СООПШТЕНИЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МИГРАНТИТЕ
Почитувани,
Денешниот ден 18 декември кој во светот се одбележува како Меѓународен ден на мигранти, е денот кога ние бранителите на човековите слободи и права посебно ја изразуваме нашата поддршка и солидарност со сите лица кои имаат статус на мигранти. Во време на воени конфликти и економски кризи, на кое сме денес сведоци, кога се зголемува бројот на мигранти, и воедно расте и дискриминацијата врз овие лица, повикуваме на почитување, толеранција, како и правичност во постапките кои се водат за овие лица без разлика на нивниот статус.
Имајќи предвид дека и во Република Македонија зголемен е бројот на илегални мигранти и баратели на азил, Народниот правобранител апелира до сите институции кон овие лица да се постапува хумано,односно да не им се ограничува правото на барање на азил, да им се обезбеди еднаква здравствена, психолошка и правна заштита, како и соодветно сместување и задржување со исполнување на бараните стандарди со посебна грижа кон децата и жените.
Истовремено, Народниот правобранител укажува на препораките на меѓународните тела за заштита на децата кои во интерес на децата бараат престојот да биде во соодветни услови, во кои ќе ја имаат соодветната социјална, медицинска и психолошка помош. Во оваа насока би ја потенцирал заложбата на Парламентарното собрание на Совет на Европа кое препорача да се спречи задржувањето и лишувањето од слобода на деца илегални мигранти, како и изнаоѓање на алтернативни модели за престој кои ќе бидат во насока на најдобриот интерес на децата. Истовремено би истакнал дека е потребно и почитување на меѓународните правила кои се однесуваат на жените, посебно на бремените жени, како и на жените кои дојат да не бидат задржувани. Доколку задржувањето сепак не може да се избегне, во тој случај треба да бидат земени предвид нивните специфични потреби.
Само со еднаков третман кон сите без разлика на нивниот статус ќе докажеме дека сме развиено, демократско и хумано општество, подготвено во секоја пригода да ги почитува правата на сите.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ
- ИНБОКС7 – ЗАТОА ШТО ВИСТИНАТА Е ЕДНА - 27/10/2018
- Европскабајканаместомелемна раната - 27/10/2018
- СВЕТЛО НА КРАЈОТ НА „ТУНЕЛОТ“ - 27/10/2018