
“Југохром” кон разговори за поставување на филтри, министерот Изаири не поседува информации
Постојат две компании кои се заинтересирани да ја започнат постапката за инсталирање на филтрите. Едната е од Украина, а другата од Индија. Од средината на јануари ќе започнат разговорите со една од овие компании
Тетово продолжува да биде најзагадениот град во земјата и во регионот. Индикаторите покажуваат висок степен на загаденост во Тетово и околината. Загадувањето доаѓа од неколку различни фактори како што се: куќите кои што се греат со нафта, мазут, дрво, деловните објекти, училиштата, автомобилите или други јавни објекти. Но, најголемиот загадувач во Тетово и околината и натаму е фабриката “Југохром”, која работи со полн капацитет. Оваа фабрика не ги поседува потребните филтри кои треба да ги има во согласност со европските стандарди, и како последица на тоа чадот кој излегува од фабриката “Југохром” предизвикува големо загадување во Тетово и околината. Жителите на Тетово и околината веќе една година организираат големи протести против фабриката, на кои бараат прекин на работата додека таа ги постави потребните филтри.
Кога ќе се постават филтрите на “Југохром”
Контактиран од Inbox7, директорот за производство Исак Абази изјави дека работниците на фабриката “Југохром” и раководството го поддржуваат протестот на граѓаните и се согласуваат дека филтрите треба да се инсталираат што поскоро, но тие се против идејата да се затвори фабриката или да престане со работа.
“Ние како раководство целосно ги поддржуваме протестите не против фабриката се разбира, туку тие против загадувањето. Комбинатот го има овој став: значи ние сме за екологија, ние сме за филтри, само што не сме за да се затвори фабриката“, изјави Абази. Според Абази, најпрво во Тетово треба да се исчистат улиците од прашина и да се идентификуваат другите загадувачи кои го загадуваат градот.
Дали почна “Југохром” да размислува сериозно за постапката за поставување на филтри. Абази за Inbox7 вели дека “Југохром” во јануари планира да потпише договор со една од двете корпорации кои се заинтересирани да го преземат овој процес.
“Постојат две фирми кои се заинтересирани за да ја започнат постапката за инсталирање на филтрите. Едната од нив е од Украина, а другара е од Индија. Од средината на јануари треба да започнат разговорите со една од овие компании која ќе ја преземе оваа постапка“. Inbox7 стапи во контакт и со министерот за животна средина, Нурхан Изаири, поставувајќи му прашање дали тој има информации дека “Југохром” во јануари ќе потпише договор со една од компаниите за поставување на филтрите. Тој рекол дека таква информација нема стигнато до него.
Министерот не поседува информации
“Јас оваа информација не сум ја слушал, ова прв пат го слушам од вас дека во јануари „Југохром“ ќе потпише таков договор. Но, знам дека според Акцискиот план кој е дефиниран од наша страна, тие треба во текот на наредните шест месеци да имаат договор и да започнат со работа на поставување на филтрите и истовремено да имаат договори за монтажа, односно за нарачка дека ќе се монтираат овие филтри и други пропратни делови. Така што во врска со тоа што го кажувате вие, јас ќе излезат на терен сам да направам инспекција и тогаш ќе имам поточни информации“, изјави Изаири.
Министерот Изаири понатаму додаде дека министерството со кое раководи тој било против владината одлука да се продолжи рокот на Југохром, но премиерот одлучи против волјата на Министерството за животна средина поради некоио различни околности.
“Министерството за ваша информација имаше негативно мислење. Министерството со кое раководам јас, беше против продолжувањето на рокот, но владата донесе одлука имајќи ги во предвид и другите фактори и ѝ даде дополнителен рок од две години, но под услов за шест месеци да започне со имплементација на стандардните услови и овој услов е дека ако за шест месеци не започнат со поставување на филтрите, тогаш Владата ќе ја затвори фабриката“, вели Изаири.
Според министерот за животна средина, тие постојано ја следат постапката на фабриката дали се работи во насока на поставување на филтрите.
Додека, движењето Еко-Герила за Inbox7 рече дека тие немаат намера да престанат со протестите се додека нивните барања не се земат во предвид.
“Нашиот план е да вршиме притисок врз свеста на Владата од блиску за да видиме дали постои свест кај нив, и второ, да направиме да ги слушнат нејзините граѓани, дали веруваат во демократијата за која велат дека ја промовираат. Се надеваме дека наскоро Еко-Герила ќе се одлучи на уште еден протест, на блокирање на улиците, протести и во Скопје пред владата“, изјави Арианит Џафери.
Песимизам околу поставување на филтрите
Според Џафери, Владата продолжува да игра адвокат на оние кои го загрозуваат животот на стотици илјади жители од Тетово со околината.
“Да се бидеш адвокат на ова колективно загадување е срам за демократијата, тоа е геноцид врз жителите на земјата и за тоа Владата на Република Македонија треба да се обвини за соучесник во овој геноцид“.
На прашањето што мисли во врска со информацијата дека “Југохром” размислува да ги инсталира филтрите, Џафери рече дека таквата вест кружи веќе некое извесно време и такво нешто не е за верување.
“„Југохром” прави добро ако ги инсталира тие филтри, но овие информации кружеа многу пати, па дури беа кажани и од устите на министрите кои раководеа со ресорот за животната средина, секогаш резултираше дека овие информации биле празни зборови. Ќе почекаме да видиме дали тоа ќе се реализира“, рече Џафери.
“Нашето барање беше токму поставување на филтри. Ние никогаш не сме барале да се затвори фабриката, напротив. Со поставување на филтрите, со таквата инвестиција ќе придобијат и работниците на „Југохром“, кои ќе имаат комоција на нивните работни места и нема да живеат во страв дека од идниот месец ќе останат без работа“, рече тој.
Уредник: Селим Ибраими