Денешна дата
26/11/2020

ПОЛИТИЧКО-НОВИНАРСКА СУИЦИДНОСТ

Самостојна Македонија, со идентитетски и јазичен код? Во нивна одбрана се главните журналистички патриоти и телевизии. Ако се суди по трите национални телевизии, на вистински пат сме!!! Во недела навечер Алфа, Сител и Канал 5 емитуваа, наизменично, дванаесет ТВ-часови од увезените српски серии, шоу програми и паланечки шунд. Тоа е прајм-тајм, како што се опишува времето од 17 до 23 часот, кога маркетиншките агенти го собираат кремот од рекламите и од македонските компании. Милина да ве обземе во одбрана на јазичниот идентитет. Програми во живо, некаде дури и без елементарен превод.

„Говори српски да те сви разуме“! Tоа е програмската инвенција во погребот на македонските креативни, творечки, продуцентско-менаџерски и интелектуални капацитети на телевизиските уреднички манаџменти. Едвај чекам ТВ-снимка од опиениот настап на Мирослав Илиќ во „Борис Трајковски“. Потоа следи кулминација – концерт на Цеца Ражњатовиќ, сопругата на Аркан, трет годинава, во (нај)вмровските градови. Пред Илинден во Охрид, предновогодишен во Скопје. Сè уште не минува и бранот на туркизацијата на македонскиот екран.

Медиумско-новинарската суицидност не ги заобиколува ниту информативните емисии. ТВ-караванот кон ЕУ, што го плаќа Брисел, се емитуваше од ресторан МОСКВА, на улица Маршал Тито 77, во Свети Николе. Преку Русија до Унијата. Врв на македонската надворешна политика на неутралност. Како во титово време. Во кадри со суптилна и со ТВ-критичка новинарска анализа од Свети Николе, беа прикажани ораниците од трасирањето на автопатот, во замена за дел од 20.000 илјади крави, трите млекарници, 8000 илјади фино обработени хектари од тракторите на Сахара груп. И повторно се враќа насмевката од вицепремиерот во македонската Влада, зашто тој е продолжената рака на индискиот бизнисмен во Македонија, додека Субрата Рој е во затвор.

Кога кај сме кај оваа афера интересно е да се провери дали дел од семејството на Индиецот и натаму има македонски пасоши и дали власта во Скопје ќе им ги одземе? Бизнисменот што ја насамари Македонија, ја посрамоти Владата, нè навреди како Македонци, нè излажа како брутален Минхаузен, зарем неговото семејство може да го носи државниот симбол – пасошот? Или во Централната банка лежи девизен депозит, на инорезидентна сметка. Можеби во сефовите на Народна банка е оставен влог од Субрата, како гаранција за македонскиот пасош?

Македонската патна исправа не може да се фалсификува за премин на границите кон странство, вели првиот човек на МВР. Но дали може за лет во место во изборните каравани, најмалку, во последните два изборни циклуси?  Демантот од Јанкуловска е препознатлив модел на барање непријатели во новинарско-опозиционерските сталежи. Не до министерката, туку до одважноста на ТВ-водителот да допраша, да постави теза. Нека има видео запис. Зошто да не се знае? Што ако на Државниот обвинител или на ДИК им текне да ги протресат списоците од гласачките места, само со избирачи кои се идентификувале со пасош? Можеби ќе се најде некој фалсификуван и ќе се докаже дека зад „спинот на опозиционерите“, како што оцени министерката Јанкуловска, стои сдсмовското подземје, на пример, во Кавадарци, каде на времето се штанцаа фалсификувани исправи?

Не е до власта, зашто нејзините спин мајстори веќе ги губат компасите во регрутирањето внатрешни непријатели, како од арсеналот на Берија и на руската НКВД. До новинарството е да допраша дали навистина и кога ќе се казнат полицајците во Кавадарци кои не му го одзеле пиштолот на трикратниот убиец? Сè уште е неистражено како е возможно АРМ и МВР да немаат заедничка база на податоци за регрутираните бранители и професионални војници, за нивните изречени казни и опомени, граѓански и службени. Војник изнел оружје од касарна – четири жртви. Што работат тајните служби, безбедносните офицери? Во Кичево, пред 4 децении, додека служев армиски рок, војник од баталјон се обиде да излезе со бајонет. Беше осуден на една година затвор. Војничките кодекси на ЈНА-АРМ се исти, дисциплината на духот е различна.

