Денешна дата
26/10/2020

Милосрдие за Јован, Кежо и Името… Синод

Дали ви кипти срдба од лицемерството на МПЦ и на Архиепископот Стефан. Можете да се јадосувате поради неговата папочна симбиоза со Премиерот Груевски и „рекетирањето“ на македонските бизнисмени да донираат и шестбројни суми, по којзнае кој пат, за изградба на православниот храм во Скопје, додека поповите се луксузираат со своите имоти и со хедонистичкото однесување.

Оваа власт одамна ја приватизираше клучната уставна одредба за секуларна држава Македонија, прокламирајќи го верскиот патриотизам до рамниште на православен фундаментализам и како успешен стимулатор за гладијаторската делба на паствата – на вмровци контра сите други.

Воведени се двојни, дневни политичко-социјални аршини во кохабитацијата на различните верски заедници во Македонија, поттикнување ривалитет, пред сè, недовербата, на пример, кон ИВЗ. Зашто, ако не е така, би можело да се очекува, Груевски да биде фронтмен и кај донација на бизнисмените Албанци кои собираат(ле) средства за реставрација на џамиите или за изградба на нови светилишта на Исламот?! Така би било кога имате Премиер на мултиетничка коалиција. Но, тоа не е моментално.

И наместо да се сврти кон црковните работи, дел од свештеничкиот врв се обиде да го внесе „клерикализмот“ како модел на управување со МПЦ.

Охридската патријаршија е вековно признаена, таа има и актуелен печат од домашниот и од прекуокеанскиот верник. Народот е приврзан кон својата црква, но дали и МПЦ му е лојална? Ако не се празниците, нема многу луѓе на неделните проповеди. Манастирите се без обновени монашки редови, што е основа за црковната динамика. Почна и заминувањето на замоштените монаси, се празнат манастирите од искусни и од образовани игуменки и монаси.

„Монасите се авторитативни бранители на Православната црква… Со векови црквата оддаваше впечаток на залепеност кон минатото, станувајќи индиферентна кон оптимистичкиот хуманизам…“, читаме во „Св. Григорије Палама и православната мистика“, од Јован Мајендроф.

И одеднаш, јавно соопштение – признание и самопокајание?!

Македонската православна црква – Охридска архиепископија од властите побара, заради повисоки цели, милост за затворениот поранешен митрополит Јован Вранишковски. Во соопштението, по вонредната седница на Светиот архиерејски синод (САС), се наведува дека МПЦ-ОА, ја прифатила иницијативата на Руската православна црква да даде придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква.

 

Сега е клучниот момент да се престане со молчење за критичарскиот и за атеистичкиот гнев кон одделни конзервативни владици кои заедно со новинарските тутурутки, направија кариера врз досието на „Расколникот“, а од владиката Јован Вранишковски маченик. Со неговото репринтирано досие, медиумските експозитури на Синодот „заслужено“ отпатуваа на престижни дописнички места низ светот.

Покрај сите досегашни критики, Синодот на МПЦ станува актер на крупни отворања во сите општествени пори. Тоа е порака за промовирање и на внатрешната општествена и политичка толеранција, наместо агресија на власта, за почитување на индивидуата и правото на своја слобода. Наместо…

„Кривоклетството што донесува големи несреќи, кога кривоклетникот се предава во власт на злите духови. Вистината се обелоденува и се дознава… Клетвопрестапништво е кога не ја исполнуваме справедливоста и законската заклетва, испишал д-р Ратомир Гроздановски во Декалог, толкување на Десетте заповеди.

Претседателот Иванов го има жезлото првпат да стане Државник, и да си врати дел од демократскиот карактер на своите професорски денови. Аболицијата за владиката Вранишковски, што вон институционално ја бара Синодот на МПЦ, во име на „повисоките цели и интереси“, ќе мора да го опфати и новинарот Кежаровски. Не помалку значни и возвишени се највисоките цели на слободата на зборот и мислата, на ослободување на новинарството од постојаните закани, со диригираните и репринтирани прогонски текстови од курирските јата. Можеби вистинското „помилување“ ќе го направат (или можеби го сториле) барем малку поосоколените судии, професионалци во апелација. Ослободителна пресуда бараат верниците на новинарската професија, со апелите од дома и од странство. Таа не е помалку масовна и вредна од милосрдието, што како возвишен гест на толеранција го покажува Синодот на МПЦ, кон довчерашниот „расколник“ Јован.

Синодот бара милосрдие, волшебниот и златоустен израз за карактерот на великодушноста. Стартува нова динамична етапа на Екуменизам, современото настојување на помирување и зближување, единство на христијанските цркви и верници.

Поглаварот на МПЦ, еден од најзакоравените бранители на патриотската политика на Премиерот во одбрана на македонскиот идентитет, покажува способност за мудри одлуки на компромис. Тие отсега ќе бидат товар за Груевски во одбрана на статичната преговарчка политика за спорот околу името. Дали одлуките за решение на разликите со Грција околу името и црковните спор МПЦ-СПЦ ќе коинцидираат во 2016 година и вселенскиот собор? Зарем мислите дека е случајна промоцијата на добрососедстово, како приоритет на македонската дипломатија за 2015 година, за што говори министерот Поповски?

Познато е дека Вартоломеј, вселенскиот водач на Цариградскиот православен трон е Грк. Нему на нозе му отиде и поглаварот на Католичката црква. Патријархот и Папата, неодамна во Истанбул, отворија страници на ново помирување кај христијанските цркви.

Синодот од македонските владици ги прифати аберите од шатл-црковната дипломатија на влијателниот Владика Иларион. Него го дочека и го придружуваше рускиот амбасадор во Македонија, како гласоговорници на моќниот руски тандем Претседател и Патријархот на Црквата. Рускиот владика го примија Иванов и Груевски кои отсега се исправени пред разрешување на енигмата „разумен компромис е разумен компромис“. Каков и кога? Какви се неговите возвишени цели и интереси?

Се промовира речник на компромис, како принцип на микро план, израз на толеранција наместо ароганција, на почитување, наместо узурпирање. Тоа е истовремено почитување на начелата на меѓународната политика. На повидок е изградба на регионална макро платформа, чиј статички столб е обединување на христијанството. Тоа не кореспондира со локално-патриотската политика на Премиерот Груевски.

Гласоговорникот од Москва, Иларион, немаше само црковна мисија. Влијателниот владика е предвесник на новите современи облици на враќање на руското влијание меѓу „словенските браќа на Балканот“. Тоа ја разбива и последната одбрана на властите во Скопје дека Русија би била стратешки партнер во одбрана на веќе признаеното уставно име на Македонија, наспроти „непријателите“ во Вашингтон и во Берлин. Но, тешките одлуки на компромиси паѓаат врз грбот на актуелните политички избраници. Тие за тоа и добиваат мандат од електоратот. Би било кардинална грешка доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо државнички одлуки и одговорност за нив, отсега ја истури Црквата и свештенството како „олеснители“ во создавањето амбиент низ јавно притаено пропагирање компромис или формула околу името.

Одлуката на Синодот на МПЦ за милосрдие кон Вранишковски, бранејќи го со возвишените цели и интереси во преговорите со СПЦ, ја пробива последната „мажино линија“ поставена за партиско-медиумска одбрана на името. Таа беше куса, од „Илинденска“ до кафулето на Аминта Трети, но доволно долго Македонија ја држи изолирана во нејзината, нашата идентитетска самодоволност.

На овие простори, Тито еднаш веќе ја потроши политиката на неврзаност, ни Запад ни Исток. Тоа го капитализираше со дотогаш најбрзото задолжување од преку 13 милијарди долари за една декада. Уште толку потоа траеше неговата федерација. Запад ги истури милијардите, најевтиниот начин за пропагање на една економија и мала и несолвентна држава.

Груевски има обврска да скрои нова македонска приказна. Додека Запад не дојде по наплата.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

 

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)