Денешна дата
21/09/2017

Владата гази на минско поле

Со години лагите на власта ни станаа главно гориво за движење наназад. Поминавме девет години и сосема сме блиску до деветтиот круг на пеколот на Данте. Од лидер во регионот сега стасавме до епитетите – „Болниот од Балканот “ и „Балканскиот Титаник“. Тоа ни е подарок од “патриоти“ кои граделе свои пирамиди рушејќи ги нашите животи, кои создадоа амбиент во кој луѓето повеќе се плашат од животот отколку од смрта. Се гледа колку вредат. Со само 20 сантиметри снег целата држава е во колапс – без струја, без вода, без патишта.  Оттука сосема е легитимно уривањето на ваквата власт, која не само што не знае за основни демократски вредности, туку општо земено состојбата ја има доведено до тотален хаос. А виновници биле сите други освен самата таа. Смени се што сакаше, сега единствено што може да се смени е народот. Оти почнал да не слуша.

Народот иако знае се, тој нема да посегне по власта ако не верува во сигурна победа. Народот знае добро дека чесноста кај оваа власт е помала отколку кај уличните џепароши. Народот знае за “Актор“, за “Загорац“, за “Македонска банка“, за “милионче“, за “партиските станови“, за “уличното осветлување“ и за сите други афери за кои и Коза Ностра може да им носи вода. Знае дека парите од “Скопје 2014“ се многу чисти, оти се добро испрани. Знае дека сите овие години власта има потрошено 27 милијарди евра, а државата е доведена до светска брука. Знае дека сиромаштијата е удомена како член на семејството. Народот знае дека надворешниот долг за осум години е дуплиран а внатрешниот е строга тајност! Знае дека од државата изчезнаа над 4,8 милијарди евра (податок од американскиот институт „Адриатик“). Знае за осумте милјиарди ветени инвестиции кои станаа магла. Свежи му се сеќавањата за “Шише Џам“, за “Сведмилк“, за “Веибо Гроуп“, за “Сахара Гроуп“ од братот Субрата, и сега за “Гентерм“. Знае за приватизирањето на парламентот, на владата, управата, јавните служби, судството и сите други институции. Ама не знае што треба да прави оти се плаши од нормалното. Некои луѓе сеуште не се свесни дека ако не се борат против злото се обични мртовци ама непогребани! Ги има фатено колективна болест која ќе треба да се лечи. Тоа е задача на сите што успеале да останат нормални, а посебно на опозицијата која сноси дел од одговорноста што не можела тоа да го спречи.

Значи, посебна улога тука има опозицијата која е должна да создаде атмосфера на сигурна победа. Оти секогаш има луѓе кои тешко сфаќаат дека Господ не е секогаш на страната на посилниот. Впрочем силата е кај народот, кај студентите, кај хонорарците, кај невработените, кај погазените. Со добра стратегија, детална тактика и професионална пропаганда опозицијата треба да биде главниот движечки фактор. Факт е дека имаме шеф на опозицијата кој е докажан како многу успешен и кој ветува радикален пресврт за излез од ваквиот хаос. Струмица е единствена светла точка во државата за која може да се каже дека ако се сака, се може. Тој воопшто не игра на национална карта која кај нас сеуште е профитабилна. Тој сака да гради нешто ново, сосема спротивно од ова. Па затоа денес студентите се заедно и се борат за една понормална заедничка иднина. Но, опозицијата треба да смени нешто од своето досегашно дејствување. Нејзе пред се и треба докрај професионална и добро организирана структура за односи со јавноста. Сега е моментот кога сите треба да одлучиме дали и понатаму ќе дозволиме да не газат и докрајчат телесни и ментални лилипути или силно ќе се спротиставиме? Сигурен сум дека таквата акција сега поинаку ќе се квалификува од странците (во споредба со таа од пред две години). Ако не ја средиме сега власта, таа уште повеќе ќе нè среди нас. Сигурен сум дека сме сосема блиску до критична маса за промени. Сите диктатури навидум изгледаат силни, а реално се многу слаби. Се уриваат како кула од карти. Власта намерно глуми непопустливост оти знае дека ако попушти сите ќе приметат дека реално се работи за тигар без заби. Мора да глуми сила за да ја сокрие својата слабост. Се обидува да ги победи студентите и професорите што досега ретко каде во светот се успеало. А полтроните можат само да и даваат повеќе сила на отпорот.

Не се знае дали е повеќе комично или трагично тоа што власта после осум години “успешни реформи“ во високото образование, сега да вели дека ништо не чинело! Па премиере, главната болест за ваквата ситуација е токму вашето тотално партизирано владеење. Кога би знаеле студентите дека наместо партиска книшка за вработување и авансирање е потребно знаење, тоа по автоматизам ќе создадеше образовен квалитет. Вие го девалвиравте знаењето. Сега имаме премногу дипломи а премалку знаење, ама професорите биле виновни за тоа, a не вашиот систем! Поради вас државата стана полна со празни луѓе. Не може да се продава цело време мадиња за бубрези. Да сакавте успешни реформи ќе седневте со професорите кои со година ја работат таа работа. Но, убаво ви кажа Јелко Кацин – државата сте ја вратиле во камено доба. И сега со свој камен по своја глава. Самите одлучивте 90 отсто од дипломираните да запишуваат студии, состојба која да не беше жива катастрофа ќе беше жив хумор. Но, пред се сите треба да сфатиме дека со ова влада не треба да се разговара. Таа треба да се урива. Впрочем таа веќе гази по минско поле.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

Оставете коментар

Коментар(и)

bilali@inbox7.mk