Денешна дата
24/07/2017

Лук Сенгерс, универзитетски професор и новинар-истражувач: Во новинарството треба да се почитуваат непишани правила

Професоре, добродојдовте во Македонија. Имавте можност да се запознаете со условите во кои работат новинарите во Македонија, но Вие добро ги познавате и условите во кои што работат новинарите во Европа. Кои се Вашите први впечатоци?

Сенгерс: Факт е дека овде кај вас секој може да се нарече новинар. Очигледно е дека тука не е регулирано кој е, а кој не е новинар. Истото е и во мојата земја Холандија и во повеќе западно европски земји. И таму секој може да се нарече новинар. Но, мислам дека голема разлика околу ситуацијата во Македонија и во овој дел на Европа е што во западниот дел на континентот традиционалните медиуми се постари и послободни како и нивото на професионалноста на новинарите. Дозволете ми да објаснам. Во Холандија, на пример, не е регулирано како треба да работат новинарите. Постои некој етички кодекс но не постојат казни кои ќе ве задолжат да го почитувате тој кодекс.

Во Холандија постои Совет на новинари како што постои Совет за етика на новинарите, тука во Македонија. Тоа е добро затоа што луѓето можат да дојдат и да се пожалат на весниците или на телевизиите. Исто така голема разлика меѓу вашата и мојата земја е што новинарите во Холандија се обучени да бидат мисловни, тактични и сериозни и учат многу непишани правила. Еве, на пример, студентите во Холандија на факултетите учат дека ако некоја страна е обвинета за нешто, вие не можете да ги објавите само обвинувањата. Мора да одите и кај обвинетата страна и да ја прашате да одговори на тие обвинувања. Ова е само еден пример на едно непишано правило. И кога овие студенти почнуваат со работа, 90 отсто од нив се обврзуваат дека ќе ги почитуваат овие правила затоа што знаат дека тоа е она што значи да се биде новинар. А, тоа значи да се биде непристрасен, да се биде фер кон двете страни за кои што пишуваш. Во такви околности вам не ви треба регулација.

Luk i Iskra

 

Дали мислите дека можеби ниските плати, притисокот од власта и моќните луѓе не се исто така причина за страв, затворање и непочитување на професионалните стандарди?

Сенгерс: Да. Новинарите овде се многу помалку платени отколку оние во Холандија и другите западни земји. Мислам дека ако се стремите новинарството да биде професионално и да биде една од неопходните професии во светот на демократијата тогаш и луѓето мора да бидат платени професионално. Ако ги платите разумно тогаш од нив може и да очекувате да се однесуваат разумно. Секако дека и во Европа се чувствува притисок од власта. Погледнете што се случува во Велика Британија каде што имаат многу проблеми и каде што Владата се обидува да се меша во новинарството. Интересно е дека Британија е пример на европска земја која има традиција во новинарството, но и слобода на говор во која сепак постои регулација на медиумите и тоа од неодамна. Но, целта на ваквата регулација е да ги направат новинарите свесни за својата одговорност особено по случајот со медиумите на Руперт Мердок каде што имаше прислушкувања, хакирања и слично. Таквата регулација е штит помеѓу јавноста и новинарите кои несовесно се однесувале. Владите се мешаат во новинарството, но не многу. Во мојата земја на пример, Владата го почитува фактот дека слободата на медиумите е уставно загарантирано право и дека таа не може да се меша во тоа право. Во спротивно би имало многу протести. Друга работа е како бизнисмените влијаат врз новинарството. Сепак тие, тоа го прават различно отколку што тоа го прават бинисмените овде, во Македонија. На пример, весниците во Холандија се во сопственост на бизнисмените, но тие не се во политиката. Има строго одвојување меѓу политиката и бизнисот.

Но, она што се случува насекаде е што бизнисмените можат да влијаат врз новинарите така што ги даваат на суд.

 

Македонија е една од ретките земји веројатно во која има новинар во затвор поради искажан збор. Како ја оценувате слободата на говорот во светот, Европа, но, и во Македонија?

Сенгерс: Се зависи од тоа како ја дефинирате слободата на медиумите. Понекогаш новинарите ги затвораат затоа што не го откриваат изворот на информации. Тоа се случува и во Холандија, но тие се ослободуваат после два или три дена кога властите ќе сфатат дека новинарот не може да го открие својот извор на информации. Слободата на медиумите значи дека новинарите не смеат да бидат апсени од властите за она што го прават во рамките на својата професија. За жал, мислам дека во вашата земја нема слобода на медиумите како и во многу други држави на Европската Унија. Ако јас останам во рамките на етиката и непишаните етички правила тогаш може да се изразам и да напишам било што, се што сакам.  Во Европа постои саморегулација на медиумите. Новинарите, на пример, не истражуваат многу длабоко затоа што компаниите имаат многу пари, одлични адвокати и можат практично да ве уништат. Новинарите во западна Европа се повеќе уплашени, ако може така да се каже, од овие големи компании отколку од луѓето кои имаат моќ или пак политичко влијание.

 

Деновиве во Македонија се актуелни протести на студентите против државниот испит или екстерно тестирање, има различни толкувања што ќе биде тоа. Како е тоа регулирано во Холандија, во Европа?

Сенгерс: Не постои државен испит, не на начин на кој што вие се обидувате да го внесете тука во училиштата. Кај нас постои еден вид саморегулација на училиштата, не само школите по новинарство туку сите  универзитети се задолжени самите меѓу себе да си прават проценки. Едно училиште оценува друго. Владата стои во позадина. Таа не се меша и не спроведува испити затоа што им верува на училиштата кога се самооценуваат или кога вршат проценка на друго училиште. Постои едно тело кое оценува едно училиште, а тоа тело е составено од членови од сите други училишта, само не од она за кое што се врши проценката. Мислам дека во Холандија има осум универзитети по новинарство. Седум од нив ќе бидат во тоа тело кое ќе го оценува осмиот универзитет. Државата ги контролира училиштата на тој начин што на неколку години доаѓа во секое од нив и прави интервјуа со учениците, професорите, ги разгледува сите документи, наставните планови по кои се работи. После ова таа прави проценка дали училиштата ги исполнуваат стандардите или не.

 

Како да се поттикнат новинарите повеќе да истражуваат?

Сенгерс: Еден од начините да ги мотивирате новинарите е да им дадете алати за работа. Ако постојат доволен број љубопитни луѓе тогаш нив тешко можете да ги запрете да истражуваат подлабоко и и се подлабоко. Она што ја врти работата на лошо е тоа што тие почнуваат многу оптимистички, но подоцна се разочаруваат затоа што не можат да најдат извор на информации или луѓето не сакаат да соработуваат со нив или не им даваат интервјуа. Тогаш тие застануваат. Тоа е точката каде што треба да застанеме и да им помогнеме. Да им дадеме алатки, како да најдат извори, но и како да ја користат технологијата во денешно време. Тоа е комбинација од размислување, интелектуален тренинг, но и попаметна употреба на компјутерот освен само за пишување на текстови. Тоа беше причината зошто УНЕСКО, во 2009 година побара од нас да го изготвиме прирачникот “Истражување врз основа на постоечка приказна”, а кој е наменет за новинари кои немаат многу искуство со истражувачкото новинарство особено оние во Источна Европа, Кина, Азија, Африка.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk