Денешна дата
21/09/2017

Смртта не може да се корумпира

Енвер Хоџа е симбол на хорор владеење во поновата историја. Физичките ликвидации беа метод на неговото владеење. Бројни соработници и пријатели елиминирал со секакви монтажи. Бескрупулозен и кон другарите од детството. Познатиот публицист Бленди Февзиу со извонредно ја разобличува оваа енигма која четири декади држела во несреќа цел народ. Последните години од животот ги поминал тешко болен во количка, немоќен да и се спротистави на смртта. Ликвидирал илјадници луѓе, а тешко страдале и нивните семејства. Тој веќе чувствувал дека нема да доживее уште една пролет. Годината 1985 ќе биде последна за него, но почеток за еден напатен народ кој со векови ќе го памти таквиот терор. Февзиу ќе напише – “Смртта му се наближуваше и тој ја чувствуваше нејзината близина…Таа е единствената што тој не може да ја победи”. Неговата сила се доживувала како натприродна, но сега ја губи битката со природата. Никогаш порано немал толкава политичка моќ, но како никогаш порано понемоќен физички, а и Партијата и социјализмот не можеа веќе да му помогнат. И тие умираа заедно со него. Само смртта не успеал да ја прогласи за предавничка и да ја осуди на смрт или пак да ја затвори или интернира во неговите 39 затвори и 70 концентрациони кампови. До него веќе никој од старите пријатели. Скоро сите ги има егзекутирано.

Хоџа од просечно момче, ништо посебно од негови другари, прерасна во неприкосновен диктатор. Многумина мислат дека тој и не бил комунист по убедување, туку го користел тогашниот прокомунистички светски бран за да се дочграби до врвот на власта. Ова го потврдуваат и Лазар Фундо и Тајар Завалани, негови другари од детството, кои по војната тој ќе ги ликвидира. Најголема поддршка на Хоџа му давал стрикото негов, Хисен Хоџа, но подоцна Хоџа ќе му се „заблагодари“ со ликвидација на неговиот внук Абаз Омари. Неколку негови школски другари ликвидирал само поради тоа што тие како ученик го исмејувале, меѓу кои и интелектуалките Мусине Кокаљари и Сабиха Касимати. Додека престојувал во Франција тој живеел и во станот на Енвер Заразани, кого по војната ќе го елиминира. Стравично лошо поминале и тие кои му помогнале да добие државна стипендија за школување кое никогаш не го завршил (семејството Либохова), а ќе страдаат и неговите финансиски помагачи Абаз Кули и Хасан Јеро (со цел да се сокрие неговиот живот во Франција). Хоџа во својата книга наведува дека пишувал за францускиот „Иманите“, но тоа не било вистина.

Во формирањето на комунистичкото движење во Албанија, директно помагале југословените Миладин Поповиќ и Душан Мугоша, а за лидерството на Хоџа кај нив ќе лобира Кочо Ташко, кого подоцна ќе го осуди со затвор и таму ќе умре. По наредба на Хоџа биле ликвидирани многу функционери и соборци – Коче Ѕоѕе, Сотир Вулкани, Кристо Темелко, Џелал Старавецка, а Анастас Љуљо ќе умре во затвор. Од седумте членови на ЦК КПА, сите биле ликвидирани, само Рамадан Читаку умрел со природна смрт. Хоџа наредил и убиство и на Сурја Селфо кој сестрано го помогнал Хоџа за време на војната!

Со влегување на комунистите во Тирана беа ликвидирани над 2.000 недолжни луѓе, со цел да се сее страв. Еден импровизиран суд воден од некој занаетчија, осудил 17 високи функционари на смрт со стрелање. Тешко страдале и нивните блиски. Други беа осудени од 20 – 30 години затвор по наредба на југословенските комунисти. Од Конгресот на Пермет (1944), Хоџа ќе го преземе водството на привремената влада, но истовремено ќе ги води и министертвото за одбрана и за надворешни работи. Тука започнува силната пропаганда за увеличување на неговиот лик и дело до ниво на совршенство. Во меѓувреме во 1948 година односите со Југославија видно се заострија поради Русија, по што една група пролиберали, сметајќи дека е време за негова смена жестоко го нападнале Хоџа за бројните масакри. Тој за малку ќе се спаси за да потоа сите нив ги ликвидира. Тој ќе остане запамтен по тоа што од 1949 до 1982 година ќе ги ликвидира сите негови министри за внатрешни работи, тројца министри за одбрана, двајца за рударство, еден за здравство, еден за образование, двајца заменици премиери и еден заменик претседател.

