самарџиски треба да се разговара со Македонците кои се иселени како прва опција за обезбедување на работна сила.

Ако има работа, и ако им се понуди добра плата, дел од работниците кои заминаа од источниот регион ќе се вратат. Треба само да се направат анкети помеѓу нашите луѓе во странство, за колкава плата се подготвени да се вратат“, вели Самарџиски.

Зголемувањето на платите и условите за работа е прва мерка и според професорот Љупчо Давчев.

Колку и да е атрактивна компанијата што инвестира во Македонија, ако платите се ниски, работниците нема да бидат мотивирани да работат во тие фирми. На второ место се работните услови, кои треба да бидат подобри од земјата од каде доага работникот“, вели Давчев.

Недостасува стратегија за решавање на проблемот

Проблемот со обезбедување на работна сила ќе биде се поактуелен, па познавачите предупредуваат дека е неопходна стратегија стратегија за потребите на работна сила во Источна Македонија и да се направат чекори и услови за увоз на работници од други места, како што тоа веќе го прават развиените земји .

Професорот на Економскиот факултет во Скопје, Славе Ристески вели дека Македонија и во иднина ќе има проблеми поради нискиот наталитет, каде опаѓа бројот на лица од 0 до 19 години.

Македонија до 2025 година ќе нема способна работна сила која ќе покрене динамика и ќе го покрене стопанскиот растеж во земјава“ вечи тој.

Увозот на работници, метода што ја применуваат развиените земји со низок наталитет е едно од решенијата, но прашање е колку може да биде применето.

Многу е полесно да се вработат работници од земји кои се на понизок степен на развој од Македонија. Проблем е што во регионот на Македонија, само Косово е на понизок степен на развој од Македонија“, вели Давчев.

Оттаму познавачите се согласуваат дека земјава веќе треба да започне да подготовка на стратегија за работната сила за да не се случува во земја со висока стапка на невработеност погоните да работат полупразни.

Уредник: Тамара Чаусидис

lefkov@yahoo.com