
Најстарото училиште во Македонија нема спортска сала
Посетивме училишта кои се соочуваат со недостиг на простор, мака мачат со дотраениот покрив, или пак се принудени да штедат на парно греење за да ги подноват училишните врати или да го сменат салонитниот покрив
(кликнете на фотографиите за поголема резолуција)
За едно метро помалку не можат да изградат спортска сала, им фалат „само две училници“ за да заштедат на струја и парно, им треба „само нов покрив“ за да не им се уништи реновираното училиште. Ова се најчестите проблеми со кои се соочуваат основните училишта во Скопје за да можат да се пофалат дека изведуваат настава во нормални услови.
Екипата на Инбокс 7 направи обиколка во неколку училишта во Скопје за да видиме дали ги исполнуваат основните критериуми пропишани со закон: хигиенски и просторни услови, спортска сала, начин на користење на струја, вода и греење, дали е обезбеден превоз за учениците, имаат ли уредени дворови, пристап за ученици со инвалидитет, исхрана и како и дали е загарантирана безбедноста.
Во сите училишта што ги посетивме немаат пристапни рампи за децата со посебни потреби. Забележавме дека некои немаат безбедносни камери, но посетивме училишта кои се соочуваат со недостиг на простор, мака мачат со дотраениот покрив, или пак се принудени да штедат на парно греење за да ги подноват училишните врати или да го сменат азбестниот покрив.
Поради едно метро помалку 30 години немаат спортска сала
Основното училиште „Св. Кирил и Методиј” важи за најстаро училиште во Македонија. Но, иако е лоцирано во строгиот центар на Скопје, веднаш спроти стариот објект на МНТ, нема спортска сала. Учениците тука вежбаат во импровизирана сала, која е инаку-училница.
Фотогалерија
Кога ќе влезете во ова училиште ќе ве зачуди тоа што првиот кат од училиштето е „покриен” со решетки, а од просториите постојано истрчуваат деца кои си ги бараат своите наставнички. Нема да знаете дали излегуваат од час по физичко воспитување или пак тука го поминуваат големиот одмор.
Горица Веловска, директорката на ова училиште објаснува дека решетките се ставени за да се заштитат прозорците од кршење затоа што училиштето нема спортска сала, па децата, тука ги одржуваат часовите по физичко воспитание.
„Поради тоа што за еден метар и 20 сантиметри не ја собира салата, од оние што се од проектот 145 спортски сали, не добивме дозвола од општината за градба и се уште тој проблем не е надминат. Мислам дека тоа на некој начин треба да го договорат Општина Центар и Владата за да може да се реши ова. Сето тоа сериозно ни се одразува на уписот на учениците. Ниту еден родител не сака да запише дете таму каде што нема сала и каде што треба да му игра со фармерки и со чевли и тоа надвор. Тоа ни се одразува и на хигиената во училиштето затоа што кога децата одат на физичко надвор со истите патики влегуваат внатре во училиштето. Зашто кога три паралелки ќе имаат надвор физичко и после ќе влезат внатре во училница, целата земја ја оставаат во кабинетите. Нашето училиште беше второ во фудбал во општина Центар, први во ракомет. Тоа е едно огромно задоволство”, вели Веловска.
Сето ова се одразува на хигиената, за која, како што вели Веловска, тешко се одржува и покрај тоа што општина Центар каде што припаѓа ова училиште редовно обезбедува пари за оваа намена. Како и во другите училишта, така и во „Св. Кирил и Методиј”, учениците собираат пластични шишиња кои подоцна ги заменуваат со хигиенски производи.
Иако училниците се преградувани, додавани, а подовите најчесто уништени, сепак училиштето има доволен број училници кои се затоплени, а немаат ниту проблем со струјата и обезбедувањето на храната за учениците.
На инсистирање на родителите во училиштето има и обезбедување кое се грижи за децата од доаѓањето на училиште се’ до нивното заминување. Сепак, Веловска апелира на поголема будност и на наставниците и на родителите.
„Децата храна може да купуваат во училиштето, но, најчесто, тие сакаат да се хранат надвор, а тоа ја загрозува нивната безбедност со оглед на фактот што училиштето е опкружено од сите страни со прометни булевари. Имавме случај кога деца, наши ученици беа нападнати во трговскиот центар „Мавровка”, вели Веловска.
Општина Центар најавува спортска сала во „Св. Кирил и Методиј“
На барање на ИНБОКС 7, Општина Центар одговори дека во план е изградба на спортска сала во Основното училиште „Кирил и Методиј“, кое иако е лоцирано во строг центар на Скопје, се уште нема спортска сала.
Во одговорот кој го добивме на нашето Барање по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се вели:
„Пред неколку години старото раководство на општина Центар имаше план да изгради спортска сала во договор со Министерството за образование и наука. Изградбата не беше реализирана и застана во секторот за урбанизам во општина Центар, каде што не можеше да се издаде дозвола за градба поради тоа што проектот излегуваше од пропишаниот габарит на деталниот урбанистички план за таа локација“, се вели во одговорот на општина Центар. Оттаму најавуваат дека нарачале проектен план за изградба на долгоочекуваната спортска сала. Сепак нагласуваат: „Ова е последно училиште во Општина Центар без спортска сала“.
Училиштето е реновирано почнувајќи од покривот, фасадата, прозорците, електричната инсталација, реновирани се сите тоалети, а имаат и нова ограда. Недостига мрежа што треба да биде поставена на оградата која треба да го раздели училишниот двор од улицата што поминува покрај самото училиште.
Основното училиште „Св. Кирил и Методиј” е првото училиште во Македонија. Формирано во 1836 година како ќелијно училиште во рамки на црквата „Пресвета Богородица”.
Својата воспитно-образовна дејност ја спроведува континуирано 178 години. Во ова училиште учат 511 ученици, распределени во 29 паралеки а наставата се изведува во две смени. Функционира и дневниот престој и целодневната настава.
Училиштето го дотерале, ама покривот им е дотраен
Во училиштето „Страшо Пинџур” во општината Ѓорче Петров се на голема мака – дел од покривот е дотраен и се заканува да уништи се што досега е вложено во обновата.Тука учат, 608 ученици распределени во 29 паралелки.
Фотогалерија
Училиштето инаку, има уреден двор и убава спортска сала, безбедносни камери, а и чуварската служба. И ова училиште се наоѓа на прометна улица, па раководството во соработка со Советот на родители успеале кај надлежните во општина Ѓорче Петров да издејствуваат поставување на семафори и заштитна ограда која го дели училиштето од улицата.
„Работиме малку специфично од кога ги донесоа компјутерите кои се користат само во предметната настава. Поради тоа поголемите ученици учат само на горните катови и оние помалечките долу зашто тие си имаат свои лап-топи”, велат од училиштето.
Родителите со кои што разговараше Инбокс7 генерално се задоволни од условите во училиштето, но реагираат на тоа што веќе одамна платиле по околу 2.000 денари за униформи, а тие се уште не се купени.
„Плативме веднаш штом тоа го побараа од нас. Не за една туку за две униформи. Но, еве, се ближи полугодие, а децата и понатаму не ги добиле”, вели четириесет годишната Тања, мајка на петтооделенецот Антон.
Од раководтството на училиштето, пак, уверуваат дека и овој проблем брзо ќе биде надминат.
Уредник: Стојанка Митреска
Утре продолжение: Штедат на парно за да купат врати и да го сменат азбестниот кров