На 14 март 1948, Политбирото на КПА ќе донесе одлука за припојување кон Југославија. Но, покасно по барање на Русите, радикално ќе ги влоши односите со оваа држава, по што ќе мора да најде „виновник“ а тој бил Коче Ѕоѕе (заменик премиер и министер за индустрија). Тој со едно проштално писмо ќе ја оправда сопствената ликвидација и ќе побара барем семејството да му се поштеди, но без ефект. Тој е стрелан во 1949 година, а на негово место доаѓа Мехмет Шеху, кој по 32 години и самиот ќе напише едно слично писмо, молејќи да му се поштеди семејството. Но, неговиот постар син бил убиен, а другите членови на семејството тешко страдале. Слично завршил и Кадри Хазбиу во 1983 година.

Трагичен е случајот со Лири Белишова, жена со највисока функција. Таа се разрешува а по некој ден се разрешува и нејзиниот маж од министерска функција и двајцата завршуваат на 30 годишен затвор. Меѓувреме, нивната 22 годишна ќерка тешко се разболела од леукемија. На таткото не му се дозволило ниту да ја види, додека на мајката само половина час во последните мигови од нејзиниот живот. Таа ќе побара да остане уште некој час додека чука срцето на нејзината ќерка, но чуварите грубо ќе ја отстранат!

Иако близок со Сталин, по неговата смрт во 1953 година Хоџа свртува кон Хрушчов и ги поддржува критиките против Сталин! Односите со него останаа добри се додека тој не побарал напуштање на таквата сурова диктатура. Тогаш Хоџа ќе затвори 44 делегати додека излегуваат од салата кои мислеле дека на Хоџа му дошол крајот. По некој ден сите нив ќе ги ликвидира, дури и една бремена жена (Лира Гега). Додека Хоџа престојувал во Москва, рускиот амбасадор во Тирана, ќе му сугерира на вториот човек во Албанија Беќир Балуку да изврши државен удар и да го симне Хоџа од власт. Тој тоа го одбил, но 12 години подоцна Хоџа и него ќе го ликвидира!

Како неопростив грев на Хоџа му се припишува касапааната на над 3.000 косовари во Бар (Црна Гора), за која се молчело цели 50 години! Се чини дека имало српски воен план за да се уништат косоварите поддржувачи на Балистите. Тоа полесно би се остварило со помош на НОБ на Албанија. Хоџа таму испратил две бригади за да ја уништат „антисрпската реакција“! (Документи, Генерал штаб, Вол 2). Впрочем, и во Албанија и на Косово, поддрувачите на „Бали“ и „Легалитети“ завршиле како топовско месо во војната со Германците. На 31 март 1945, во Бар, била поставена замка за уништување на сите регрути косовари во дворот на „Тутунскиот монопол“. Се пукало од сите страни и се проценува дека биле убиени скоро сите присурни косовари.

Хоџа со години одбивал да и дозволи на Мајка Тереза да ги посети во Тирана нејзината мајка и сестра тешко болни. Наспроти сите силни светски лобирања, Хоџа нема да и дозволи на таа „опасната шпијунка“ како што ќе ја нарече Гонџе Бојаџиу. По смртта на Хоџа, Рамиз Алија даде таква дозвола, но било доцна. Таа постави цвеќиња на гробовите на својата мајка и сестра, но и на гробот на Хоџа како знак дека му простува.

И денес не сме толку далеку од таквото страшно владеење, но со пософистицирани методи, а резултатот е ист. Наместо убиствата се користат бројни форми на уцени, заплашувања, условувања, суспендирајќи ја демократијата и институциите. Хоџа, парламентот, владата, судството и медиумите ги третирал како лични негови. Па нели тоа сега на некој начин го имаме и тука во Македонија? Во 1984 година Албанија била рангирана на трето место на светско ниво по сиромаштија (околу 15 долари просечна плата). Но, таа сега брзо се развива, а Македонија е деградирана и сведена во друштво на 10 најсиромашни земји на светот, а нејзините водачи секој ден се фалат со празни успеси! И бројни медиуми го помагаат ваквото зло. Ваквата катастрофа се помага од медиуми кои сега добиваат ордени за заслуги, а треба ордени за слуги! Но, се си има свој крај. Дури и кога лажно ќе помислиме дека не е така. Многу брзо ќе сфатиме дека никој не успеел да ја корумпира смртта или да купи живот.

 

Извори: Бленди Февзиу-Eнвер Хоџа“; Carl S Wibe – „Одмаздата на Енвер“; други документи (цитирани)

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

Оставете коментар

Коментар(и)

bilali@inbox7.mk