Денешна дата
28/01/2023

СТУДЕНТИ И РОДИТЕЛИ (ПЛЕНУМ ЗА ИДНИНАТА)

Студентите ја добија првата битка. Тие ја принудија власта да води дијалог, откако коалицијата напратито и паушално воведува државен испит, што би бил тест за обемот и квалитетот на високото образование. Одбија да бидат политички заморчиња, да ги третираат како деца – табула раса. Ги пробудија Владата и своите родители. Ги надминуваат стереотипите на поделено етничко општество, зашто со скопските ќе маршираат и студентите од албанскиот универзитетски камп. Уплашените професори и ректори останаа во скутот на материјалните сатисфакции од Владата на Груевски. Наместо да побараат да учествуваат или автономно да пронајдат критериуми за сопствена и за студентска евалуација, ректорските управи дозволија да глумат лудило – не ги знаеле и не ги добиле законските решенија!? Министерскиот пар од образованието, само до пред два месеци, јавно изјавуваше дека ќе има екстерно тестирање.

Екстерно или државен испит – како модел и не мора да се оспорува, како концепт. И така работниот век ги принудува дипломците на перманентно учење и адаптирање на пазарот на труд. Но и тоа се вградува во системот како палијативно гасење на пожарот по очигледното фијаско на моделот – сите на факултет, наместо во Агенциите за вработување. Сите. Како пред 40 децении кога на Правниот и на Економскиот факултет на УКИМ, предавања слушаа по 500 студенти, на клупи и на скали.

Политизацијата на дополнителните проверки за време на студискиот циклус, на допрашувањата во две етапи на студирањето, е нормален револт на младост притисната од стегите на партизираното општество, во кое книшката, а не индексот на првенците од генерациите, се CV за влез во администрацијата, судството, образованието, паркинзите, водоводот, шумите, банкарството, универзитетите…, па дури и во фабриките од слободните економски зони. Проблемот е во системот на централизираното управување во кое владејачката коалиција, директно атакува врз уставно загарантираната автономија на универзитетите. Таа инсистира на знаење како компетенција, но и тука е недоследна. За каков квалитет Премиерот се залага ако во обидите да ја смири страста на студентите, јавно им нуди компромис – полагајте колку сакате долго и по цена одвај да добиете 6 (шестка). Чуму тогаш тестирања, ако од нула треба да добиеш ништо?

И во светот има врвни „центри на памет“ што спроведуваат перманентни евалуации на стекнатите знаења кај студентите, но системот на вреднување не го прават државите, туку независни професорски тимови. Замислете кога во една од корпорациите со стотина илјади вработени низ цел свет, домицилната влада ќе ги пропишува правилата за континуирана обука и системот на вреднување во компаниите?

Една легитимна Влада на Македонија подеднакво ги опфаќа и интересите на опонентите, соросоидите, ЛГБ гласачите, критичарите и критизерите. Со методите подели па владеј, направена е политичка сегрегација. И затоа сите што не се со ВМРП-ДПМНЕ и со ДУИ, ноншалантно се обележуваат со предавничките атрибути – не си ја сакаат државата? Лидерскиот тандем Груевски – Ахмети ја изгубија смислата за комуникација со народот. Со протоколарните црвени панделки, градењето и пуштањето спортски игралишта, уѓум по селата без патишта, како оној во Никифорово за седум старци над 70 години, со спомен обележјата на паднатите борци на ОНА и на античките јунаци, замајувајќи со минатото, а не со иднината, со постојаната медиумска тортура во одбрана на некои ирационални партиски ветувања, владината коалиција го изиритира и го зголеми граѓанското и гласачкото незадоволство.

Студентите само храбро ја отворија вратата за критичка манифестација и отпор, наспроти конформизмот на интелектуалците, судиите, академиците и платениците во курирските новинарски кругови. Премиерот ќе покаже доблест ако на студентите им овозможи дебата, рамноправна, со своите професори и родители.

Во романот ТАТКОВЦИ И ДЕЦА, славниот руски романсиер и раскажувач, Иван С. Тургењев, со една реплика на главните јунаци го опишува судирот на нихилизмот и либерализмот во една Русија, која во 19 век беше разапната меѓу европеизмот и традиционализмот. Главниот лик Евгениј Бозаров, како нихелист и Павел Петрович, „човекот со предобро срце“, се во дијалог – што се подразбира под поимот аристократија и традиционални вредности?

Павел вознемирено вели: „Вие значи сѐ отфрлате? Добро. Значи вие верувате само во наука?“, а Бозаров рамнодушно одговара: „Јас веќе ви кажав дека во ништо не верувам и што е тоа наука…?

Обидот за насилно воведување на тестирањата е девалвација на ректорските управи, маргинализација на MАНУ во осмислувањето целосно нов образовен концепт со планирање на човечките ресурси за новите занимања и професии, со преиспитување на дисперзијата на факултетите. По девет години власт, ВМРО-ДПМНЕ ја носи одговорноста за дебаклот на актуелниот концепт на студирањето. Адвокатите на власта јавно говорат дека образованието на Универзитетите е купи ден, дека дипломите се продаваат. Колку до вчера магистратурите и докторатите се пишуваа, како аутсорсинг занимање на „професионални“ компилатори, преку јавно публикувани телефонски конекции за договори, која теза, колку странци и каков харвард систем на цитираната литература треба да се користи, често и без влијанието на библиографијата на „експертите“. И тие едукатори треба да се тестираат, не само нивните „клиенти“.

Студентите денес заслужуваат внимателно да се послушаат, затоа што се нова иднина. Родителите и актуелните политичари треба да ја научат лекцијата, особено партиските елити кои секој слободно мислечки го присвојува или го етикетира. Без оглед дали сдсмовците се осоколени, па немоќта за реанимација на своето гласачко тело ќе ја забошотат под чадорот на студентскиот марш. Или вмровците, кои опонентите, пред здолништата на жените, јадно ги предизвикуваат: „Толкави мажи, не се кријте зад децата, организирајте митинг!“

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)