Денешна дата
23/06/2017

Гоце Делчев Тодев, Конфедерација на синдикални организации: Педесет илјади хонорарци ќе избегаат од земјава

На 22 декември се закажани протести против законот за хонорарците. Десетици синдикални организации здружени во Сојузот на синдикати на Македонија (ССНМ), синдикатите на вработените во управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ), здружението за социјална правда “Ленка” како и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) ќе го кренат гласот против новиот закон за хонорарците. По тој повод во интервју за Инбокс 7 разговараме со Гоце Делчев Тодев, главен координатор на КСОМ.

 

 

Г-дине Делчев Тодев, кажете ни која е целта и во кое својство се јавувате Вие на протестот?

 

Делчев Тодев: Целта е првично, сторнирање на законот. Да не почне неговата примена од 1.1.2015 година. Итно да се донесе било каква солуција, односно првите луѓе што ја водат Македонија итно да го сторнираат законот. Според наша проценка не само што ќе бидат опфатени 150.000 граѓани, туку 50.000, значи една третина од нив ќе треба да бараат карта повеќе за што поскоро да избегаат од оваа држава. Однапред знаеме дека нема да имаме успех. Не сум скептик, но знаеме како завршуваат барањата во оваа држава особено последните четири, пет години. Не сум против власта, но сум против некои законски решенија кои се донесуваат од страна на власта во моментов. И доколку не се отфрли овој закон, ние сме подготвени да вклучиме огромен број експерти за да се донесе ако ништо повеќе една варијанта со која ќе се балансира можноста за финансиско олеснување на граѓаните кои работат и живеат од хонорари.

Iskra i Goce Delcev

 

Деновиве сме сведоци на препукувања во медиумите за тоа кој сè организира протести, на кој начин се организираат тие. Оттука прашањето, како вие го замислувате протестот? Како ќе биде организиран?

 

Делчев Тодев: Сè она што е со добра цел, сè она што се вика организација на било каков протест, со што на господата кои што се во кабинетот на премиерот Никола Груевски да им стане јасно дека не може ад акта да ги отфрлаат тие документи. Затоа што тие мислат дека она што тие го замислиле и сакаат да го спроведат е најпаметното решение. Тоа е практично најиритирачкиот момент кој КСОМ го зема предвид. Ќе побараме министерот за труд и социјална политика итно да не прими на средба на која што ќе му се образложи сè она што го имаат испуштено и не го зеле предвид како дел од можноста за унапредување на граѓаните и воопшто на општеството со овој закон.

 

Велите дека не сте против плаќање на давачки кон државата, но дека сте против ваквиот начин на плаќање за оние што работат хонорарно. Зошто?

 

Делчев Тодев: Не може граѓаните кои што работат и кои што се ангажирани од газдите, сопствениците, па дури и од ресорни министерства да ги плаќаат давачките. Не може ресорното министерство да не ги плаќа давачките за оние што ги ангажирало, а работникот кој работи за хонорар да биде тој кој што треба да го плати износот од 19 отсто од вкупната сума за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување. Ние не сме за тоа да не се плаќа износот, туку тој да го плати работодавачот.

 

Има и други категории граѓани кои се незадоволни од ситуацијата во која се наоѓаат. Имате забелешки на Законот за работни односи во делот на начинот на синдикалното организирање? Неодамна имавте средба на КСОМ. За што разговаравте и какви заклучоци донесовте?

 

Делчев Тодев: Ќе направам мала корекција на вашето прашање. Законот е перфектен. Но, луѓето кои го спроведуваат, почнувајќи од министерот за труд и социјална политика, тие го кочат и не го спроведуваат законот. А, Законот за работни односи точно предвидува на кој начин се формира синдикална организација. Сето она што се бара од законот ние го имаме исполнето на хартија како услов. Го доставивме до министерството и еве две години чекаме за регистрација преку едношалтерскиот систем. Тоа е срамота. Му се обраќам на премиерот да обрати внимание на оние од Министерството за труд и социјална политика бидејќи Законот за работни односи во делот на синдикалното здружување не го почитуваат, го кршат. Дури и адвокатите кои што сакав да ги ангажирам за решавање на овој проблем велат, аман немојте да го тужиме министерството или Владата, затоа што знаеме како ќе завршите.

 

Да проговориме за тужбите што дел од вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР) ги поднесуваат против институцијата во која што работат. Зошто постои незадоволство кај дел од вработените во МВР?

 

Делчев Тодев: Пред седум години кога го формиравме Независниот синдикат на вработените во МВР, точно беше направено сиже на се она што се викаше почитување на членови кои го обврзуваа министерството. Да ги почитува правата на користење билети за превоз, за патни трошоци, за храна, за разлика во носење на униформата. Тие права не се почитуваа и крајот резултираше со испумпување на осум милиони евра. На крајот, министерството е тоа што губи. Наместо да се планираат пари за други прашања битни за безбедноста на Македонија, ние се занимаваме со тужби. Се доведовме во ситуација тие што бараа, тие што тужеа и тие што добија, истите тие да бидат како црни овци. Тие од одредени началници се бркаат како кучиња по одредени полициски станици. Ќе дојде момент кога ако не јас, тогаш луѓе кои се занимаваат со аналитика од овој тип, да не речам и Јавното обвинителство и организиран криминал , ќе треба да се позанимаваат што се случува во МВР.

 

Тоа се сериозни обвинувања. Имате ли докази за ова? Споменувате организиран криминал и работа за Јавното обвинителство?

 

Делчев Тодев: Од она што го имаме како бројки, ете на пример мојата добиена сума на пари е повеќе од 300.000 денари. За тие пари МВР платило камати, затезни камати, извршители, судски трошоци. И кога сето тоа ќе се собере по бројот на работници што тужеле, грубо се доаѓа до сума од осум милиони евра. Дали тоа го злоупотребил поединец или не, тоа е предмет за кој обвинителството веднаш треба да отпочне процес. Кој дозволил на барањата кои беа поднесени уште во 2007 година да има игнорантски однос.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk