
Студентите напред – професорите до нив
- Македонски марш кон изолација - 13/01/2015
- Студентите напред – професорите до нив - 25/12/2014
- Милосрдие за Јован, Кежо и Името… Синод - 23/12/2014
Македонските родители и мислечки луѓе решија сами да не ги остават своите деца. Професорот Шкариќ резервираше место во првиот ред на маршот на демократијата. Промоторот на проф. Иванов за највисоката функција во земјава, одамна и очигледно сè пожестоко се дистанцира од лична и интелектуална интровертност на довчерашниот колега. Претседателот на државата, своето граѓанско CV го замени за комотната и обезличената извршна функција, како шеф на протокол на Премиерот кого го дочекува на сите јавни манифестации, како со отворањето на театарот во Велес. Исклучително будно треба да се следи тестот за личните потези на Претседателот на државата, во ова време на демократската пролет. Ако покрај евентуалната аболиција на Јован Вранишковски се одважи да го аболира и Кежаровски, ете му шанса за минимална рехабилитација.
Доајенот на дисиденството во поствоена Македонија, проф. Горѓе Марјановиќ, јавно декларира длабинска поддршка за револтот на генерацијата што не гледа во минатото, туку во иднината. Еден од познатите европски кривичари, во време на осветничкиот комунизам, пред 4 децении, беше прв југословенски интелектуалец кој побара декриминализација на клеветата, стеснување на битијата за таканаречените политички кривични дела.
Оперската дива Весна Гиновска, со највисоките ноти од својот демократски сопран ја повика власта да се откаже од ригидните решенија за глоба на творечкиот дух. Замислете го екстра оданочувањето на маестро Стојан Трпчески. Помислува ли некој како причина да запре неговата мисионерска улога за музичките потпурија на импровизираните концертни подиуми во Македонија. Тоа е неговата голема мисионерска уметничка улога во културното милје на државата. Тие се и уметност, но и едукација за граѓанството.
Актери, новинари, писатели… побројни… Венко Андоновски кој е косценарист на мега-филмскиот спектакл што Владата го нарача за Цар Самоил. Тие поединечно, но и колективно се сè погласни. Веќе се во доброволно регрутираните за најновата демократска армија на студентски активисти. Тие ја создаваат генерацијата за иднината. Зарем и тие се дел од генералната дискредитација дека дипломите и докторатите се купени?!
Од ден на ден сè побројни се мислечките луѓе на оваа држава. Се потпишаа, со име и со презиме, наставници со интегритет. Малкумина од нив се сдсмовци и не веруваат во демократската пролет на Македонија, што ќе стигне преку милитантниот речник и бомбашката тактика на опозицијата.
Гласно е, одважно е времето на слободен став. Не кај сите. Етаблираните молчат, ја немаат доблеста на владиката Пимен, кој и покрај сите критики од својот Синод, ги следи своите лични, инстиктивни и милосрдни пориви на солидарност со младите. Веројатно и со право не сака да им држи проповеди во егзил, во европската епархија, таму каде се над 60% од 400.000 иселени од оваа самостојна Македонија.
Како ли изгледа професорското уверување во Конфучије и формираниот Институт во Македонија, ако професорот Бранислав Саркањац не се пројавува, па дури и со несложување од методите на протестирање или барем да ја пренесе. Меѓу неповторливите морално-философски мисли, никогаш не се забораваат:
“Нашата големина не се состои во тоа никогаш да не се падне, туку да се стане секогаш кога ќе паднеш…Тоа што не сакаш да ти биде напоравено, не прави им го на другите“.
Како ли изгледа професорското уверување во Конфучије и формираниот институт во Македонија, ако професорот Бранислав Саркањац не се пројавува, па дури и со несложување со методите на протестирање или барем да ги пренесе…
Ги нема ниту либералите од 70-тите, кога зад слободомислечките протагонисти на демократскиот централизам, па и плурализацијата на општеството, ги трасираа „децата“ на проф. Славко Милосавлески, тогаш бунтовните др. Владо Поповски и др. Димитар Мирчев, кого комунистите го депортираа во Словенија. И кога беа малкумина беа надеж, некој притаен проблесок, заедно со голтарите, со фокусовците кои во тоа време им ги отстапуваа страниците, како единствена критичка платформа за различноста.
Можеби ќе соберат сили и др. Петровски и докторантот Милошоски, бунтовните млади против режимот на Црвенковски, би можеле да се препознаат во генерацијата што е пред нив.
Јавноста ги аргументира слабостите на двата насилнички проекти – државен испит, без дебата и респект кон инаквоста и личности со став. Не е само студентската младина разбудена.
И над 100 илјади се во неизвесност, како со двојно оданочување на хонорарците? Социјалната паралела е со високите хонорари и договори за дело за некои веледрогерии кои си исплаќале и 80 илјади евра месечно за да можат со кеш да ги наградуваат „своите доктори“. Од друга страна е социјалната демагогија дека ако можат рударите и шивачките да примаат плата од 10.000 до 12.000 денари, зашто да не плаќаат и академик Јовановски, еден од најпознатите светски научници, кој заедно со не помалку истражувачкиот и провокативен проф. Боев од Штипскиот универзитет, ја направија енциклопедијата на минералите во Македонија. Капитален истражувачки проект во кој се вложени над една деценија теоретски и апликативни методи за применета наука. За нивното влијание во светската научна литература и нема потреба да се пишува. И замислете таков научен труд, утре-задутре, да се награди со 3000 евра и да му се одземат „само“ 1300 евра. Само затоа што Владата на Груевски, со цел сет од демагошки купувања на пензионерите, како тврдо гласачко тело, го испразни Фондот, со минус од најмалку три-четири пензии.
Доблеста извира од храброста и одважноста да се спротивставуваат аргументите. Вклучувајки ги и владините. Но тоа е систем на отвореност, а не пиар за еднонасочни и исплакнати ТВ интервјуа, што дури и за Премиерот се немотивирачки и неверодостојни. Груевски го губи имиџот на лидер, кој на почетокот од сопствената владина промоција знаеше да ги сослуша и новинарските критичари. Во неговиот кабинет.
Студентскиот пленум, меѓу другото, оценува дека вакви драматични „реформи“ може да се најдат само како дел од филм. И се решиле неколку од култните филмски сцени да ги адаптираат на нашата моментална ситуација. Креатива – Европа.
Европската културна и демократска револуција, во 1968 година, од Париз стигна во Белград и во Загреб. Бунтовните десетици илјади студенти се собираа во универзитетските кампови. Со нив, седнати на ледината беа најпрестижните мислители и научници – академиците Тадиќ и Супек. На Нови Белград, на ливидатите се слушаа Хамлет и Авлија од Андриќ, од глумиштата Срево Жигон и Љуба Тадиќ. Кон тој политичко-уметнички перформанс се приклучуваа и врвните членови на Југо-Политибирото Влаховиќ, Миниќ, Коча Поповиќ… Тито не можеше, не сакаше или не знаеше дали тенковите ќе завршат работа.
На студентскиот марш во Скопје, пред десетина денови, е забележан најлуцидниот одговор на грубата новинарска провокација: – Што ако од другата страна дојде некој друг пленум? Одговорот вреди да се болдира:
– Ќе бидеме едно – или ТИЕ со нас или ние со НИВ!
Лектор: Елена Цуцулоска
Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот