Денешна дата
13/11/2019

Помала излезност – повеќе гласови

Споредбата на бројките од вчерашните избори со резултатите од првиот круг пред пет години покажува помал одѕив, но зголемен број гласови за кандидатите

Изборите вчера до гласачките кутии донесоа околу 150 000 граѓани помалку во однос на првиот круг од претседателските избори во 2009 година. Истовремено и покрај помалиот одзив кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ сериозно го зголемија бројот на добиени гласови.

Според податоците на Државната изборна комисија во првиот круг на претседателските избори пред пет години гласале 1.019.268,  а вчера изглегле 868 279 граѓани . Споредено, процентуално во 2009 година во првиот круг на гласање излегле 56,88 отсто, а на вчерашните избори гласале 48,84 отсто.

Помалиот одѕив се должи секако најмногу на апсистенцијата на гласачите Албанци кои го послушаа отворениот повик на ДУИ  за бојкот на изборите, но според аналитичарите улога одигра и бројот на кандидатите и нивната понуда.

Имаше свое сериозно влијание неизлегувањето на Албанците на избори, но пред пет години имаше и повеќе кандидати така што дел од оние кои им го дадоа тогаш гласот можеби сега одлучиле да останат дома-вели аналитичарот Алберт Муслиу.

stevo i zoran bilbordi

Партиската мобилизација влијаеше на резултатот

Гласовите главно отидоа на две адреси

На овие избори за претседателската функција се натпреваруваа четворица кандидати. Покрај Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, во трката влегоа и Зоран Поповски кој освои 31 366 гласа и Илијаз Халими од ДПА за кого се определија речиси 39000 граѓани.

Претходните избори пак беа доста побогати според бројот на кандидати. Тогаш шеф на државата покрај кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се обидоа да станат и Нано Ружин, Љубе Бошкоски, Имер Селмани, Мируше Хоџа и Агрон Буџаку.

Според Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики покрај апстиненцијата гласачкото тело на ДУИ влијание врз одзивот имал и изборот на кандидидатите.

izbori2014

На овие избори беше очигледно дека во вториот круг ќе влезат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за разлика од 2009 година кога не се знаеше дали во потесниот избор ќе влезе Фрчкоски, Бошкоски или Селмани. Затоа сметам дека и дел гласачи немаа толку голем мотив да излезат на гласање, бидејќи се знаеше како ќе изгледа понатамошната трка– вели Даскаловски.

Но,  безоглед на  помалиот одѕив во првиот круг кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ вчера прокнижнија стотици илјади гласови повеќе на своите конта.

Имено кандидатот на владејачката партија Иванов сега освои повеќе од сто илјади гласа во однос на она што го доби  пред пет години. Во 2009 година тој освои 345.850  гласа, а сега 449.068 гласа.

Претендентот за претседател кандидиран од СДСМ Пендаровски пак освои околу 120 000 гласа повеќе  од Љубомир Фрчкоски кој се натпреваруваше во 2009 како кандидат на опозицијата.

Партиска мобилизација

Бројките покажуваат дека за пет години ВМРО ДПМНЕ и СДСМ успеале да ги зголемат гласовите за повеќе од 220 000.

Овој резултат е добиен и поради мобилизацијата што ја направија партиите. СДСМ влезе во изборниот циклус навестувајќи дека сака да ги искористи за постигнување на добар резултат на предвремените парламентарни избори. Тие се обидуваат да го придобијат партискито тело и неопределените гласачи. ВМРО-ДПМНЕ го искористи целиот владин тим да застане зад Иванов за да постигнат што е можно подобар резултат– смета Муслиу.

izbori2009

Даскаловски пак смета дека се различни причините за зголемениот број гласови кај кандидатите на двете партии.

-Голем дел од гласачите на Бошкоски во 2009 година беа од вмровска провиненција. Сега практично сите тие гласови отидоа кај Иванов, а и резултатот не е далеку различен од оној кој го добива владејачката партија и на други избори. Пендаровски пак е доста попривлечен и за сдсмовските гласачи, но и за неопределените од Фрчкоски, а и партијата што го предложи од 2011 навака почна да се консолидира и да делува помобилизирачки– вели Даскаловски.

Со оглед на совпаѓањето на вториот круг претседателски со парламентарните избори на 23 април, очекувањата се дека излезноста ќе биде многу поголема. За разлика од сега, во вториот круг во 2009 година во кој влегоа Фрчкоски и Иванов излезноста беше доста помала во однос на првиот круг тогаш. За двајцата кандидати гласаа вкупно  42,63 отсто од гласачите што е малку над пропишаниот цензус од 40 отсто за изборите да бидат успешни.

Кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

 

2009 година                           2014 година

345.850                                   449.068

Кандидат на СДСМ

2009 година                           2014 година

202.691                                   326.133

Уредник: Тамара Чаусидис

dimeska@inbox7.mk