Денешна дата
24/11/2017

2015 ќе ни донесе протести, избори и враќање на долгови

Автори:

Искра Опетческа и Горан Лефков

 

Во 2015 година на Македонија ќе и се случи народ и ќе имаме предвремени избори, прогнозираат политички аналитичари. Ваквите очекувања пред се ги темелат на случувањата со кои ја испративме 2014 година, а кои беа одраз, на незадоволство на студентите, на кои власта не може да им залепи црни етикети со кои ќе ги дискредитира, и на политичката криза во законодавниот дом. Од економски аспект 2015 година ќе биде многу тешка, ќе доспеваат обврски за отплаќање на кредити со кои не задолжи државата во минатата година, велат економски аналитичари.

Студентите незадоволни од најавата на Владата за воведување државен испит на факултетите, се самоорганизираа и поддржани од дел од професорите излегоа на масовни протести во повеќе градови низ земјава.

Aлберт Муслиу: Пораките од последниот извештај на ОБСЕ се основани и се одраз на реалноста во Македонија

Aлберт Муслиу

Студентите се специфична категорија на граѓани на која не можете да и накалемите црно минато на плеќите. Jас не познавам човек кој има негативни чувства кон нив. Затоа на власта и е тешко да ги дискредитира овие луѓе. Оттука и моето мислење дека само студентите може да генерираат поодговорна Влада. На власта и е потешко да ги стигматизира и професорите кога се заедно со своите студенти“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Предлог-законот за реформи во високото образование, кој меѓу другото предвидува и Академија за професори, е во собраниска процедура, па студентите организирани во “Студентски пленум” најавуваат нови протести во 2015 година.

Според Ристо Никовски, поранешен амбасадор, колумнист и аналитичар  студентските манифестации покренаа лавина размислувања и чувства – и позитивни и негативни:

Debata Ime Risto Nikovski (2)

Ристо Никовски

 

Позитивно е тоа што се организираа и покажаа некакви свои ставови. Радува што студентите беа заедно, а не етнички поделени како што беше порано. Негативно е тоа што студентите се јавија кога некој им згазна на нога, а за други важни прашања никаде ги нема. Ете на пример, државата е соочена со нелегална блокада, уцени и ултиматуми од Брисел, а ние не чувме нивна реакција. Зар е можно младите, кои секогаш се најреволуционерни и најлиберални да молчат за едно такво суштинско прашање за оваа земја? Земено во целина, човековите права не паѓаат од небо туку секој треба да се ангажира колку што може истите тие да се максимализираат. Идеално општество нема, ниту ќе има, а тоа најдобро го покажаа настаните во американскиот град Фергусон каде што полицаец уби млад црн човек по што следеа немири од огромен размер“, изјави Никовски за Инбокс 7.

Ако власта продолжи да се однесува ирационално воопшто не се сум оптимист за она што ќе се случува во 2015 година, вели професорот Јове Кекеновски.

Jove Kekenovski

Јове Кекеновски

 

 

Ваквата состојба не може вечно да трае. Мислам дека на власта ќе и се случи народ кој мора да собере сила и да се спротивстави на нејзиното ирационално однесување. Се плашам дека дури власта посакува такво сценарио, но верувам дека народот и меѓународната заедница нема да дозволат да се случи нешто грдо“, вели Кекеновски.

За аналитичарот Алберт Муслиу, извесно е дека ќе има предвремени парламентарни избори со што, како што вели, ќе се отвори можност за постабилна Македонија во 2015 година.

Разврската на политичката криза е во одржување предвремени избори. Сеедно дали тие ќе бидат целосни и ќе биде формирана техничка влада или пак делумни и ќе се пополнат само испразнетите места на опозицијата. Ова што сега се случува е парадоксално. Парадокс е да гласаш за одземање на мандатите на опозицијата кога таа јасно ви дава до знаење дека истите не ги прифаќа и поради тоа депонирала оставки“, смета Муслиу.

Наспроти претходните прогнози за предвремени парламентарни избори што би се случиле годинава, Никовски оценува дека можни се избори за пополнување на испразнетите места во законодавниот дом, но не и вонредни избори на парламентарно ниво:

Сметам дека општи предвремени парламентарни избори нема да има, туку можни се делумни избори за пополнување на местата за пратениците кои се повлекоа од парламентот. Бојкотот на опозицијата ѝ носи сериозни штети на Македонија на меѓународен план. Поголем адут за Вашингтон, Брисел и Атина не можевме да им дадеме. Истовремено бојкотот ја уништува опозицијата која ако продолжи вака ќе се најде во безизлезна ситуација“, вели Никовски.

Алберт Муслиу, анализирајќи ја годината што измина од аспект на остварување на граѓанските права вели дека протестите на стечајците во април 2014 година и на незадоволните граѓани од безбедносната состојба, како и масовните протести на студентите, хонорарците, универзитетските професори и уметниците, се предуслови новата 2015 година да биде исто толку интересна, ако не и повеќе:

Нè очекува поинтересна 2015 година барем ако се суди според реакцијата на граѓанските организации кои на некој начин ја живнаа идејата за градење вистинско граѓанско општество“, вели Муслиу.

По студентските протести активисти и невладини организации ги повикаа граѓаните на протест со кој јавно побараа поголема вклученост на народот во политичките одлучувања. Под девизита „Политиката кај граѓаните“, демонстрантите побараа од партиските елити да дозволат поголемо учество на граѓаните во креирањето на политичките програми и поголем слух за барањата на обичните луѓе.

Хонорарците со зголемени давачки за државата

Protest honorarci

Од почетокот на 2015 година хонорарно ангажираните работници  сами ќе треба да ги плаќаат давачките кон државата и тоа зголемени за 35 отсто од вредноста на хонорарот. Пред да се воведе ова законско решение ваквата давачка ја плаќаше работодавецот, но само 10 отсто од заработувачката на хонорарците што ги ангажирал. Поради зголемените давачки кои ќе паднат на терет на хонорарците на крајот на 2014 гласот го кренаа и работниците кои се ангажирани со договор на дело.

Со ставот на хонорарците не се согласи, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Од таму сметаат дека новиот начин на плаќање на давачките е во прилог на работниците затоа што на тој начин ќе се намали невработеноста. И покрај несогласувањата, првиот човек на ССМ, Живко Митрески за Инбокс7 вели дека сојузот и во новата 2015 ревносно ќе се бори за унапредување на работничките права.

Zivko Mitrevski SSM MIA

Живко Митрески

Ќе продолжиме со стратегијата на потпишување на колективни договори во дејностите и претпријатијата каде што нема. Ќе го продолжиме процесот на поттикнување на социјалниот дијалог на локално ниво со натамошно формирање на локални економски социјални совети. Ќе ги продолжиме разговорите за потпишување на колективни договори во јавниот сектор, а ќе работиме и на концептот на унапредување на процесот за мирно решавање на спорови. Ќе ги унапредуваме капацитетите за зајакнување на позицијата на синдикатите на сите нивоа вклучително и во помалите претпријатија“, вели Митрески.

Сојузот на синдикати освен хонорарците не ги поддржа ниту стечајците кои протестираа пред Владата, ССМ и пред МРТВ, во април лани барајќи трајно решение за нивно финансиско обесштетување. ССМ овој протест го оцени како политички и кажа дека нема да дозволи да биде вовлечен во партиски пресметки.

Од економски агол: не чека враќање на големи долгови

Економските аналитичари велат дека 2015 година ќе биде многу тешка, како резултат на задолжувањата на државата ќе доспеваат многу обврски за отплаќање на кредити. Во оваа година се очекува да порасне и буџетот. Тој е проектиран на околу 3 милијарди евра.

pari dolg sindziri

Од економски аспект, пак, 2014 година треба што побргу да се заборави. Економските параметри кои најмногу ги интересираат граѓаните, а тоа се невработеноста и стандардот на живеење се влошени.

Во годината што е зад нас добро и одеше на Владата со привлекувањето странските инвестиции, стартуваа неколку компании за автомобилски делови, како Амфенол во Кочани, Марккарт во Велес, на крајот на годината најавија и фабрика во Охрид. Постоечките странски компании во земјава пуштаа огласи дека бараат илјадници работници, сепак некое поголемо раздвижување на пазарот на трудот нема.

Така според податоците на Агенцијата за вработување, бројот на невработени лица за ноември 2014 ( за кога има податоци), во споредба со истиот период 2013 година е зголемен. Во ноември 2013 година се регистрирани 216.000 невработени и лица кои бараат работа, додека во истиот месец 2014 годинава во оваа категорија на граѓани се нашле 225.000 граѓани, што е зголемување за 9.000 невработени.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците за живот останал ист.

И во 2014 годинава голем е дефицитот на социјалните фондови. Така секоја година од државниот буџет се префрлаат стотици милиони евра за да можат да се исплатат пензиите. Она што ја одбележа 2014 година во оваа насока е што Владата со два закони се обиде да го ублажи овој недостиг. Првиот потег беше со измените во законот за породилното отсуство, со кој предлагачот бараше фирмите да ги плаќаат родилките, а подоцна Фондот за здравствено осигурување да им ги враќа парите на фирмите. Годишно по овој основ од Фондот за здравствено осигурување се плаќаа по 40-тина милиони евра. Овој закон не доби зелено светло од Владата.

Вториот закон во оваа насока е оданочување на хонорарите на околу 120.000 граѓани. Со оваа мерка министерот Зоран Ставревски вели дека сите подеднакво ќе придонесуваат во системот за здравствено осигурување. Од оваа мерка се очекува наредната година да се инкасираат околу 50 милиони евра.

Petar Gosev intervju slika

Петар Гошев

 

Долгот постојано се зголемува. Податоци за внатрешната и за надворешната задолженост скоро и да нема. Владата објавува некоја формулација како долг на централната банка што ни оддалеку не ја прикажува вкупната задолженост на земјата. Според Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на Народната банка, јавниот долг изнесува над 3 милијарди евра и е повеќе од 40% од БДП, што за македонската економија е неодржливо.

Владата во изминатава година постави рекорд во задолжувањето. Со издавањето на еврообврзницата во јули државата се задолжи со 670 милиони евра. Ова е најголемо задолжување во историјата на самостојна Македонија. Со еден потпис  се задолжи државата со околу 10% од бруто домашниот производ.

Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)