Топ новинарска неделна тема е пронајдениот носорог. Сега сме први во Европа и со фосили. Трети сме по растот во економијата, деветти во трансплантациите. Македонските се најдобро заштитени биометриски пасоши. И се разбира, отсега и во роботиката сме рамо до рамо со светските велесили – САД и Јапонија. Бизарноста е комплетна откако од Штип проговорија експерти, преку ТВ-канал што ја има повторувачката оценка од факултет, иако на Запад 5 на испит и на Универзитет ве носи во најпрестижните корпорации во светот. Тие и репортерот уште ви соопшуваат дека само за 2000 денари може, (внимавајте), дома да си направите робот. „Сè имаме во Македонија, само малку да импортирме“ од странство! Можеби софтвер треба да увеземе, не барем е кабел. Така горделиво беседеше универзитетски „експерт“ кој аналфабетски, но театрално, е најавен и публикуван во журналистичките вести на една од најгледаните национални телевизии.

Ако ова не е Хихирику, тогаш е харикири на новите македонски новинарски пера.

Не е до студентите. Во политичарите, професорите и новинарите е (не)скроениот и нескротениот испит на зрелоста. Влијателен водител на ТВ-дневник, откако Премиерот се пожали на квалитетот на студиите, ќе најави дека на еден приватен Универзитет се обучуваат врвни европски дизајнери. Неговите студенти освоиле второ и трето место. Името на прво наградениот не е соопштен. Не е важен. Како кај Црногорците, кога војнички се постројуваат и извикуваат: – Прв! – Јас до него!  Не е битен прво наградениот, зашто не е од Европски универзитет, а и второ наградениот е како прв.

Во Скопје регионален собир на ректори. Од таму, со цинизам, се критикува идејата за државен испит, како загрозување на автономијата на Универзитетите. За тоа, во трите „јужносрпски“ ТВ-канали, ни слика ни збор. За министерскиот пар од образованието поважни беа партиските задачи, одошто времето да го трошат за слушање на десетината ректори и видни професори од регионот, околу перспективите на високото образование. Но затоа, пак, Премиерот, на патување низ Македонија, по долгите роуд шоуа во светските економски центри, во едно скопско студио објасни што е државен испит и дека за законските решенија ќе се води дебата. И со студентите. Следниот ден се публикувани и конкретните модели и законски решенија. Апансас, без студентското киселење, без учество на Ректорот на УКИМ, кој пред неговите академци се правдаше дека не ги знае законските решенија околу екстерниот-државниот испит.

Само по 24 часа, Груевски од друга телевизија, Премиерот се дообјаснува. Во еден ден настапи на две национални телевизии. Да го компензира отсуството од државата што ја промовира како економско заморче, додека одвнатре е сè поеродирана од политичко-демократските стагнации. Станува очигледно дека на патувањето низ Македонија, по долгите престои во странство, првиот министер станува фронтмен во одбрана на владините политики. Но нема новинарска провокација, ниту прашање што ако студирањето и знаењата се девалвирани поради грешка во концептот на високото образование, болоњскиот систем на студирање, некритичката дисперзија на факултетите и регрутација на професорските кадри?

Хиперпродукција на дипломци не е во корелација со потребите на пазарот на труд, кога меѓу 11.000 илјади вработени во слободните економски зони, 90% се дообучени средношколци. Истовремено, една фабрика во внатрешноста на државата не може да најде 30 електромонтажери за навој на кабли. Со слоганот сите на студии, оваа Влада само привремено ги намали списоците за невработени. Веќе стигнува новата генерација со факултетски дипломи, од кои одвај 5 – 10% би биле среќни ако најдат работа во домашните компании. Нема место и пари за нови бранови на вработувања во администрацијата и во јавниот сектор.

Над десет илјади високостручни кадри се меѓу армијата од 220 илјади отселени од Македонија во последнава декада. Некритичкото отворање слободни економски и финансиски зони ќе се врати како бумеранг врз девалвација на целиот образовен систем, вредноста на работниот час, со мобинг врз вработените, брутална селекција во регрутирањето стручни и образовни кадри во Македонија. Зошто покрај толку зони во Македонија, не се направи една за ИТ-ТЕХ за новите пропулзивни сектори, како по примерот на Бугарија и на Чешка, чии инженери заминаа во европските и во светските компании на новите професии и технологии. Можеби еден од министрите за привлекување странски инвестиции, синот Самак, би можел да ја (пре)прочита студијата на таткото Самаковски. Бизнисменот и професор, пред седум години направи и издаде систематски средена и аргументирана студија од 400 страници за светскиот тренд на аутсорсинг. Искуствата на Индија во користењето на знаењето и трансферот на новите технологии од развиениот Запад кон евтиниот Исток, по две децении, ја внесе таа држава во БРИКС, во економиите со најбрзо растечко темпо на развој.

Кога татко и син не можат да се усогласат, како Премиерот и студентите ќе водат дијалог за својата иднина? Тој што го потценува капацитетот на новата генерација е губитник. Возможна е партизација на гласачкото тело, нивниот слоган и мотивација – НИЕ СМЕ СТУДЕНТИ, НЕ СМЕ КЛИЕНТИ.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)