Денешна дата
24/10/2017

На божиќна посета кај децата без родители: За празници се, но што потоа?

 

Ни требаше речи си половина час разговор за да ја добиеме довербата на идните актери, фудбалери и балерини од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје при нашата посета, на највеселиот христијански празник, Христовото раѓање-Божик. А тие навидум весели девојчиња и момци но во исто време плашливи, срамежливи а кај помалечките видовме и по некоја солза додека сите заедно ја подготвуваа празничната атмосфера во домот.

„Јас воопшто не се срамам, но ете јас помалку зборувам од другите“, ни вели едно дванаесет годишно момче што за себе сака да каже дека е идниот фудбалер на фудбалскиот клуб Барселона. 

Директорката на домот, Ристенка Атанасова вели дека за деца кои останале без своето семејство нормално е да се чувствуваат осамени, иако, според нејзиното искуство, после две, три недели дечињата се навикнуваат на средината во која што доаѓаат.

 

За празникот после свечениот ручек и нашата посета, најмалечките посакаа да одат во зоолошка градина, девојчињата на зумба танц или во слаткарница а сите заедно да одат во посета на црква. А, на свечената трпеза освен секаков вид месо, зеленчук и ајвар го имаше и нивното омилено јадење-ќебапчиња кои, годинава, за нив ги подготви донатор на позната скопска кафеана.

Не сакаат многу, љубовта им е најважна

Празничната атмосфера е малку поматена поради лошото време и неможноста децата да заминат на традиционалното божиќно патување во Прилеп во соработка со Светската детска амбасада. Но, тоа не беше причина идната дванаесет годишна танчерка по модерни танци да ни каже дека во новата година најмногу посакува љубов.

„Кога ќе пораснам би сакала да играм модерни танци, но годинава се што сакам е да имам љубов“, ни вели таа.

 

Но, и без материјалните работи не се може. Ако не се донаторите, вели Атанасова, со буџетот со кој што располагаат, нема да можат да ги исполнат задачите што им се дадени. Почнувајќи од новата фасада и новата кујна па се до новите купатила, сето тоа е благодараение на хуманите луѓе кои никогаш не ги забораваат децата кои останале без родителска љубов и поддршка. Директорката на домот Атанасова вели дека буџетот не може да го покрие сето она што им фали на децата.

 

Во домот им е убаво, но стравуваат за неизвесната судбина

 

Во домот „11 Октомври“ имаа 55 деца поделени во седум семејства и според нивните кажувања, тие во домот имаат се што им треба.

Но, што по навршените осумнаесет години или по завршувањето на средното училиште кога по закон мора да го напуштат домот?

 

Додека сме овде имаме се, но проблемот е што кога ќе излеземе од тука, со загрижено лице не прашува матурантот кој се надева дека „Дневникот на лудиот“ од Гогољ ќе биде доволен за почеток на студиите на Академијата за драмски уметности.

„Привелегиите што ги имаме се само еден отсто наспроти оние 99 отсто предизвици што не чекаат во секојдневниот живот. Да бидам искрен и меѓу нас има луѓе кои би сакале да ги користат привелегиите и да се вработат во државна администрација, но немаат соодветно образование, а некои од нив ниту се пријавуваат на огласите за вработување и добивање стан“, вели идниот актер, штитеник во домот „11 Октомври“.

Но, со него не се согласува дваесетгодишниот Митко кој веќе две години не е во домот, а кого го сретнавме пред вратата на домот таман кога се поздравивме со нашите домаќини и си разменивме честитки за празниците.

„Кога дојде време ми кажаа да си ги соберам работите и да си одам. И јас си отидов. Не знаев кај одам. Немав работа, немав стан. Се погоди да знам пријател со кој другарував додека бев во домот кој првично ми помогна да најдам стан под кирија. Сега работам во дискотека само за бакшиш. Плаќам без малку сто евра за кирија. Но, кај се другите трошоци, каде се другите потреби? Еден ланец на маркети еве веќе пет години не вработува деца без родители. Не толку едноставно колку што се чини. Но, ете јас завршив курс за компјутери, ми дадоа лиценца за работа. Сега чекам да ме викнат“, вели Митко.

Го напуштивме домот со поделени чувства. Смирени затоа што сепак стотици деца кои останале без родителска грижа не се на улица, но и вознемирени не можејќи да прифатиме дека за ваквите деца не може да се направи повеќе.

Во 2015 предвидени вработувања на 30 деца без родители

 

Владата на крајот на 2014 година го објави огласот за вработување на деца без родители во рамките на програмата Д10 преку која во 2015 година ќе бидат вработени триесет деца без родители. Владата на децата без родители им овозможува и еднократна парична помош од 3000 евра по излегувањето од домот како и 200 до 400 евра месечна парична помош за студентите која во моментов ја користат 137 студенти. Од нив 134 добиле и социјални станови.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk