Денешна дата
24/07/2017

По грешка му запленил цела куќа на штипјанец, а поминал неказнето

Извршител од Штип му одзел куќа од 270 метри квадратни на свој сограѓанин, иако во пресудата пишувало дека предмет на извршување треба да бидат само 135 метри квадратни од домот на должникот. Поради ова  штипјанецот поднел кривична пријава која обвинителството ја отфрлило како неоснована затоа што во пресудата никаде не пишувало дека куќата е на два ката, а на должникот требало да му биде одземен само еден. Ова е само еден пример, односно случај за неверување, во кој граѓанинот не успеал да ја докаже грешката на извршителот.

 

 

Граѓаните со тужби против извршителите, обвинителството ги отфрла     

 

 

Секојдневно низ земјава се продаваат десетици станови, ниви, автомобили, дури и од оние најлуксузните, запленети од задолжени граѓани кои не успеале на време да ги вратат долговите и да се спасат од мачна ситуација – извршител да им затропа на врата. Чести се и случаите кога  цели семејства се принудени да се иселат од своите домови, останувајќи буквално без ништо, на улица. Граѓаните, кои го доживеале ова ги признаваат сопствените грешки и ненавременото плаќање на долговите, но многу се жалат на односот на извршителите. Не можејќи да го издржат притисокот, тие сè повеќе се одлучуваат да поднесат кривични пријави против извршителите за кои сметаат дека ги прекршиле овластувањата, но обвинителството како по правило ги отфрла пријавите за злоупотреба на службената положба на извршителите како неосновани.

Од 106 поднесени кривични пријави од граѓани, во периодот од 2006 до 2013 година, обвинителството отфрлило 95 отсто или 101 кривична пријава против извршителите.

Најчесто тие завршуваат или со опомени или пак со парични казни. Така во периодот од 2011 година заклучно со август 2014 година само на подрачјето на Вишото јавно обвинителство во Штип против извршители биле поднесени 106 предлози за поведување дисциплинска постапка. Од нив, во последните две години на 16 извршители им била изречена јавна опомена, а 30 извршители биле казнети со парични казни.

mihajlo_manevski

Михајло Маневски

Поранешниот министер за правда Михајло Маневски во чиј мандат беше воведена извршителската функција вели дека овие бројки  покажуваат дека извршителите не грешеле многу во својата работа.

“Најголем број од изречените мерки се јавна опомена или парична казна што покажува дека станува збор за констатирани полесни видови на дисциплински повреди во работата”, смета Маневски.

Тој е дециден дека извршителот е должен да води сметка за достоинството на личноста на странките, на учесниците во постапката на извршување и на нивните семејствата и извршувањето да биде поповолно за должникот. Сепак, според него, и граѓаните мора да го имаат  предвид фактот дека кривичните пријави што ги поднесуваат мора да бидат основани.

“Странките кои се погодени од преземените мерки за извршување не ретко посегнуваат по поднесување на претставки или пријави за сторени кривични дела од страна на извршителот, независно од основаноста или неоснованоста за постоењето на кривичното дело. Тоа е повеќе како израз на револт и несогласување со постапката на извршителите”, смета Маневски.

 

Сиромаштијата расте, наплатата на долговите се намалува

 

Како што расте сиромаштијата така се трупаат предметите за наплата на долговите. Од Комората на извршители велат дека наплатата е во опаѓање. Во 2013 година извршителите успеале да наплатат близу 120 милиони евра или околу 36 отсто од вкупните долгови. Во првите девет месеци од 2014 година трендот на наплата опаднал и изнесува нешто повеќе од 33 отсто од долговите.

izvrsiteli

“Најслаба е наплатата во Кочани, Делчево, Виница и Берово, а најголем процент на реализација има во Скопје”, информираат од комората.

 

Според нивните податоци најмногу продадени недвижности (станови, ниви и друг имот) има во Скопје (2.090) исто како и најмногу (101) продадени подвижни ствари (автомобили, машини, алати и друго).

Во Кочани, Берово, Виница и Делчево пак заедно, продадени се 138 подвижни ствари и седум недвижнини. Најмногу пари биле земени од трансакциски сметки (5.992) на скопјани, а најмалку од сметки (374) на тетовчани.

 

Законот за извршување мора да се менува

 

Поранешниот прв човек на Вишото јавно обвинителство во Штип, Тодор Витларов објаснува дека проблемот лежи во правните празнини што постојат во Законот за извршување.

todor vitlarov

Тодор Витларов

“Најголем проблем има во запирањето на постапката за извршување. Според постоечкиот закон, извршителот не може да ја запре постапката за наплата на долгот иако во меѓувреме може да се случи доверителот да го повлекол барањето за извршување. Затоа сметам дека во зависност од дадената ситуација на извршителот треба да му се даде правото по службена должност да ги запира постапките”, вели Витларов.

 

Тој предупредува дека граѓаните мора да внимаваат кога поднесуваат кривични пријави, за што точно ќе ги тужат извршителите затоа што прифаќањето или отфрлањето на пријавата зависи од тоа како ќе биде квалификувано кривичното дело против извршителот.

Најчеста причина за поведување дисциплинска постапка е повредата при наплата на долг од трансакциска сметка кога на должникот наместо 1/3 му се задржува целата плата или пензија и со тоа му се блокира сметката во банка.

 

Според податоците на Комората на извршители, најголем број (25) од 106  кривичните пријави поднесени во периодот од 2006 година до 2013 година биле покренати во 2010 година. Во 2014 година само на подрачјето на Вишото јавно обвинителство во Штип биле пријавени 11 извршители, а за деветмина од нив кривичните пријави биле отфрлени како неосновани.

Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk