Денешна дата
26/11/2020

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Во пресрет на уште една измена на Законот за високото образование, петнаесетта по ред за само шест години, се повторува „процедурата“ од 2008 година кога беше донесен овој Закон. Без суштинска дебата со чинителите во високото образование, без наша консултација и дури и без анализа на состојбите, се воведуваа законски реформи не по сила на аргументите, туку како резултат на произволна политичка моќ. Ако во изминатите години гласот на професорите се одбиваше од ѕидот на власта, а нашите предлози се отфрлаа без должно внимание, сега за првпат пред Вас стоиме солидарно со нашите студенти. Иако ѕидот е сега повисок од кога било порано, правиме обид да Ве предупредиме јавно и Вас и целата македонска јавност дека наближува мигот во кој ќе го заковате последниот клинец во мртовечкиот ковчег на автономијата на универзитетот!

Во ситуација кога официјалните Студентски парламенти стојат занемено пред ликот на Моќта и кога заборавија на својата основна функција да го претставуваат интересот на студентите, се појави алтернативно движење – Студентскиот пленум – во кое спонтано се здружија студентите од сите универзитети, од сите етнички и верски групи, легитимирајќи се единствено со она што ги обединува – индексот и статусот на студенти. Веќе цел месец, со серија дејства и настани (од консултации, трибини, општење преку медиумите и масовни протести) се обидуваат да го урнат Вашиот ѕид на молк и игнорирање. Наместо одговор, тие се соочија со етикетирање и дисквалификации, заедно со дел од нас, професорите, кои надлежните ги квалификуваат како „структури“.

Тргнувајќи од фактот дека Универзитетот е заедничкиот дом на студентите и професорите, а дека академската заедница не ја сочинуваат само професори (уште помалку деканати и ректорати), туку и студентите, ние долупотпишаните одлучивме да чекориме заедно во битката за нашите академски права, слободи и интегритет. Ова отворено писмо е израз на нашата индигнација и протест. Ова е нашиот (де)марш до институциите, кои не само што не нé испочитуваа додека расправавме во нашите колегиуми и наставнички совети во врска со концептот и предлог законите, туку, и без да се дочекаат нашите официјални одговори, нe понижија пред ТВ камери во обид да нe соочат со политика на свршен чин.

Ве уверуваме дека наспроти сите обиди во јавноста да бидеме дискредитирани и прикажани како корумпирани, неспособни и неодговорни, нашата мисија отсекогаш била и останува квалитетот на високото образование. Повеќепати сме укажувале на проблемите со кои се соочуваме, како и на потребата од радикална реформа, реформа од корен, во која ќе се дојде до сосема нов законски текст и до преиспитување на Вашата политика на хиперпродукција на универзитети и факултети, кои не ги задоволуваат минималните услови за вршење на дејноста. Тие не само што се погубни за целината на високото образование, туку и создаваат нелојална конкуренција и доведуваат до беспоштедна комерцијализација на високото образование.

Какви и да се решенијата, опоменуваме дека автономијата на универзитетот е уставен принцип, темелна вредност и conditio sine qua non за квалитетното високо образование, неопходно за развој на Република Македонија како европска земја на знаење. Најодговорно тврдиме дека државниот испит не е „лекот“ за болестите од кои страда високото образование! Ваквиот државен интервенционизам во автономијата на универзитетот е знак на непочитување, непризнавање и потценување на сопствената национална академска заедница, нешто што ниту една власт во светот не би го направила доколку држи до националните вредности. Ова е директен удар врз уставно загарантираната слобода на образование, бидејќи државата одлучува кој може да дојде до диплома, а кој не е способен за тоа – и така го супституира универзитетот во етатистички манир. Доколку е високото образование неквалитетно и студентите не располагаат со потребните знаења, треба да се бараат причините, а не да се залечуваат последиците. Со најновите законски решенија, кои го надминуваат прашањето за државниот испит, Вие го укинавте универзитетот како таков.

Одбиваме да бидеме ставени во ист кош со оние што можеби навистина не се достојни за мисијата универзитетски професор. Бараме реформи, но и отворен и искрен дијалог во кој ќе проговориме за сите чинители кои довеле до нивото на кое денес се наоѓа високото образование и состојбата во која е невозможно во инфлацијата на дипломи (вклучително магистерски и докторски) да се утврди нивната вистинска вредност и да се диференцираат сјајните кадри од просечните или дури и потпросечните.

