Денешна дата
23/06/2017

ОПШТИНИТЕ НЕТРАНСПАРЕНТНИ- ГРАЃАНИТЕ НЕИНФОРМИРАНИ

Општина Зелениково е единствената општина од скопскиот регион која нема своја интернет страница иако тоа е обврска за транспарентност пред граѓаните.

opstina zelenikovo

Во оваа локална единица недалеку од главниот град живеат над 5.000 жители, самостојно опстојува веќе 18 години, откако во 2004 со предлог законот за територијална организација на општините отпадна предлогот општина Зелениково да се припои кон општина Петровец, со образложение дека како самостојна општина ќе има поголеми можности за развој. Инбокс 7 се обиде да стапи во контакт со градоначалникот Веле Груевски за кој на телефон ни рекоа дека има отворен ден секој четврток, но дека ќе мора пред да дојдеме повторно да се јавиме за да не внесат во списокот оти имало метеж. На нашето прашање кога ќе може да им се обратиме преку веб – страницата од општината ни рекоа дека не знаат кога ќе биде готова веб страницата, но сигурно дека тоа нема да биде до Нова Година.

Дека ваквата затвореност на општините создава апатија кај граѓаните за заедничко делување на локално ниво, покажаа и резултатите на истражувањето на невладината „Коалиција за буџетски мониторинг“ кои ги мониторираат скопските општини Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Чаир, Шуто Оризари и Зелениково.

Debata Agim Selmani ZIP

Агим Селами

Општините од Скопскиот плански регион кои Зип Институт ги мониторира не се најдобриот пример во однос на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните. Според првичните резултати од првиот квартал на мониторингот, има општини кои не користат ниту едно средство за комуницирање со граѓаните, што јасно покажува за тоа колкав степен на апатија и индиферентност постои кај двете страни за заедничко делување во важни процеси на локално ниво. Покрај непостоењето на веб – страна во една од општините, друг проблем се појавува и кај тие општини кои имаат веб – страна, меѓутоа истите нередовно се ажурираат со што пристапот до документи од јавен карактер е во голема мера оневозможен. Ни се случуваше за еден обичен документ како што е статутот на општината, да мораме да поднесеме барање за пристап до информации од јавен карактер, бидејќи истиот (иако треба), не е јавно достапен на веб страна на општината“, вели за Инбокс7, Агим Селами од „Зип Институт“.

Инбокс 7 провери дел од интернет страниците на општинските единици. На веб порталот на општина Аеродром, на пример, на првата страница стои линкот до отчетот за периодот 2009 – 1012  а, после два-три клика се доаѓа и до објавата на предлог буџетот за 2015 година. Сајтот е богат со информации и сите се достапни на шест јазици, покрај македонскиот има превод на германски, англиски, француски, италијански и шпански јазик, но не и на албански.

На service.aerodrom.gov.mk  има препорака за граѓаните со следнава содржина:

Повеќе не морате да се јавувате на телефон и да чекате некој да ви крене и да ве услужи и во меѓувреме безпотребно да потрошите многу време. Во најкраток рок дежурните служби излегуваат на терен да ги решат проблемите. Во рок од 48 саати ќе добиете одговор за статусот на решавање на Вашиот проблем.“

 

Со градоначалникот Елвис Бајрам жителите на Шуто Оризари не можат преку интернет да закажат средба, ниту пак да се информираат за работата на одделенијата и секторите бидејќи се недостапни. А што се однесува до буџетот последниот објавен извештај е оној од минатата година.

 

НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

 

Сепак дел од единиците на локалната самоуправа својата достапност до граѓаните ја манифестираат и преку интернет порталите, каде директно може да се поднесе барање за средба со градоначалникот.

 

Еве како изгледа барањето кое граѓаните треба да го пополнат за да општинските служби им закажат средба со ресорната служба или со градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски

opstina-kumanovo.

 

 

 

 

 

 

За разлика од Дамјановски, Зоран Заев, градоначалникот на општина Струмица има објавено интернет формулар со бројни детали за подносителот на барањето, како образование, вработување и слично, со назнака дека секој граѓанин треба лично да го пополни.

opstina strumica

 

Азем Садики, градоначалникот на Студеничани не можевме да го добиеме ниту на телефон, ниту пак успеавме да најдеме на нивната интернет страница термини за приемни денови кај градоначалникот. На страницата е забележително дека сите текстови не се достапни и на македонски и на албански јазик, односно доминира албанскиот. Дури и биографијата на градоначалникот не е достапна на македонски јазик.

