Денешна дата
21/08/2017

Брод без компас и со пијан екипаж

Јадни новинари и уредници на корумпирани медиуми, како папагали по цел ден се приморани да го имитираат Груевски или Ставревски дека сме биле трета растечка економија во Европа!!! Економистите велат дека тоа може да случи само за некоја хумористична емисија, ама и таму не сакаат црн хумор. Власта упорно настојува луѓето да ги претвори во слепи, глуви и малоумни. Но, факт е дека имаме рекорди. Првиот рекорд може да се види од податоците на Светската банка, каде што 9,1 отсто од жителите на државата (180 илјади луѓе), живеат крајно мизерно со помалку од 40 денари дневно. Да се потсетиме дека во 2006 година тој процент изнесуваше само 4,6 отсто (двојно помалку). И сега имаме држава која двојно се задолжува и двојно се осиромашува! Дури и мизерната Молдавија направила скок, и тоа од 14 отсто екстремно сиромаштија во 2006 година, лани да ја сведе на 4,4 отсто. Веќе три години со ред нашата држава се рангира во друштво на 10 најсиромашни земји на светот и во петте држави со најлоша економија на светот.

Вториот рекорд може да се види од податоците на “ГРЕКО“ и “Транспаренси Интернатионал“, дека сме на врвот на Европа според корупцијата. Третиот рекорд е невработеноста од 30 отсто, иако власта перманентно вештачки брише луѓе од евиденцијата. Стоиме дури полошо и од Мали, и од Бурунди и од Бангладеш (ЕБРД – ИДА и Економист)! Исто така, според податоците на еден институт кои наскоро ќе се објават, нашата држава е рангирана на ниво на европски рекордер по перењето пари. Деновиве “Репортери без граници“ не рангираа на 123 место на светот по слободата на медиумите, во друштво со Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја. Да се потсетиме дека во 2007 година бевме на 34 место. Ова е вистината за рекордите на постојната власт. А ги има уште многу. Сега државата ни е претворена во најголем затвор каде што луѓето живеат само поради тоа што не се мртви. Кај нас злото веќе е примарна вредност. Не постои толку богат јазик на светот кој содржи такви зборови со кои може да се опише оваа наша катастрофа каде што власта не постои поради луѓето, туку луѓето поради власта.

Одделни аналитичари настојувааат ова чудо од владеење да го поистоветат со комунизмот. Па тој беше рај во споредба со оваа подвижна несреќа! Тој систем барем имаше некакви вредности, а овој од темел е создаден од антивредности. Тој имаше идеологија, за разлика од овој чија идеологија се црните пари, од кои не можеме бел ден да видиме. Тој се грижел за луѓето, а овај ги гази, ги осиромашува, ги исселува. Тој бил воден од нормални луѓе, а овој од клептомани. Тој ширел толеранција, а овој омраза и поделби. Тој имаше квалитетно школување, а овој квалитетен хаос. Цели 10 години “успешно“ го реформира образованието, за да ни каже сега дека го деформирал! Тој систем за 24 години (1946 -1970), 12 пати го зголемил животниот стандард, а овој, иако се живо распродаде, стандардот го падна за 40 отсто!!! И на крајот, тој беше систем на едноумие, а овај е систем на безумие.

И така нашиот брод киднапиран од пијани разбојници веќе десет години плови без компас. Наскоро или ќе потоне или ќе удри во карпи. И тука ќе заврши ерата кога се граделе големи споменици за да се намалуваат луѓето. Завршува ерата кога му се пееше на вождот по плоштади и булевари, а тој летал егзалтиран мислејќи дека сонот за вечно владеење му станува достапен. Завршија фингираните тепачки по улиците и автобусите, со кои власта ги полнеше батериите со националистичка енергија. Луѓето сега сфаќаат дека омразата не се запира со омраза, туку со разум. Завршија лагите на ДУИ за консензуален претседател. Завршија одглумените ривалства на двајцата сијамски близнаци. И сега стануваат се понервозни. Упаѓаат по туѓи пресови. Стануваат патетични и агресивни, оти го губат тлото. Не можат да замислата дека ќе ги снема, дека ќе одговараат за тивкиот државен удар заедно со нивните медиумски поддржувачи. Се надевале уште неколку години да не соголат до кожа. За да ни ја испијат и тоа малку крв што ни остана. Сакале и понатаму да продолжат нивната среќа да ја градат врз нашата несреќа, оти толку години нашето плачење го доживувале како нивна песна. Со години се гордеат со тоа од што нормалниот свет се срами.

На сето ова, опозицијата не треба да се однесува како мало дете кое цело време плаче оти му ги зеле играчките. Таа треба да ги организира сите партии, здруженија, бројни интелектуалци и да формира заеднички фронт за спас. Не е доволно со бомби да докажуваат дека лажеле и краделе. Тоа добро го знаат и најтврдокорните вмровци. Го знаат и тие кои со години ги давале ушите под кирија. И тие кои на устите ставиле фластер велејќи дека молчењето е злато, а сега не им остана ни скршен денар! Освен бомби треба и голема пешадија која ќе не спаси од тоталната хаварија. Секој ден станува се подоцна. Секој треба да престане со празната фраза – се во свое време. Мора да биде се во мое време. Бесот е во пораст кај луѓето. Дури и кај нивните гласачи расте потребата за линч, која може и да се случи ако не се дејствува на време. Десет години се наоѓаме или на раскрсница или во кружен тек.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

Оставете коментар

Коментар(и)

bilali@inbox7.mk