Денешна дата
23/06/2017

Над 40 училишта нема да презимат?!

Блокирани сметки, стари долгови, превработеност, нередовна исплата на блок дотациите од буџетот –училиштата се дават во долгови, а Министерството за образование ги упатува за помош во општините. За Инбокс 7 од ресорното министерство информираат дека им укажале на шест општини Кичево, Куманово, Ресен, Теарце, Зелениково и Пласница уште минатата година да преземат мерки за надминување на проблемите.

И барањата на општините за помош од државните стокови резерви завршиле неуспешно. Проблемот не е решен ниту во општината Кичево, која добила само една третина од бараната количина нафта.

opstina kicevo

Баравме 250 тони нафта, а од стоковите резерви добивме само 60, од нив 50 се за нафта за греење, а 10 за транспорт. До февруари нема да имаме проблеми со затоплувањето на просториите во двете основни и во двете средни училишта каде наставата беше во прекин пет недели “, објасни за Инбокс7, Емин Насуфи, портпаролот на општината.

И општината Куманово побарала од државните резерви нафта за затоплување на училиштата, но сè уште немаат одговор. Оттаму велат дека не знаат до кога ќе издржат, критична е ситуацијата во половина од училиштата. Ирена Илиевска, од општинскиот Сектор за финансиски прашања, за Инбокс 7 изјави дека училиштата имаат долгови од неплатени сметки за струја, нафта, дрва од пред 4-5 години, а општината одвојува средства од сопствениот буџет за да им ги подмири долговите.

 

Во општина Куманово има 17 основни и пет средни училишта, половина од нив, односно 10-12 училишта имаа проблеми со исклучена струја уште во септември месец. Склучивме спогодба со ЕВН за плаќање на долговите на рати. Многу тешко ќе ја поминеме зимата“, алармира Илиевска.

 

БЛОК ДОТАЦИИТЕ ЗА ОПШТИНИТЕ НИСКИ, ЗА МОН РАСТАТ

 

Додека општините сметаат дека блок дотациите што ги добиваат преку Министерството за образование и наука од државниот буџет се прениски за со нив да ги покријат своите трошоци, надлежните тврдат дека исплатените средствата секоја година растат.

mon

Износот на блок дотации кои министерството им ги префрла на општините секоја година се зголемува, а според Закон за средно и основно образование општината може да ја дополни добиената блок дотација со средства од сопствени извори, освен за плати за вработените во училиштата. Други извори кои ги користат општините се легати, завештанија, подароци и сл.“, се вели во дописот од Министерството за образование и наука до Инбокс7.

 

Се поставува прашањето, дали средствата од државниот буџет се ниски и дали општините имаат свои приоритети при нивната распределба.

Сите средства што им ги префрламе на сметка на училиштата извршителите ги земаат, бидејќи имаат блокирани сметки поради стари долгови за порано, струја, вода и други оперативни трошоци. Општина Кичево долгот за струја и вода за четирите училишта ќе го подмири до ноември. Потоа ќе бараме други извори, контактиравме и со училиштата да се изготват некои планови“, ги објаснува заложбите на општината, портпаролот Емин Насуфи.

 

Покрај ниските дотации, како еден од проблемите со кои се соочува општина Кичево е и преголемиот број вработени во училиштата, па оттука и голем дел од финансиите се одлеваат за исплата на плати. Општините со кои контактираше Инбокс 7 се едногласни дека вакви проблеми се појавуваат, бидејќи се ниски и нередовни средствата што ги добиваат од блок дотациите.

 

„Сега ни доцнат две дотации. Се случува до крајот на годината последната дотација воопшто и да не ја добиеме“, изјави Ирена Илиевска, од Секторот за финансиски прашање во општина Куманово.

