Денешна дата
30/11/2022

Од Девствените острови директно во Пробиштип

автор: Викторија Димитрова – Јованова

Текстот е оригинално објавен на страната на ТВ Ирис на 30 декември 2014 година

 

Фирма од Девствените острови сака да гради леарница во Пробиштип во која ќе се топат отпадно железо и челик. Леарницата ќе се гради на само два километри од отвореното јаловиште на рудникот за олово и цинк Злетово, каде што се депонирани 11 милиони кубни метри отровен кадмиум, молибден, бакар и злато.

Ова ги вознемири жителите на градот, кои преку социјалната мрежа Facebook формираа група „Не за челичарница во Пробиштип” , и почнаа да собираат потписи за петиција против изградбата на леарницата. Велат Пробиштип, нема да биде новиот Велес.

Како совесни граѓани се прашуваме во време кога целиот регион и граѓаните на нашата држава се борат за правото да дишат чист воздух, да пијат питка вода и незагадена почва нашата Општина се одлучува на ваков катастрофален чекор. Сите знаеме дека во нашата Општина има загадувач-и . Пробиштип уште во времето на бивша Југославија беше ставен на црна листа, како еден од најзагадените градови. Пробиштип има хемиска и радиолошка контаминација на почвата и водата . Направени се истражува-ња и резултатите се поразителни.Никако несмееме да го изоставиме и аерозагадувањето кое секако е присутно.За жал таква е вистината и моменталната состојба со загадувањето во Општина Пробиштип.

Ова го пишуваат пробиштипјани откако општината Пробиштип на својата интернет страница објави документ со наслов Известување со намера за спроведување на проект Леарница за челик и производство на челични производи во општина Пробиштип. Она што е спорно за граѓаните е што во капацитетот ќе се топи, отпаден челик, негово лиење и производство на челични производи, иако во документот со намери стои дека при тоа „ќе бидат употребени зелени технологии”. Предвидено е годишно да се топи 100.000 тони отпадно железо и челик во две индуктивни печки. Ќе се употребуваат „индуктивни печки, наспроти конвенционалниот начин на топење со електролачни и купола печки”.Според документот, примената на индуктивни печки за топење на отпаден челик подразбира создавање на помали количини и помали отпадни материи. Согласно изјавите на производителите, светската пракса и релевантната литература, топењето на железо и челик во индукциски печки резултира со ниско ниво на емисии во воздух во споредба со куполите и електролачните печки. Бидејќи јаглен или гориво не се согорува во индукциските печки, нивото на емисија исклучиво зависи од чистотата и составот на влезниот суровински материјал. Целиот производен процес ќе се одвива во затворена работна хала, при што процесите сами по себе претставуваат процеси од затворен тип што гарантира контрола на вкупното влијание врз животната средина.

Објектот ќе се гради во новата индустриска зона „Неокази”, со намена за тешка индустрија, на површина од шест хектари. Првите куќи се наоѓаат на 1,5 километри воздушна линија од леарницата.

-Во Пробиштип прво треба да се направи проценка за санација на досегашните штети од загадувањето. Власта во Пробиштип да побара детално испитување за загадување на целиот регион хемиско , радиолошко и аерозагадување да се утврди статистички морталитетот и причината за смртност и секако староста, па потоа да размислуват за ново загадување – реагираат граѓаните. Тие стравуваат дека дури и радиоактивно железо би можело да се најде во печките на новата леарница.

Од Девствените острови директно во Пробиштип

Новата леарница сака да ја гради друштвото за производство, трговија и услуги Кранфилд Фаундри ДООЕЛ Скопје. Со капитал од 100.000 евра друштвото е формирано во април 2014 или четири месеци пред изработката на документот за намара за градење на леарницата. Сопствeник е фирма регистрирана во рајот за оф шор компании, Девствени острови. Седиштето на компанијата Кранфилд бизнис груп лимитед е улицата Тридент чамбер, на поштенски фах, каде има регистрирано повеќе други компании. Веројатно, седиште на адвокатска канцеларија, која работи на регистрација на фирми. Интересно е дека адресата на странската компанија Роанд таун тортола, стои и во тековната состојба на Метрудхем, фирма која сакаше да ја рестарира велешка Топилница. Велешките екологисти не успееја да докажат дека пробиштипјанецот Чедо Петров и Жанко Чадо, стојат зад Метрудхем. Петров успеа да го добие спорот против новинар за вакво тврдење изнесено на прес конференција.

