Денешна дата
26/10/2020

Хонорарците на протест: „Даночниот рај се претвори во пекол“

Организаторите изјавија дека со новиот закон кој ќе стапи на сила од 1 јануари 2015 година, сиромашните ќе станат уште посиромашни, а протестот е единствен начин Владата да го слушне мислењето на хонорарците

Со симболично фрлање железни парички во дворот на зградата на Владата како и со извикување пароли „Не за државен рекет“, „Даночниот рај се претвори во пекол“, „Нема да ви плаќаме“ и „Намалете ги хонорарите на функционерите“, денеска во Скопје неколку илјади граѓани го изразија својот револт  поради новиот Закон за хонорарци кој ќе стапи на сила од 1 јануари 2015 година.
Организаторите изјавија дека со ваков закон сиромашните ќе станат уште посиромашни и дека протестот им е единствен начин Владата да го слушне нивното мислење.


Меѓу присутните на денешните протести имаше новинари, преведувачи, актери, филмски работници, вработени во невладиниот сектор, членови на неколку синдикати, левичарски движења.
Протестот го поддржа и Студентскиот пленум од каде што велат дека законските измени ќе бидат погубни и за студентите кои едвај врзуваат крај со крај токму со хонорарни ангажмани.
Од 1 јаунари 2015 година граѓаните кои се ангажирани со хонорарни договори ќе плаќаат 35 отсто од хонорарот за придонеси и даноци наместо сегашните 10 отсто. Овие 35 отсто за здравствено и за пензиско осигурување како и за персонален данок ќе ги плаќаат оние кои земаат хонорар од договор на дело или авторски договор над износот на минималната плата од 9.590 денари.
Ова нема да важи за пратениците, советниците, функционерите и за други носители на јавни функции, но и за професионалните спортисти, вештите лица, стечајните управници.

opetceska@inbox7.mk