 

Во надлежност на општината и на училиштето е планирањето на трошоците по буџетски ставки (плати и трошоци од категорија стоки и услуги каде спаѓа и затоплувањето). Училишниот одбор предлага финансиски план до Советот на општината и како што посочуваат од МОН, тие самостојно прават проценка за која намена треба да се потрошат парите, потоа за видот на потребните енергенси, за постапката за јавни набавки.

deca mrznat

Инаку, блок дотациите кои секоја општина ги прима од буџетот се распределуваат согласно Уредбата за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за основно и средно образование (Службен весник бр1/14). Критериумите во општината за распределба на средствата ги утврдува Советот на општината (Службен весник 133/14).

 

За Инбокс 7 од ресорното министерство информираат дека им укажале уште минатата година на шест општини да преземат мерки за надминување на проблемите. Но, наместо да се најде решение учениците губеа еден и пол месец настава во Кичево, откако нивните родители решија да не ги пуштат во ладни училници, а градоначалникот Фатмир Дехари изјави дека успеал да најде пари за огрев само за училиштата со учениците – Албанци. Како што пренесоа медиумите кога се врати од Швајцарија, тој рече дека познавал само луѓе од албанската дијаспора.

Пораката од министерот Абдулаќим Адеми беше дека градоначалниците се тие кои мора да вршат контрола врз работата на училиштата и за тоа како се трошат овие пари, затоа што се под нивна надлежност.

 

 Во РМ во надлежност на општините (80 општини и Градот Скопје) се 335 основни и 661 подрачно училиште, 10 основни музички училишта, 1 училиште за образование на возрасни и 91 средно училиште. Наставата се одвива во повеќе од 1.100 објекти и се затоплуваат околу 1,5 милиони метри квадратни.

 

ОД БУЏЕТОТ 14 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ОПШТИНСКИТЕ БЛОК ДОТАЦИИ

 

Општинските дотациите, кои од буџетот се исплаќаат месечно, се различни за секоја општина. Само за илустрација – една од најмалите општини Пласница за основно образование годинава добила 3.000.000 денари, што би значи 250.000 денари месечно, што е двојно помалку од минатата 2013 година. Пласница има 6.500 жители, а долговите се над половина милион евра. И таму минатата година поради проблеми со греењето наставата беше прекината.

 

 

Преглед на блок дотации по општини

 

општина Вкупна блок дотација Вкупно наменска дотација Блок дотации за образование (основно и средно)  Останато(денари)
Куманово 796.371.000               0 735.913.000 60.458.000
Кичево 374.357.000               0 362.883.000 11.474.000
Ресен 115.497.000               0 107.019.000   8.478.000
Теарце  96.705.000               0   96.705.000                0
Зелениково 25.133.000               0   25.133.000                0
Пласница                   0 3.000.000                   0                0

 

Во останато спаѓаат средства за култура, за детска заштита, домови за стари лица, пожарникари

 

 

Според финалната верзија на буџетот на Република Македонија за 2014 за блок дотации биле одвоени над 13 милиони и 900 илјади денари

 

НАФТА ОД СТОКОВИТЕ РЕЗЕРВИ УШТЕ ЕДНА ГОДИНА

Државните органи, јавните претпријатија, јавните установи и други правни лица и институции основани од државата што вршат дејност од јавен интерес, како и општините уште една година ќе имаат можност во кризни состојби да ги користат државните нафтени резерви.

Ова го предвидуваат последните предлог – измени на Законот за задолжителни нафтени резерви кој е доставен до Собранието да се донесе по итна постапка.

Според измените, наместо од 1 јануари 2015 година, Македонија oваа обврска што произлегува од усогласувањето на македонското со европското законодавство ја одложува до 1 јануари 2016 година. Според заклучок на Владата на Република Македонија од 11 ноември 2014 година, се предлага да се пролонгира стапувањето во сила на Законот за 12 месеци, односно по 1 јануари 2016 година да не биде дозволено отстапување на нафта и нафтени деривати.

Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)

stavrova@inbox7.mk