Денешна дата
25/10/2020

ГРАЃАНИТЕ ОБЕСХРАБРЕНИ СУДСКИ ДА СЕ БОРАТ ЗА ПРАВДАТА

Судската власт веќе воопшто не е власт која што може да биде релевантен фактор во остварувањето и заштитата на човековите права од проста причина што секојдневно сме сведоци дека судската власт трпи влијание од извршната власт, велат експерти за човекови права. Четири години по донесувањето на Законот за заштита од дискриминација, ниту еден граѓанин не успеал да докаже дека е дискриминиран на работното место по основ на политичка припадност, иако секојдневно слушаме како луѓе остануваат без работа затоа што не припаѓаат на партиите на власт. Сосема идентична е состојбата и со процесите за мобинг. Закон имаме, а во пракса ниту една судска одлука.

Граѓаните најмногу преставки кај Народниот правобранител поднеле за правосудството – биле доставени 780 претставки во текот на 2014 година. Сепак, критиките од невладиниот сектор посочуваат дека Народниот правобранител според правото е независна институција, но го избира Собранието, по претходен договор на партиите на власт. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја има речиси истата позиција.

По слободен пристап до информации од јавен карактер, Инбокс7 доби одговор од Народниот правобранител дека во текот на 2014 година според бројот на поднесени претставки, граѓаните најчесто се жалат на правосудството, односно биле поднесени над 780 претставки. А, потоа рапидно опаѓа бројот на претставките, односно за прекршување на потрошувачките права имало над 420, за пречекорување на полициските овластувања 155, 78 за прекршени избирачки права.

Евиденцијата на oмбудсманот бележи само 59 случаи за дискриминација, а на дното на табелата се 10  случаи на повреда на правата на лицата со посебни потреби.

 

 

Претседателот на комисијата Душко Миновски, е државен советник на министерот за труд и социјална политика, од каде се обезбедува и целосниот буџет за функционирање на ова тело. Во ваква институционална поставеност битката на граѓаните за заштита на нивните  права сè почесто завршува пред Судот за човекови права во Стразбур.

 

ПОЛИТИЧКА ДИСКРИМИНАЦИЈА – 90% ОД СЛУЧАИТЕ ПОГУБНИ ЗА ЖРТВИТЕ

 

Според извештаите на Народниот правобранител политичката дикриминација е особено евидентна пред изборните и после изборните процеси. Како што лоцира македонскиот Хелсиншки комитет 90% од случаите завршуваат негативно по жртвите на оваа дикриминација, која народниот правобранител ја нарекува најсурова.

На пример во еден судски спор меѓу обичен граѓани и некој висок функционер, близок на власта, предметот обично завршува негативно за граѓанинот. Тоа е забележано не само кај политичката дискриминација, туку и во случаите на полициска бруталност и во сите случаи во кои што државата треба да одговори зошто дозволила да се случи таа повреда на правата на човекот“, изјави Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет.

 

Новинарите Љубиша Арсиќ и Жарко Настоски со поддршка на Хелсиншкиот комитет направија 30 минутен документарен филм насловен „Кон правдата“. Тие како автори на сторијата за политичка дискриминација се соочиле со реалноста во која граѓаните сериозно се исплашени јавно да зборуваат за неправдата.

Ljubisa Arsic

Љубиша Арсиќ: ниту еден граѓанин не успеал да докаже дека е дискриминиран на работното место по основ на политичка припадност

 

Од договорени осуммина граѓани кои требало да се појават во филмот само половината од нив застанале пред камерата.

Дури и за тие кои се охрабрија да зборуваат беше неопходно неколку дена нивните адвокати да ги натераат и да им објаснат дека нема да имаат последици затоа што и онака нема што да изгубат. Ние се фокусиравме да откриеме граѓани кои се сметаат за политички жртви, но кои имаат поднесено судски тужби, исклучиво вакви лица“, објаснуваат за Инбокс7 авторите.

 

Нивната опсервација на терен резултира со застрашувачки податоци.

Во Македонија, во која партиската припадност е пред сите вештини и искуство, каде партиската книшка е замена за диплома, има само 20-тина судски процеси покренати од политички дискриминирани граѓани. Уште пострашно, за овие четири години, колку што постои Законот за заштита од дискриминација, ниту еден граѓанин не успеал да докаже дека е дискриминиран на работното место по основ на политичка припадност, иако секојдневно слушаме како луѓе остануваат без работа затоа што не припаѓаат на партиите на власт“, вели новинарот Љубиша Арсиќ.

 

Прво, само малкумина се охрабруваат да поднесат тужба и судски да се изборат за правдата. Потоа, судовите наместо да застанат на страна на граѓаните – жртви, тие избираат да ги одбранат државните органи кои дискриминираат. Некако полесно им е на судовите да одлучат против граѓаните, отколку да се замеруваат со институциите, велат Арсиќ и Настоски. Потоа, Комисијата за заштита од дискриминација многу ретко утврдува политичка дискриминација затоа што самите членови во комисијата се вработени во државната администрација и практично се доведуваат во ситуација да одлучуваат против свои колеги, или уште пострашно, претпоставени. Во филмот се гледа дека и Уставниот суд е со ограничени надлежности во однос на ваквите случаи, а многу работа со вакви македонски предмети нема ниту Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Во моментов ако некој граѓанин е избркан од работа, или не успеал на конкурс за вработување, или пак не може да напредува во кариерата на работното место, и ако сето ова е заради политичката припадност, тогаш тешко дека ќе успее низ институциите на системот да го докаже тоа. Да не зборуваме колку време, нерви и пари се потребни. Така што на политичките жртви многу полесно им е да премолчат, да наведнат глава, да чекаат нов конкурс или нова власт, отколку да тргнат во патешествие кое однапред има извесен крај- дека државата е во право, а не граѓанинот“, го раскажува своето искуство новинарот Љубиша Арсиќ.

 

Пировска: И народниот правобранител не е независен

 

 

„Ние во РМ не се соочуваме со неефективност на една институција, ние се соочуваме со системски проблем. Ние не може веќе да зборуваме за независност на било која институција, кога знаеме дека постои потполна партизираност на системот. Ние, не можеме веќе да зборуваме ниту за поделба на власт, кога постои доминантна улога на извршната власт. Судската власт веќе воопшто не е власт која што може да биде окарактеризирана како релевантен фактор во остварувањето и заштитата на човековите права од проста причина што секојдневно сме сведоци дека судската власт трпи влијание од извршната власт. Оној момент кога ќе се прекрши правилото на презумција на невиност, кога има спектакуларно апсење од страна на МВР, тогаш извршната власт праќа јасна порака до судот каква одлука треба да биде донесена“, вели Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет.

Според неа, ниту Народниот правобранител, ниту Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се независни институции. „Народниот правобранител е избран по претходен договор на партиите на власт. Тој нема финансиска независност, која е многу важна. Во земјите со долга европска традиција велат: „Оној омбудсман која не е критикуван од власта е лош омбудсман, оној омбудсман кој што е сакан од страна власта е лош омбудсман“. Зашто не ја исполнува својата улога, а тој треба да биде коректор на власта“, вели Пировска.

Таа укажа и дека при носењето на Закон за заштита од дискриминација, пред четири години, е направен преврат во текстот на законот, во кој недостига дел за основна сексуална ориентација, особено значаен ако се има во предвид со кави притисоци се соочува ЛГБТ заедницата во Македонија.

 

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

 

Комисијата за заштита од дискриминација делува веќе четири години, во неа дејствуваат седум комесари избрани од Собранието, кои примаат месечен надомест од 40.000 денари, а располагаат со буџет од 3,5 милиони денари. Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски, во исто време е и државен советник на министерот за труд и социјална политика, под чиј патронат делува комисијата. Невладините организации реагираа што како член на комисијата е назначено лице- професорка по пијано без претходни познавања од областа дискриминација на човекови права. Ромската заедница реагира што ниту тие немаат свој претставник во комисијата.

 

Разрешница во корист на министер

 

Претставката за поранешниот министер Спиро Ристовски, поднесена до Комисијата за заштита од дискриминација, по неговата изјава дека децата може единствено да се воспитуваат и образуваат позитивно само во комплетни семејства, односно со мајка и татко, доби разрешница, во корист на министерот.

