Денешна дата
26/11/2020

Експресен пат кон долгорочни проблеми во Источна Македонија

Наместо автопат, од Штип до Кочани, како што е препорачано со студијата за изградба на автопат, владата одлучува да гради Експресен пат (проширување на постоечкиот пат) без при тоа да изработи проект. Тоа проширување на постоечкиот пат (експресен пат) со по 2 ленти од 2 метри ќе чини околу 56 милиони евра, а цел автопат со 6 ленти и 19 метри асфалт ќе чини околу 70 милиони евра

автор: Горан Лефков

 

Проектот експресен пат во Источна Македонија од 23 милиони евра, како што вети владејачката партија на последните избори, поскапе на 56 милиони, но не за автопат, туку за проширување на постоечкиот кој би требало да стане Експресен пат. Студијата на една германска компанија, пак, покажува дека автопат ќе чини 70 милиони евра. Жителите на околните места се во паника за својата безбедност.

 

„Овде е и патот Штип – Кочани. Со реконструкцијата на овој пат на ниво на експресен пат, брзината на движење од сегашните 50-70 км/час ќе се зголеми, ќе се изврши реконструкција и проширување на постојната ширина на коловозот во должина од 26 км. Трасата започнува од Штип, продолжува меѓу неколку населени места и завршува во Кочани. Ова е инвестиција вредна 23 милиони евра“, ова е решението кое ВМРО-ДПМНЕ и го пласираше на околу 200.000 граѓани на Источна Македонија на последните избори во својата програма „Проверено“.

За појаснување експресниот пат е двонасочен пат со по 2 ленти од по 3,5 метри за возење во двете насоки, и по една лента од 2,45 метри од двете страни за застанување.

Ова истражување ќе покаже дека овој проект е далеку од „проверен“ од неколку аспекти.

Најважно е тоа што проширувањето на патот Штип Кочани нема да чини 23 милиони евра. СКУП се обрати до Агенцијата за државни патишта да одговорат од каде во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е објавено дека експресниот пат ќе чини 23 милиони евра. Досега неофицијално од оваа Агенција ни посочија дека се работи на пресметките за овој пат и дека не можат да кажат колку ќе чини.

Анонимни извори од Агенцијата за државни патишта, за СКУП велат дека не знаат од каде во програмата на ВМРО-ДПМНЕ излезе дека овој пат ќе чини 23 милиони евра.

Колкава ќе биде крајната сума на Експресниот пат, не знаат ниту во Европската банка од каде е подигнат заем од 160 милиони евра за изградба на автопат од Струга до Требеништа, експресен пат Охрид-Пештани, рехабилитација на 10 километри од патот Прилеп –Градско и за експресен пат Штип- Кочани. За подетални информации не упатија на Агенцијата за државни патишта.

На Јавната расправа во селото Облешево од септември годинава се споменаа цифри поголеми од 40 милиони евра.

patokaz

Во прилог на кочанската телевизија Канал 8 во кој изјава дава заменик директорот на Агенцијата за државни патишта Александар Стојанов се споменува дека делницата ќе чини 56 милиони евра, што е двојно повеќе од парите што се наведени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Многу пари за малку работа

 

За истата делница, „Диви Македонија“, фирма подружница на германската компанија „Диви Интернешнл“, изготви физибилити студија за автопат, во која за истата делница процени дека ќе чини од 70 до 80 милиони евра.

СКУП направи пресметка колку ќе чини секој дополнителен метар квадратен асфалт, односно што ќе добијат граѓаните на Источна Македонија за парите што ќе се вложат. Во табела 1 се претставени двете опции експресен пат и автопат во должина од 26 километри колку што е наведено во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Во табелата јасно се гледа дека секој дополнителен метар квадратен асфалтна површина кај експресниот пат ќе ја чини државата 490 евра по квадрат додека за автопат, граѓаните на Македонија ќе издвојат по 150 евра по квадрат.

Многу е нелогична одлуката на Владата и на Агенцијата за државни патишта со 56 милиони евра да се гради експресен пат со дополнитални 2 ленти, а со 70 милиони евра може да се гради автопат, вели Стојче Самарџиски економист од Штип.

 

Ова одлука нема никаква економска логика. За 75 милиони евра ќе имаме 6 ленти со вкупна широчина од 19 метри, мислам на автопат и плус постоечкиот магистрален пат. Од друга страна за 56 милиони евра ќе имаме експресен пат ( постоечкиот плус дополнителни по две ленти од страната за застанување од по 2,5 метри вкупно 5 метри)“, вели Самарџиски.