Новата компанија Кранфилд Фаундри која сака да ја гради леарницата во Пробиштип е управувана од Сергеј Кручинин со адресата во Руската Федерација. Кручинин е со овластување управител – административен менаџер. Во документот со намера како лице за контакт е поставен Дариус Џуба, главен менаџер за операции. Кога ќе се пребара на интернет, може да се најде податок дека Кручинин и Џуба во исто време (2009-2010 година) се магистранти на Кранфилд универзитетот – училиште за менаџмент во Велика Британија. На мрежата Линкедин, на својот профил Џуба за себе напишал дека е специјалист за стратешки процеси во мултинационални организации. Неговиот сегашен работодавач Сергеј Кручинин, му дава препорака на Џуба, откако му помогнал да идентификува редица проблеми во неговата компанија. Пред доаѓањето во Макеоднија, Џуба работел во Лихтенштајн.
Сегеј Кручинин за себе напишал дека е специјализиран во маркетингот. Претходно работел во руската копманија за достава на продукти Уконос, како заменик шеф на маркетинг и регионален менаџер за административниот регион Москва.

Според ова, што во бизнисот со леарница бараат еден менаџер и еден маркетинг специјалист? Џуба во документот со намера ставил мејл од cranfield-bg.com, меѓутоа, кога ќе се пребара сајтот, се добива извествување дека е грешка.
Компанијата Кранфилд од Министерството за екологија побара и на 14-ти октомври 2014 год., добила решение за утврдување на потребата од оцена на влијанието врз животна средина на лаерницата.

Од Министерството објаснија дека ова значи зелено светло за изработка на студија, преку која ќе се видат последиците врз здравјето на луѓето и животната средина што ќе ги остава леарницата. Ова е клучен документ, на кој треба да работи некои од признатите ексерти од списокот на Министерството за животна средина. Потоа овој документ ќе биде јавно објавен во медиумите и на сајтот на Министерстството, по што ќе следи јавна расправа. По расправата, се вградуваат сите забелешки и коментари, по што Министерството одлучува дали ќе се гради објектот или не.
Ненад Коциќ, фронтменот на Зелената каолиција во Велес предупредува дека е можно влијание врз оној кој ќе је работи студијата, односно да не се земат комплетно во предвид реалните параметри.

nenad kocik

Ненад Коциќ

 

-Наивно изработената еколошка студија за рестартирање на велешката Топилница нарачана од Метрудхем, го спаси Велес од ново загадување, рече Коциќ, кој се посомнева дека исти круг на луѓе во Македонија во различни делови на државата се обидуваат да инсталираат ваков капацитет.

Општината Пробиштип тргна во обезбедување на основните услови за новата технолошка зона во Ноекази. На последната седница на Советот, усвоена е одлука за изградба на водовод, канализација и пречистителна станица за отпадни води.

Градоначалникот Тони Тоневски потврди дека се преговора со неколку заинтересирани инвеститори меѓу кои и таа со леарницата. Демантираше дека ќе има топење на примарни метали, туку само лиење на некои легури, од кои се изработуваат делови за авомобилската индустрија.

„Инвеститорот има најсовремена опрема и не станува збор за загадување. Таква слична фабрика има во центарот на Брно, во Чешка. Јас како градоначалник ќе бидам прв којшто ќе се бори против загадувањето, односно ќе бидам против доколку оценам дека има какви било можности за дополнително загадување во општина Пробиштип, бидејќи за мене како градоначалник , верувам и за сите граѓани на општината Пробиштип, многу важен е економксиот развој, да се отворат нови работни места, меѓутоа, најважно од се е здравјето на луѓето и заштита на животната средина”, изјави Тоневски.

Според него, засега се водат само преговори за локација и нема никаков официјален документ на кој би се повикале и би можеле точно да одговорат за што точно се работи.
Документот со намера за градење на леарницата со точна локација во зоната Неокази, е објавена на интернет страницата на општината Пробиштип, со која раководи Тоневски.

Градоначаникот уште додава дека се работи за „исклучително добар капацитет, кој ќе вработи 300 луѓе”.

Консултиравме професори на Техонолошко – металуршкиот факултет во Скопје, кои велат дека не е спорна изградбата на леарница, но само доколку се гради по сите еколошки стандарди. Загадувањето, според нив, ќе зависи и од тоа што и како ќе се топи и по каква технологија.
И додека на повидок е нов капацитет од тешката инсутрија, старото јаловиште останува осма жешка еколошка точка во Македонија. Јаловишетото е во самиот град и до сега не се најде решение опасниот материјал што го содржи. Се најавуваа инвестори од Кина, Велика Британија и Германија. Нивниот ќар е во металите кои со собирањето од јаловиштето, потоа би се преработувале. Но, ден денешен, јаловишетото е широко езеро, кое на лето продуцира прашина што им ги пече очите на пробиштипјани, а во зима им ја труе водата.
Професорката Соња Липиткова, која потекнува од Пробиштип, најави тендер за избор на инвеститор за јаловиштето. 500 хектари обработливи површини не можат да се засадуваат поради поплавувањето со опасни материи од јаловиштето во седумдесетите години во минатиот век. Тоа го потврдува и студијата на јапонска Џајка во 2006-7, работена пред изградбата на хридросистемот Злетовица. „Земјоделските производи од над 500 хектари се сметаат за високоризични”, се вели во студијата на Џајка.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)