Тоа многу се одолговлечи, бидејќи освен снимката немавме други докази, требаше да земеме изјава од министерот тој беше премногу зафатен. Ние како Комисија кажавме дека нема дискриминација во изјавата на тогашниот министер, во која тој кажа дека децата може единствено да се воспитуваат и образуваат позитивно само во комплетни семејства. Тој многу се залагаше во својот мандат за детските права. Ристовски само кажа дека најдобрата средина е средината на мајка и на татко. Не е тоа дискриминација во однос на децата кои растат во дисфункционални семејства“, објаснува за Инбокс7, претседателот на комисијата, Душко Миновски.

 

Миновски најавува дека се неопходни промени во постоечкиот Закон за заштита од дискриминација, особено во делот на товарот на докажување, за да не остане тоа на терет на тужителот. Миновски посочи дека комисијата ќе предложи промени на законот во делот на формирање на т.н. секретаријат или стручна служба на комесарите, затоа што според постоечкото законско решение , комесарите покрај тоа што имаат други работни обврски заседаваат еднаш неделно според деловникот, но ги објавуваат и стручните, техничките и административните работи.

Мораме да примиме луѓе, особено правници, кои ќе одат на терен ќе ги прибавуваат доказите и кои ги знаат прописите. Буџетот е доста мал не се случува дискриминација само во Скопје, мораме да бидеме присутни на локално ниво“, оценува Миновски.

Во Комисијата за заштита од дискриминација најголем број претставки биле разгледувани за дискриминација врз етничка основа, политичка и по однос на пол. Оценуваат дека има проблем со анимирање на јавноста, бидејќи граѓаните не се добро информирани.

Можеби во јавната администрација си ги знаат повеќе правата што не е случај со приватниот сектор. Дискриминацијата е специфична повреда на човеково право, треба соодветни три елементи да се испочитуваат, да имаме основа во законот, да имаме неповолен третман и  компаратор “, вели Миновски.

 

Македонија беше пример, сега е на дното

 

Ромската заедница реагира што во Комисијата за заштита од дискриминација нема постојан член од нивната етничка припадност. На прашањето на Инбокс7, дали Македонија има основа да го прославува Светскиот ден на човековите права, Ашмет Елезовски, вели дека е тоа многу тешко прашање ако се земе предвид сиромаштијата, невработеноста, како и образованието, кое пак, претставува процес кој се спроведува, но младите кадри за жал заминуваат да живеат во странство во потрага по подобра иднина.

 

 

Болно во моментот е што Македонија е принудена од ЕУ, да спроведува селективна дискриминација кон Ромите по однос на правото на слободно движење, иако земјата е потписник на Женевската конвенција и на Универзалната декларација за слобода на движење. Но таа пракса за враќање на Ромите од граница и понатаму продолжува само врз основа на бојата. Се додека не се гледаме како граѓани на РМ дека сакаме да си помогнеме и понатаму ќе имаме ситуации кога одредени луѓе ќе си ги покажат своите „афинитетите“ за дискриминација кон одредени луѓе“, вели Елезовски, кој е претставник на Европскиот Ромски форум (ЕРТФ) во Стразбур.

Според него постојат голем број повреди на правата на Ромите. Има ситуации кога одредено лице за учество во тепачка е осудено на 12 години затвор, има ситуации кога за некоја мала кражба лице е осудено на 6 години, како и случаи кога е невозможно вработување на Ромите во приватниот сектор.

Комисијата за заштита од дискриминација е запозната со случаи кога се врши злоупотреба на лица со попреченост од страна на одредени приватни фирми кои ги користат бенефициите од државата. На крај никој од нив не може да ги оствари своите права, а и никој од надлежните не презема мерки, бидејќи се работи на процес на заштита на интересите на одреден круг луѓе“, оценува Елезовски.

Овој голем борец за човекови права истакнува дека Македонија пред неколку години можеше да се гордее со првиот буквар, со првите медиуми и многу други работи кои беа револуција за ромското движење во светот. Сега, вели, се наоѓаме некаде на дното, според почитувањето на правата на Ромите во Македонија дури заостануваме зад Бугарија и зад многу други земји кои беа поназад од нас.

Уредник: Стојанка Митреска

stavrova@inbox7.mk