Тој додава дека е нелогично што за 75 милиони евра ќе имаме два објекти кон Кочани, едниот ќе биде сегашниот магистрален пат, а вториот ќе биде автопат кој ќе се поврзува со новиот пат од Миладиновци за Штип што го гради Агенцијата за државни патишта. Додека со предлогот на Владата, за 56 милиони евра, ќе имаме еден проблематичен објект кој ќе се гради со многу нервоза, бидејќи сообраќајот ќе се пренасочува. Доколку се гради автопат овие проблеми ќе ги немаме, вели Самарџиски.

За Сашко Стефановски, професор по географија, кој е заинтересиран за поврзување на Кочани со квалитетна сообраќајна врска, експресниот пат ќе биде „крај“ за Источна Македонија.

Додавањето на два метри асфалт од страната е само мачкање на очи. Тие два метри ќе отворат само проблеми на овој регион. Тој експресен пат ќе биде крај за Кочани, Виница, Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица“, додава Стефановски.

Тој додава дека доколку се изгради експресен пат, во наредните 50 години Кочани и регионот нема да видат дополнителни инвестиции во патната инфраструктура.

 

Експресниот пат ќе ја уништи водната инфраструктура на ХС Брегалница

 

Покрај Експресниот пат Штип Кочани има канали за одводнување и бетонски канали и вади за наводнување. Со експресниот пат оваа инфраструктура ќе биде затрупана и ќе мора да се прави нова. За директорот на ВП Брегалница Кочани, Зоран Беличев, Агенцијата за државни патишта мора да ја оспособи оваа инфраструктура.

„Нема да дадеме согласност на Агенцијата да ги изместува нашите канавки, канали и вади, доколку не си најде соодветно решение, тие пак да бидат во функција“, дециден е Беличев.

Тој додава дека изместувањето на инфраструктурата на ХС Брегалница покрај сегашниот пат А3 (иден експресен пат од Штип до Кочани), воопшто не е едноставна работа.

Канавките за наводнување треба да се постават по изохипси, односно тие треба да поминуваат по највисоките точки на територијата што ја наводнуваат, додека за каналите за одводнување треба да минуваат по најниските точки. За ова да се направи треба да се изготви целосен проект за преместување на оваа инфраструктура.

50-годишниот земјоделец од селото Чешиново Сане Јованов, вели дека со каналите за наводнување може полесно да излезат на крај, но со каналите за одводнување ќе има многу проблеми. Тој потсетува дека  сите села во кочанската котлина како Чешиново, Уљарци, Чифлик, Облешево, Долни Подлог, Мојанци и Грдовци може да бидат поплавувани ако нема соодветен систем за одводнување.

 

Селото Облешево ќе биде „топовско месо“ на експресниот пат

grobista

На овие гробишта почиваат телата на повеќе од 60 жители на селото Облешево, кои се загинати во сообраќајни несреќи на патот Штип-Кочани

 

 

Облешево е обвиено во страв и незнаење за експресниот пат. Многу жители се плашат како во иднина ќе се одвива сообраќајот во нивното село. Ова населено место можеби има најмногу жртви во земјава од сообраќајки. Според сеќавањата на жители на ова село, досега над 60 луѓе од селото загинале на овој магистрален пат.

„Сеуште се свежи сеќавањата кога две девојчиња од селото беа прегазени истовремено на овој пат. Моравме да штрајкуваме за да ни стават заштитна ограда околу патот“, вели 40-годишен жител на ова село.

Неговите стравувања се дека експресниот пат што им го подготвува Агенцијата за државни патишта ќе ги зголеми ризиците за сообраќајни незгоди во ова село.

Според кажувањата на проектантите на јавната расправа во ова село од 30 септември, околу селото не е предвидена обиколница. До селото, ќе има две ленти за застанување од страните, додека во селото ќе биде само постоечкиот пат. Сегашната брзина на патот од 80 километри на час ќе биде зголемена на 100 километри и таа брзина ќе важи до пред селото. Возачите во самото село ќе мора да намалат на 50 километри на час.

Ова влева многу сомнежи кај жителите на селото.

„Сегашната дозволена брзина пред селото е 80 километри на час, ретко кој возач ја намалува брзината на 50 километри на час. Можам да замислам што ќе се случи кога дозволената брзина ќе биде 100 километри на час. На 2-3 километри пред селото и исто толку после селото е рамно, и ќе се вози многу брзо. Се плашам дека ќе не газат како жаби“, вели 39 годишниот Горан.

Тој додава дека полицијата постојано треба да има по 2 пункта на влезот и на излезот од селото за да не бидат газени од автомобилите.

Од Агенцијата за државни патишта не одговорија како ќе го решат проблемот со селото Облешево и дали ќе има обиколница околу него. Ја прашавме и Европската банка за обнова и развој, во врска со овој проект, но од таму не упатија на одговор во Агенцијата за државни патишта.

 

Земјоделската механизација и во иднина на патот

 

Опасноста да се најдат земјоделски машини на патот е голема. Од Агенцијата за државни патишта предвидуваат изградба на два тампонирани патишта од по 3,5 метри од двете страни на експресниот пат. Овие ленти ќе бидат наменети за движење на земјоделските возила, но проблемот е што со експресниот пат се предвидува затворање на локалните патчиња што водат до нивите во селата Чифлик и Уљарци. Тие треба да возат и по неколку километри околу патот за да стигнат до своите ниви.

„Не знам како ќе биде со експресниот пат. Но, ако нема мост кај селото Чифлик никој нема да вози по 4 километри во едниот правец и 4 во другиот и обратно за да стигне до својата нива. Сите тие трактори и комбајни пак ќе минуваат неосветлени ноќе преку експресниот пат како што е сега со магистралниот“, вели жител од селото Чифлик.

Тој очекува дека во поглед на безбедноста во сообраќајот со експресниот пат, условите ќе се влошат.

Подобрување на условите за движење со експресниот пат не очекува и 35 годишниот Стојан од Кочанско.

„Агенцијата за патишта ќе изгради тампонски патишта, покрај експресниот пат, но во кочанскиот дел на патот има неколку мочурливи подрачја, баш годинава покрај магистралниот пат пропадна цел комбајн, ќе пропадне и тампонот, и тракторите повторно ќе бидат на магистралниот односно во иднина на експресниот пат“, вели Стојан.

Тој се плаши дека експресниот пат не е соодветен за условите на теренот и дека наместо да го растовари сообраќајот, тој ќе биде „кланица“.

 

Претекнувањето е ризично

Photo0400

 

Претекнувањето на експресниот пат е симптоматично се плашат познавачите на сообраќајните прилики во Кочани.

„Кривините ќе бидат исправени, вдлабнатините ќе бидат порамнети. На патот ќе биде дозволено да се вози 100, а возачите ќе практикуваат да возат и до 130 километри на час. На патот ќе има камиони кои ќе возат по 40 километри на час. Ќе има многу престигнувања. Се сомневам дека ќе има многу дирекни судири бидејќи сообраќајот ќе се одвива двонасочно и само во 2 ленти. Не сакам ниту да помислам што ќе им се случи на патниците и возачите во директен судир, ако и двете возила се движат со над 100 километри на час“, вели инструктор за возење од Кочани кој сакаше да остане анонимен.

Тој го минува патот Штип – Кочани по неколку пати дневно со своите кандидати.

Според заменик директорот на Агенцијата за државни патишта, Александар Стојанов, новите две асфалтни ленти ќе биле во функција на претекнувањето. „Лентите за застанување ќе можат да се искористат, поспорите возила да се тргнат настрана кога ќе дојде до пристигнување“, изјави Стојанов за кочанската телевизија Канал 8.

Но, од Агенцијата за државни патишта не одговорија дали со тоа што спорите возила ќе се повлечат на лентата за застанување, не прават сообраќаен прекршок? На јавната расправа задолжените за проектирање на патот не одговорија дали со ова изјава заменик директорот не ги повикува возачите да ги прекршуваат собраќајните правила уште пред да биде изграден патот?

Неодговорено, од страна на Агенцијата за државни патишта, остана и прашањето, дали дополнителната лента од 2,45 метри ќе биде само лента за застанување на спорите возила или лента за застанување и потргнување на камионите, како што рече заменик директорот на Агенцијата за државни патишта?

 

Експресниот пат ќе биде претесен 3-4 години по изградбата

 

Според студијата за автопатско решение на Диви Македонија, делницата од Кочани до Штип, за 4-5 години ќе има доволно сообраќај за автопат во полн профил, односно 12.000 возила, просечно дневно (ПГДС). Тоа значи дека по само 4 години откако ќе биде изграден експресниот пат, тој ќе биде претесен да ги прими сите возила кои ќе се движат по него.

Кочанчани сметаат дека владата не размислува долгорочно за развој на овој регион. За 33 годишниот Зоран Л, Владата треба да го планира долгорочниот развој на регионот, а не да гледа само за наредните 2-3 години.

„Најдолгорочен проект на ова влада е до следните избори. Тие не мислат дека градежните објекти во Источна Македонија треба да им служат и на идните генерации“, вели Зоран.

Инаку во градежништвото, долгорочните планови опфаќаат период подолг од 10 години.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)