Подготвени до крај да (оп)стоиме заедно со нашите студенти, апелираме да ја прекинете започнатата постапката за измена на законот. Доколку се оглушите на овие укажувања, сметајте на силен отпор во академската заедница и на соочување со сите негови академски и граѓански облици. VIVAT ACADEMIA!!!

Мирослава Момирска Марјановиќ, професор во пензија

Ѓорѓи Марјановиќ, професор во пензија

Венко Андоновски, професор

Земри Елези, професор

Билјана Ванковска, професор

Катерина Колозова, професор

Катица Ќулафкова, професор во пензија

Гордана Попсимонова, професор

Игор Јованоски, асистент

Артан Садику, асистент

Огнен Чемерски, асистент

Гордана Силјановска Давкова, професор

Јасна Котеска, професор

Маја Бојаџиевска, професор

Слободан Унковски, професор во пензија

Сефер Тахири, доцент

Наде Проева, професор во пензија

Милева Ѓуровска, професор

Гоце Смилевски, доцент

Никос Чаусидис, професор

Гордан Калајџиев, професор

Томе Николоски, професор во пензија

Мартин Панчевски, професор во пензија

Звонко Никодиновски, професор

Трајче Стојанов, доцент

Дана Прелиќ, професор

Маја Мухиќ, професор

Богдан Богданов, професор

Лидија Капушевска Дракулевска, професор

Симона Груевска-Маџоска, професор

Елка Јачева Улчар, професор

Радица Никодиновска, професор

Небојша Вилиќ, професор

Елјеса Касо, професор

Зоран Анчевски, професор

Жанета Трајковска, доцент

Јасмина Делчева Диздаревиќ, професор

Воjислав Саракински, доцент

Хасан Јашари, професор

Румена Бужаровска, доцент

Елизабета Шелева, професор

Антоанела Петковска, професор

Константин Миновски, професор

Дона Колар-Панов, професор

Невзати Кренаре, професор

Грчев Александар, професор

Македонка Митрова, професор

Маја Стевановиќ, професор

Темелко Ристевски, професор

Искра Пановска-Димкова, професор

Марија Ѓорѓиева Димова, професор

Оливер Зајков, професор

Владимир Радевски, професор

Катерина Велјановска, професор

Димитар Апасиев, асистент

Ана Крстевска, асистент

Ристо Солунчев, доцент

Светлана Камџијаш, професор

Ружица Манојловиќ, професор

Наташа Англоска Галевска, професор

Сретен Андонов, професор

Татјана Прентовиќ, професор

Љубица Костовска, професор

Владимир Борозанов, професор во пензија

Анастасија Ѓурчинова, професор

Елисавета Поповска, професор

Здравко Левков, професор

Здравко Савевски, професор

Владимир Каранаков, професор

Методија Атансовски, професор

Марија Маџар-Рибар, асистент

Марија Пандевска, професор

Тодор Ношпал, професор

Лилјана Пановска, професор

Весна Мојсова, професор

Сузана Арбутина, асистент

Милица Ристовска, професор

Лидија Танушевска, доцент

Наташа Аврамовска, професор

Куштрим Бектеши, асистент

Синоличка Трпкова, професор

Валентина Миронска-Христовска, професор

Лидија Дракулевска, професор

Роза Тасевска, професор

Ангелина Бановиќ-Марковска, професор

Илија Илов, професор

Сергеј Цветковски, доцент

Марина Тунева, предавач

Горан Зенделовски, доцент

Руска Ивановска-Наскова, доцент

Ивица Милевски, професор

Снежана Трпевска, доцент

Татјана Улчар-Ставрова, професор во пензија

Тања Милошевска, доцент

Викторија Боровска, доцент

Ана Пејчинова, доцент

Јордан Шишовски, доцент

Зоран Здравковски, професор

Милица Миркуловска, професор

Станко Павлески, професор

Михаил Раду Атанасов, лектор

Емилија Црвенковска, професор

Слободанка Стевчевска, професор

Славица Србиновска, професор

Мери Каранфиловска, научен соработник

Магдалена Симионска, надворешен соработник

Марија Цветковска, библиотекарка

Лина Данова, предавач

Зоран Велковски, професор

Игор Мицевски, предавач

Татјана Ефтимовска, предавач