 

На првата страна на интернет порталот на општина Берово стои дека градоначалникот им е располагање на граѓаните секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот, како да е тоа единствената обврска на првиот човек на општината. Сепак кога ќе кликнете на тој линк со цел да закажете средба, во новото прозорче пишува дека Драги Наџински има отворен ден за беровчани секој трети четврток во месецот, односно еднаш месечно.

opstina berovo1

Се обидовме да откриеме и кога жителите на Македонска Каменица имаат средба со градскиот татко Дарко Митевски, но откако такви податоци немаше објавено на нивната веб – страница, на телефон ни кажаа дека градоначалникот обично во петок има отворен ден, но овој петок ќе оди на пат во Скопје.

 

На градоначалникот Зијадин Села не може по мејл да му се обратат стружани бидејќи едноставно нема мејл адреса, останува само по телефон. На прозорчето „информации од јавен карактер“ се појавува  „ерор 404“. Сепак, на веб страницата  има објавено Јавен повик за распределба на финансиски средства од буџетот на општина Струга за 2015 година, кој е отворен десет дена , а започнал да тече од 26 ноември 2014.

Охридскиот сајт е двојазичен и тоа на англиски и македонски јазик, буџетот е објавен од 2008 до 2014

 

За крај од ова интернет истражување на Инбокс7, ја проверивме страницата на општина Арачиново.

opstina-aracinovo

Целиот сајт е на албански јазик, со што се крши законот за локална самоуправа, нема проекти и историја, ниту биографија на градоначалникот (фотка-општина-арачиново.јпг)

 

 

 

 

 

ГРАЃАНИТЕ НАДВОР ОД БУЏЕТСКИТЕ ПЛАНИРАЊА

Истражувањето на невладините го донесе заклучокот дека граѓаните не се воопшто консултирани или вклучени во буџетските процеси на локално ниво.

Причини има повеќе. Општинските власти не ги сметаат граѓаните како важни чинители во буџетските процеси и не можат да ја увидат важноста на одржување на консултации со нив преку кои се овозможува поголема транспарентност, поголема демократија и подобро владеење на локално ниво. Од друга страна пак, граѓаните не се доволно запознаени со нивните права и обврски и општинските пари не ги сметаат за нивни“, вели Селами.

Според него неизготвувањето на така-наречениот граѓански буџет (општински буџет изготвен на лесно разбирлив јазик за обичните граѓани), од страна на општините ја поттикнува апатијата кај граѓаните.

Тие што сакаат да учествуваат во буџетските процеси многу често се жалат дека класификациите и терминологијата која се употребува во буџетските документи е сложена и неразбирлива“, ги пренесува Селами заклучоците од истражувањето на невладината „Коалиција за буџетски мониторинг“.

За да се подобри сликата на локалната власт во Македонија НВО заедницата препорачува општините да ги користат сите канали за комуникација со граѓаните на дневна основа, особено веб страната и социјалните медиуми.

Да почнат да објавуваат граѓански буџети сè со цел граѓаните полесно да ги разбираат буџетските документи. Да ги најавуваат седниците на Совет навремено на нивните канали за комуникација со граѓаните и заедно со најавата да го приложат и дневниот ред за да поттикнат повеќе граѓани,други важни чинители да ја следат од близу работата на советот, особено кога на дневен ред се важни прашања поврзани за буџетот“, рече Селами.

Во исто време потребно е и граѓаните да воспостават почеста комуникација со општинските власти, да изразат интерес за следење на буџетските процеси. Селами истакнува дека граѓаните треба да се здружат меѓу себе за вршење мониторинг и контрола на тоа како и каде се трошат јавните пари, кои впрочем се нивни пари.

 

ОСВЕН ВЕТУВАЊА НЕ СЕ ПРЕЗЕМА НИШТО, ВЕЛАТ ГРАЃАНИТЕ

 

Различни искуства имаат граѓаните од нивната комуникација со локалната самоуправа. Дел од нив се незадоволни од експедитивноста во решавањето на нивните барање од страна на локалната власт, дел  се задоволни од односот на надлежните општински сектори, а има и такви кои никогаш не побарале услуги од градоначалникот. Ваква е сликата во главниот град според спроведената анкета на Инбокс7 за искуствата на граѓаните во контактите со општинските власти.

 

Во одговорите кои ги добивме жителите главно од централното градско подрачје на Скопје велат дека се соочени со повеќе проблеми – преголема бучава, загаденост од локалите во приземните простории на станбените објекти, како и ненавремено отстранување на ѓубрето. Незадоволни од неажурноста на локалната власт, граѓаните посочуваат и на присуство на  непотизам поради што градоначалниците отворено им рекле дека проблемите за кои се жалат се нерешливи.

Мал е бројот на граѓаните кои своите барања ги поднесуваат преку интернет, а побројни се оние кои велат дека општинската зграда им е блиску до местото на живеење, па затоа решаваат лично да ги поднесат своите барања. Искуствата на граѓаните говорат дека се разочарани од  средбите со градските татковци после кои освен ветувања не се презема ништо.

 

КАЈ ДЕЛ ОД ОПШТИНИТЕ СЕ ИНТЕНЗИВИРА ИНТЕРНЕТ КОМУНИКАЦИЈАТА

 

Од Град Скопје, кој обединува 10 општини, за Инбокс 7 го објаснуваат својот широк спектар на барања кои пристигнуваат од граѓаните- разновидни одобренија, дозволи, согласности, уверенија, како за поединците, така и за фирмите.
На пример се издаваат лиценци за такси, Уверенија за точна адреса, одобренија за поставување на мебел на јавни површини, одобренија за сечење на дрва, за користење на јавни површини за јавни манифестации, и низа други документи од таков тип. Освен тоа, Град Скопје ги сервисира услугите за пресметки и наплата на данок на имот и за комунална такса фирмарина, како и други комунални такси, така што комуникацијата со граѓаните на дневна основа е многу голема. Град Скопје издава триесетина најразлични документи од ваков вид.

Во текот на една календарска година сите предмети што се работат  во сите скопски општини за добивање на градежна дозвола доаѓаат во Град Скопје за пресметка и изработка на договор за наплата на комуналии. Повеќе од 10.000 барања пристигнуваат за добивање на Уверенија  за точна адреса, сите договори за продажба на недвижен имот и наследства и друго…“, се вели во дописот на Град Скопје до Инбокс7.
Според нив зголемен е бројот на интернет корисници на услугите на Град Скопје и се позачестена слика е граѓаните да ги имаат подготвено сите документи за предавање со доаѓањето во Град Скопје. Оттаму најавуваат дека наредниот чекор ќе биде овозможување на граѓаните да аплицираат по електронски пат.
Масовна примена има меил адресата на Град Скопје исклучиво наменета за медиумите и на неа имаме годишна размена на специјализирани медиумски содржини од околу 2.000 мејлови во двете насоки“, велат од Град Скопје.
Од Општина Струмица, пак, велат дека околу 90% од барањата на граѓаните успеваат да ги реализираат во текот на еден месец.

 

Таму најчесто граѓаните се обраќаат за решавање на проблеми од комуналната сфера, урбанизмот и решавање на проблем со невработеност.

 

До градоначалникот на општината, Зоран Заев, во просек месечно се обраќаат со барање околу 150 граѓани по пат на интернет. Преку Одделението за услуги на граѓани и месна самоуправа, во обрасци со стандардизирана форма, во просек граѓаните упатуваат 170 барања“, информираат за Инбокс 7 од Општина Струмица.

 

Според општинските служби забележана е зголемена практика на интернет комуникација, како и преку Одделението за услуги на граѓани и Контакт Центарот, Систем 48 со бесплатна телефонска линија, по пошта и директно.

 

Експертите кои ги контактираше Инбокс 7 посочуваат дека според бројноста администрацијата, дали е тоа на локално или на државно ниво, е доволно голема за да одговори на сите прашања и барања на граѓаните. Тие истакнуваат дека сепак и граѓаните треба да се добро информирани за да издејствуваат реализација на своите барања.

Aleksandar Krzalovski

Александар Кржаловски

 

Мислам дека имаме голема администрација и таа треба да  одговори на сите прашања. Прогрес има во интернет пристапот. Според мене требаше многу побрзо и со помалку луѓе сето тоа да се направи бидејќи во другите земји се минимизира учеството на бирократијата во сите сегменти “, изјави неодамна во интервју за Инбокс7, Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)

stavrova@inbox7.mk